Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Синоќешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово помина во знакот на приновата во семејството Груевски што на присутните им ја соопшти кумот Зоран Ставревски.
Своето скорешно татковство го најави и Влатко Ѓорчев кој соопшти дека во март ќе се роди и неговата ќерка Мартина. Понесен од атмосферата Ѓорчев наведе уште неколку имиња на членови на Владата-министри и други владини чиновници чии сопруги ќе се породат во наредните месеци. Тој воедно ги покани брачните двојки на Куманово да поработат малку повеќе на зголемувањето на наталитетот во државава.
Инаку на трибината Ставревски опширно ги опиша резултатите на Владата во досегашниот тек на мандатот - од големиот пад на невработеноста од цели седум проценти до задоволните бизнисмени од владината финансиска помош, насмеаните лица на земјоделците од Струмица, до задоволните пензионери кои на владин трошок ќе уживаат по бањите низ Македонија. Не пропушти да каже дека за добар дел од нереализираните проекти и инвестиции е виновна светската економска криза.
Министерката Гордана Јанкуловска ги потсети кумановците на големата акција ,,Пепел‘‘ во која се приведени 600-тина лица, напишана е кривична пријава од над 150 страници и обелоденет е криминал тежок 60 милиони евра.
Високите владини функционери најавија дека во Куманово во наредниот период ќе има неколку инвестиции, како изградбата на 60 социјални станови во кругот на касарната Христијан Карпош, реновирање и опремување на кумановската болница и асфалтирање на патиштата до селото Пчиња и од селото Стрезовце до Клечовце.