Мени

ЛЕКЦИИ ОД ПЕПЕЛТА

20.06.2026 11:55 | м-р Муарем Шакировски - Ганди
м-р Муарем Шакировски - Ганди

Секое лето, со првите високи температури и силното сонце, соочени сме со истата слика која предизвикува немир кај секој од нас, густ чад на хоризонтот, звукот на сирените низ кумановските улици и нерамната битка со огнената стихија. Но, дали навистина до крај разбираме што е пожарот, како настанува и каква долготрајна катастрофа остава зад себе?

Наједноставно кажано, пожарот на отворен простор не е несреќна случка, туку неконтролиран процес на горење. За да отпочне секој пожар, потребно е во исто време да се исполнат три основни услови: прво, да има материја што лесно гори (како што е сувата трева, лисјата и гранките), второ да има кислород во воздухот кој го поддржува тоа горење, и трето силен надворешен импулс, односно искра или топлина. И додека природата сама по себе ги обезбедува првите два услови преку летните суши, таа кобна трета алка, искрата, често е производ на човекот.

Пожарите во безбедносната литература често ги нарекуваме „тивок убиец“ или убиец без моментално видливи жртви. Ова е така затоа што луѓето обично ја мерат штетата само според она што изгорело во моментот. Вистинските последици, за жал, ги чувствуваме со години по згаснувањето на пламенот, и тоа низ три клучни аспекти: здравствено, природно и економско уништување.

Од здравствен аспект, чадот, саѓите и отровните гасови што се ослободуваат при палењето на шумите не исчезнуваат со првиот ветер. Овој контаминиран воздух со недели се задржува во атмосферата и директно удира врз белите дробови и срцето на граѓаните, предизвикувајќи долгорочни хронични заболувања.

Природата пак, трпи удари од кои тешко се закрепнува. Кога огнот беснее, екстремно високите температури буквално ја „стерилизираат“ земјата. Тоа значи дека се убиваат сите корисни микроорганизми кои ја прават почвата плодна и жива. Пожарот го уништува процесот на создавање хумус и ја прави земјата биолошки мртва. За да се вратат примарните функции на вака деградираното земјиште, потребни се неверојатни 70 - 80 години, а за шумата да се врати во својот полн капацитет повеќе од една деценија. Покрај тоа, шумите се нашиот природен штит од ерозија, одрони и порои. Кога ќе ги соголиме ридовите, секој следен силен дожд носи опасност од катастрофални поплави за пониските населени места.

Економската штета е приказна за себе. Процесот на утврдување на штетите е исклучително сложен. Постојат директни штети, како што е изгубениот прираст на дрвната маса за наредните 15 години, кој редовно изнесува милијарди денари.

Кога ќе ја погледнеме статистиката на ниво на Македонија, бројките се застрашувачки. Официјалните податоци велат дека околу 65% од пожарите кај нас се должат на чисто невнимание, 10% се намерно предизвикани од пиромани, а само околу 2% настануваат од природни фактори (како удар од гром). За една четвртина од пожарите причината останува непозната, што укажува на тоа колку е тешко да се обезбедат докази и траги на самиот терен.

Црната хроника не потсетува на кризната 2021 година, кога Владата мораше да прогласи 30 дневна кризна состојба на целата територија. Тогаш, во периодот од јуни до септември, имаше 142 големи шумски пожари кои зафатија над 11.000 хектари. Опожарената дрвна маса изнесуваше речиси половина милион кубни метри, а чистата материјална штета надмина 37 милиони евра! Гореа дрвја стари од 1 до 100 години, главно во мешани и листопадни шуми. Тоа се огромни пари, наместо да завршат за нови асфалтирани улици, паркови, градинки или училишта, буквално се претвораат во пепел.

Во рекордната 2024 година, пак, се соочивме со уште еден проблем. Европскиот сателитски систем (EFFIS) објави дека во Македонија изгореле рекордни 95.000 хектари површина колку претходните десет години заедно. Домашното претпријатие „Национални шуми“ излезе со бројка од околу 61.000 хектари. Овој јаз доаѓа затоа што Европа преку сателит го брои секое црно петно (вклучително пасишта и ниска трева), додека нашите институции ги бројат само чистите стопански шумски комплекси. Но, без разлика на математиката, лекцијата е иста. Најдобар доказ за тоа е 2022 година тогаш изгоре помала површина, но надлежните ја прогласија за економски најпогубна бидејќи огнот ги голтна најквалитетните и најскапите дрвни масиви во државата. А бруталниот потсетник од летото 2025 година со пожарот на планината Готен покажа дека кога работата ќе излезе од контрола, мораме да молиме за странски авиони од други држави за да ги спасиме куќите во подножјето на планините.

Пожарите – тивкиот убиец на нашето Куманово

Но, да се вратиме дома и да погледнеме во нашиот двор. Ланскиот шокантен рекорд, кога на територијата на Куманово беа регистрирани дури 13 активни пожари во еден единствен ден, е црвен аларм кој не смееме да го игнорираме ова лето.

Од чист безбедносен и криминалистички аспект, многу е мала веројатноста природата сама да генерира 13 различни жаришта во рок од 24 часа. Ова не е случајност ова е брутален доказ за човечка неодговорност. Тоа се наши сограѓани кои свесно или несвесно палат стрништа и плевел за да ги исчистат нивите по жетвата, па ветрот го пренесува огнот во шумата. Тоа се излетници кои оставаат незгаснати огништа по излетите за викенд, собирачи на плодови кои фрлаат догорчиња и транзитни патници кои фрлаат неизгаснати цигари низ прозорците на своите автомобили.

Превенцијата за ова лето мора да започне веднаш, а институционалниот систем мора да дејствува координирано и проактивно, наместо само да излегува на терен кога штетата е веќе направена. Како што вели една стара изрека од нашиот северен сосед: „Боље спречити него лечити“. Потребни се континуирани јавни кампањи, директни разговори со земјоделците и жителите во руралните средини, како и постојано информирање за опасностите од палење стрништа, отпад и оган на отворено. Истовремено, Министерството за внатрешни работи треба значително да го засили патролирањето во ризичните подрачја, особено во деновите со екстремно високи температури. Видливото присуство на полицијата на терен има силен превентивен ефект и може да спречи многу пожари уште пред да настанат. Дополнително, неопходно е редовно расчистување на сувата вегетација, дивите депонии и запуштените површини кои претставуваат потенцијално гориво за огнената стихија.

На крајот, се се сведува на нашата лична свест. Секој земјоделец, излетник и граѓанин на Куманово мора да сфати дека една искра е доволна да направи штета која ниту три генерации по нас нема да можат да ја поправат. Многу е полесно и поевтино да спречиме да дојде до оган, отколку со денови да ја гледаме пепелта од нашите шуми. Куманово е нашиот заеднички дом, а неговите зелени површини се нашите бели дробови. Да не си го палиме сопствениот дом заради мрзливост или невнимание, лекциите од пепелта се премногу скапи за да ги учиме секое лето одново.

 

м-р Муарем Шакировски - Ганди, м-р по криминалистика

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*