Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пишува Жаклина Цветковска
Рецензираме текст со наслов „Заев не и дозволил на Нина Ангеловска да си даде оставка?!“, кој е полн со шпекулации, непоткрепени коментари и тенденциозно заземање страна кога се пишува за работата на министерката за финансии, што е во целосна спротивност со етичките новинарски принципи.
Само првата реченица од првиот пасус во текстот, каде се зборува за наводната понудена оставка на Ангеловска која Заев не ја прифатил, е од информативен карактер. Сето останато во целиот напис е авторски коментар, што се коси со членот 4 од Кодексот на новинарите, каде јасно е наведено дека новинарот мора да направи разграничување помеѓу веста и коментарот, односно фактите и мислењето.
Не е направен обид, или барем од написот не може да се види дека е направен обид да се добие став за причините за информацијата што е лиферувана, дека Ангеловска понудила своја оставка. Наспроти тоа, се шпекулира и се нагаѓаат причините.
„Дали се работело за суета, навреденост или обид да се избега од празната каса од страна на министерката, не ни е познато“, се коментира во дел од текстот. Наместо да се прашува и да се даваат претпоставки, изјава од министерката за финансии во која таа ќе даде појаснување, би била соодветен начин на покривање на проблематиката барем на најелементарно професионално ниво.
Присуството на најмалку два извори, односно аргументи од засегнатите страни, балансираност во известувањето и пренесување на проверени информации е основна задача на новинарот, а особено кога некој е прозван од непотврдени, анонимни извори, како што е наведено во член 1 Кодексот на новинарите на Македонија.
Очигледно се работи за лажна вест, нема ништо такво, одговори министерката Нина Ангеловска за изнесените инсинуации во врска со нејзината наводна оставка.
Понатаму во текстот, авторот се осврнува и на видео отчетот на Ангеловска постиран на нејзината фејсбук страница, но не ги токува 38-те топ реализирани проекти, туку ја квалификува нејзината работа како „политичко самоубиство“, единствено врз основа на сопствена субјективна проценка.
Министерката Ангеловска за vistinomer.mk појасни:
„Видеото е едноставно отчет за сработеното во изминатите 10 месеци откако сум на позцијата.Секогаш е добро да застанеме и да видиме што сме сработиле. Тоа го направивме со тимот и дел од истото го споделивме со граѓаните и јавноста.“
Новинарот има право да ги анализира и коментира владините мерки, вклучително и на важен сектор, каков што се финансиите, но тоа мора да бидат аналитички информации, поткрепени со експертиза од релевантни извори и достапни информации,а пред се, со добро познавање на опсервираната област.
Тенденциозна е и фотографијата под текстот, преземена од ФБ страницата на Ангеловска со нејзин коментар „Ретко појадувам, ама кога го правам тоа, сакам да е домашно“, насочена кон кампањата „Купувам домашно“.
Фотографијата воопшто не соодветствува со текстот, а авторот ја искористил за да манипулира со јавноста, со непримерен коментар:„ Како и да е, министерката Нина уште некој ден останува во својот кабинет, каде не знаеме што се работи, но знаеме што се појадува. Нека и е на здравје!“.