Донирано противпожарно возило за Крива Паланка

22.07.2021 15:49 | Жаклина Цветковска

Противпожарната заедница на општина Загорје на Сава, Словенија, донираше противпожарно возило за ТППЕ од Крива Паланка, во знак на добрата соработка и споделување на искуствата.

Донирано противпожарно возило за Крива Паланка

„Донацијата е значаен придонес во зајакнување на капацитетите на нашата противпожарна единица. Во изминатите неколку години, континуирано работиме на подобрување на техничката опшременост, но и на човечките ресурси. Обезбедена е работна облека и опрема, вработени се 5 нови пожарникари и засилена е координацијата на сите субјекти“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, кој присуствуваше на свеченото предавање на донацијата, истакна дека ова е уште еден доказ за институционалната соработка помеѓу различните институции во државата.

„Ова е доказ и за посветеноста на раковдните лица и соработката со пријателите за да се зголемат нашите капацитети за одговор при секакви предизвици. Крива Паланка е пример за тоа“, рече Максути.

Инаку, за споредба, во Противпожарната заедница на Загорје на Сава има 1600 пожарникари, кои работат на доброволна основа, а од нив 360 се жени. Во секое населено место има противпожарни друштва, опремени со возила и доброволци, кои делуваат превентивно и правовремено.

„Словенија има 150-годишна традиција во противпожарната служба и сме на многу повисоко ниво. Нашата работа не познава граници и ќе продолжиме во наредните години да ги помагаме земјите од бившата СФРЈ, и со опрема и со искуство“, порача Иван Поточник, претседател на Противпожарната заедница на Загорје на Сава.

Пред непол месец, тие донираа возило и на општина Чаир.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk