500x100-1

Шегата и мајтапот во Старо Куманово

Кумановските шеги и мајтапот се се однесувале главно на сиромаштијата и убавата дружба, а содржат и поучен дел кој наликува на сказните кои секогаш носат наравоучение. Кумановските шеги се слика на нашиот град во кои ако не се „огледаш“ не си вистински жител на градот.

Долготрајната и тешка криза која го зафатила Кралството Југославија долго време се одразувала на доменот на стопанисувањето, кое го зафатило и Куманово. Во тоа време кумановците работеле слабо и немале пари, но тоа не ги спречувало празниците да ги поминат во забава и шега. Не попусто велат старите дека не секогаш парите се причина за да се помине убаво, понекогаш е до луѓето, велат тие. Кумановскиот крај е полн со шеги кои во себе освен што го носат мајтапот, сепак се составени и од дел кој секогаш носи некое наравоучение.

Дали ви се случило, денес, да видите пред вас некоја банкнота и да ја земете, а потоа да забележите дека банкнотата е исечена од книгите на децата и да гледате во кое ќоше да се сокриете за да ја проверите? Ова не се воопшто нова шега, туку е шега карактеристични за Старо Куманово кога занаетчиите и трговците во чаршијата земале поздрав паричник, го полнеле со „среќки“ од тогашната лотарија кои личеле на крупни тогашни банкноти и го фрлеле пред својот дуќан, а потоа им се смееле на сите луѓе кои ќе посегнале по паричникот. Исто така оваа шега имала и друга варијатна, па така калфите или мајсторите знаеле да го фрлат паричникот на асфалт и скриени да чекаат некој да го земе, откако ќе го земел после десетина метри тие излегувале пред него и барале да им го врати паричникот. Најпрво, човекот негирал дека го нашол паричникот и сериозно тврдел дека парите се негови, сѐ додека мајсторот нѐ изговорел „Погледни ги паре бе, токмак, тија су лозове, а не паре“. Па така тој посрамен само гледал лево-десно да најде некое „путинче“ за да се сокрие и да си замине.

Меѓутоа, кумановската шега не ги изоставала ниту оние кои доаѓале во Куманово по работа. Во тоа време од планинските села иделе Арнаути кои биле целосно сиромашни и живееле од косење на трева, жнеење, помагање при вршидба и сл. На овие луѓе, како што се раскажува во чаршијата понекогаш единствената храна им била сол и леб. Меѓутоа, кумановците и тоа не ги спречувало да се пошегуваат, па често ако некој од Арнаутите дошол кај нив да бара работа тие го испраќале кај Донковица која била вдовица на Донко житар и трговец, па му кажувале дека таа има ливада за косење. Меѓутоа, Донковица живеела во градска куќа која воопшто ѝ немала двор, па кога ќе им ја отворела вратата и ќе забележела дека повторно се зафркаваат со неа им велела: „Немам никаква работа, нити ливада, луѓе, но жените на тие што ве пратиле кај мене, имаат убави ливади за косење. Одете кај нив“. Ова е само еден од многуте примери за кумановците и нивниот „усет“ за „мрсна шега“.

Особено познат по своите мрсни шеги и вицеви во Старо Куманово бил и Борис Христовски-Љушка, кој бил шивач, а неговиот дуќан кој се наоѓал веднаш до Стопанска банка, бил место каде се празнувало кажувајќи секакви шеги. Борис бил интелигентен човек кој бил талентиран за раскажување и способен да ја поднесе „мрсната шега“ и на своја кожа. Во тоа време  на беспатрица на кумановците им бил доволен дуќанот на Борис , убавата безгрижна шега и по некоја чашка ракија за празникот да поммине во смеа. Времето на беспарицата во Куманово било време на создавање на своја автентична култура која денес го издвојува Куманово од сите други градови во Македонија. Меѓутоа, во Куманово како што e и денес и порано важело правилото дека не може да станеш почесен кумановец доколку не си дадеш (се мислело да се почасти со некоја пијачка), па така во дуќанот на Борис често доаѓал некој дервиш кој сите кумановци знаеле да го испочитуваат со сите „салтанати“, а тој никогаш не сакал нив да ги почасти, па затоа решиле да му се осветат. Еднаш кога дошол дервишот да се напиие чај во дуќанот, сите се собрале и тогаш Љушка го прашал дервишот: „Ој, дервиш, живти алах, зашто гу носиш туј браду?“. На тоа дервишот му одговорил дека ја носи брадата затоа што така му налага законот, а на истото Борис му одговорил: „А такој ли је, бре, дервиш, зар не беше поубаво алах брадуту да ти гу беше насадил на гузицу, ќе можеш да си седиш на меко, како на јастуче“. После ова не само што дервишот никогаш не се вратил во чаршијата, туку и сите кумановци си ја научиле лекцијата дека за да се биде „прав кумановац“ мора да се даде. Многу е тешко викаат кумановци кога чаршијата ќе почне некој да го „жвака и прежвакува“, да го „меле и дроби“.  Исто така уште една од шегите во Старо Куманово била и шегата „Плати Либе“, односно оваа шега се однесувала на Павлина, жената на Трајче Ковачев кој бил познат трговец. Тој одејќи низ светот видел дека надвор од Македонија луѓето имале касиерки во своите дуќани, па тој еден ден решил Павлина да ја постави за касиерка и постојано и викал „либе плати 10 денари, либе плати 20 денари“, сѐ додека Павлина не му рекла дека веќе нема со што да плаќа оти касата е празна. Тогаш настанала огромна смеа, бидејќи Трајче наместо наплати и велел плати, а таа ја испразнила нивната каса и сите биле почастени.

Исто така препознатлива фигура за шегата во Куманово е и Трајко Пачков, кој во времето кога бил „началник на просвету“ му се јавил на некој директор на училиште и му рекол дека во Општинската сала во Куманово ќе се одржи собир за сите директори на училишта со високи претставници и од Скопје, па затоа го поканил веднаш да дојде во Општината. Арно ама, во истото време му се јавил на домарот во Општината и му рекол кога ќе дојде директорот да го преупати кон Соколана, а во меѓувреме им рекол тие од Соколана да го преупатат во Домот на ЈНА, каде пак го преупатиле во Кумановската бања. Сиротиот човек брзал до дома да земе велосипед за да не задоцни на важниот собир, но кога стигнал таму увидел дека нема никој и му станало сосема јасно дека „се лизнал“ на шегата на Пачков. Меѓутоа и Трајко Пачков не останал недопрен, еднаш неговите другари Мико, Севда и Бранко Шинка, додека Пачков отишол во Сараево за да ја земе неговата жена, заминале во неговиот двор и му ги земале кокошките за да ги зготват за вечера. Потоа го повикале Пачков да дојде на вечера и го нуделе да се најаде од кокошките и да се чувствува како дома. Арно ама кога тој заминал дома, забележалл дека се работи за неговите кокошки. Сепак Пачков бил човек кој не се лутел, затоа што и тој сакал да се шегува, а и сосема бил свесен дека единствениот начин да се надмине тешкотијата на времето е шегата.

Сепак, иако кумановските шеги во себе содржат мајтап, а често и исмејување, тие се карактеристични сами по себе бидејќи изворот на нивното создавање воглавно била сиромаштијата и убавата дружба, а содржат и поучен дел кој наликува на сказните кои секогаш носат наравоучение. Кумановските шеги се слика на нашиот град во кои ако не се „огледаш“ не си вистински жител на градот.

(Извор-Петар Трајковски „Старо Куманово“)

Фросина Марковска