25. 03. 2020 14:25

Целосен карантин и поголема стручна и медицинска помош, побара Димитриевски

Целосен карантин и поголема стручна и медицинска помош, побара Димитриевски

Градоначалникот на Куманово Масим Димитриевски, денеска го повтори барањето да се воведе целосен карантин во градот, а истовремено побара поголема поддршка и стручна помош од Министертството за здравство.

Тој истовремено ги информираше граѓаните дека сите пациенти кои не се со симптоми на вирусот Ковид-19, туку само со покачена температура и слично, ќе бидат упатени на Одделението за уво, грло и нос, во Општата болница Куманово.

Општината стои на своето барање во Куманово да се прогласи карантинска зона и дополнително вршење на дезинфекција на сите тие пунктови. Паралелно ќе има и дополнителна дезинфекција на сите оние локации кадешто живеат лицата позитивни на тестовите. И она што е најважно за мене во моментот, апел до комисијата за здравство, да обезбедат дополнителен број на епидемиолози и друг технички персонал, каде што ќе мора да се вршат поголем број на контроли и тестови на граѓани за кои има сомнение дека покажуваат знаци на вирусот,-додаде градоначалникот Димитриевски.

Согласно на вчерашната одлука на Владата да се ограничи градскиот и меѓуградскиот превоз во Куманово, Димитриевски, рече дека тие како Општина им стојат на располагање на фирмите за изнаоѓање на заеднички решенија, но доколку тоа биде во согласност со препораките на Владата.

Доколку патувате во автомобили мора да нoсите заштитни маски и заштитни ракавици и средства за дезинфекција. Мене ми е јасно дека се соочуваме со тој проблем, дека голем број на работници не можат да пристигнат на работните места. Одредени фирми коишто функциноираат на територија на градот имаат организирано свои превози. Се договараме како тоа да го изведуваат, тука влегува и општината со свои ресурси. Ние имаме минибус којшто го даваме на располагање на институции и фирми на коишто им е потребно. Но сето тоа треба да биде во рамките на препораките од Владата,- вели тој.

Општинскиот кризен штаб ја задолжи Општината да направи дополнителна набавка на заштитна опрема (маски, очила, униформи), средсатва за дезинфекција и опрема за дезинфекција ( пумпи и возила).

Се препорачува на сите маркети кои вршат трговија на прехрамбени продукти да воведат телефони за нарачка и екипи кои со заштитна опрема ќе вршат достава и наплата на истата.

Исто така, тој посочи дека доколку Владата донесе одлука Куманово да се стави во карантин, дека општината е подготвена да се справи со состојбата.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk