Не постојат неосвоиви тврдини, постојат само лоши напаѓачи !!!
Јас како еден од два милиона ќе ти се спротивставам на планот и ќе се вклучам во одбрана на нашата тврдина, со борба против твојата. Се ставам целосно на страната која ќе се бори против сиромаштијата, невработеноста, несигурноста, колективната апатија и летергија, против несреќата и болката на поданиците во тврдината.
Почитувани мои сограѓани, дали барем еднаш во текот на денот сте се запрашале, колку малку ни е потребно во животот да бидеме среќни, а колку е чудно, колку тоа малку ни недостасува.
Секој од нас-обичните луѓе, во средношколските клупи или во факултетските амфитеатри, па и на улицата се имаме сретнато со историјата на народите, односно сме имале можност да чуеме за нивните држави, религии, уредувања и традиции. Поаѓајки од древните цивилизации Месопотамија, Египет, Персија, Кина, преку античка Грција и Александровата Македонија, па преку Римската империја, Христијанството, Средниот век, хуманизмот и ренесансата, националните држави.....па се до ден денес во време на модерни и современи држави кои се демократски уредени, - научивме дека секој си го чува, брани и сака своето.
Меѓутоа, за да се сака, чува и брани својата држава, народот и религијата треба да се идентификуваш со нив, да бидеш неразделив дел од нив, нивната суштина и бит. Ако е таква работата, сега се прашувам дали големите фараони од Египет, големите императори на Рим и големите војсководци од Средниот век биле барем малку слични со нашиот ни Премиер - ”чувар на нашата тврдина”.
Денеска нашиот фараон, крал, император, цар, месија, да не заборавив нешто, а да се извинувам нашиот војвода, генерал, капетан, војсководец...итн.итн...,(којзнае што уште не) навистина ја брани, сака и чува нашата тврдина (Република Македонија). Тврдина во која живеат 2 милиони верни поданици, кои верно му служат на својот чувар, задоволни од благодетите што ги дава животот внатре во тврдината. Едноставно животот е преубав, насекаде среќни, задоволни и насмејани лица. Па како и нема да бидат кога уште малку и оваа наша тврдина ќе биде центар на светот, ветена земја, силиконска долина, најпосакуваното место за живеење. Но, само да расчистиме уште со Американците, Европјаните, Грците и уште со по некои поситни и послаби непријатели и се ќе биде во ред, а да се разбереме ние имаме многу непријатели...
Мислите нашиот “чувар на тврдината” не може се справи со сите нив? Па тој не е наивен како Милошевиќ, Садам Хусеин, или некој од диктаторите од Арапскиот свет на пр. Гадафи. Нашиот “чувар на тврдината” изнајде брилијантна офанзивно-дефанзивна тактика за одбрана и победа на тврдината, која гарант е победничка.
Му текна да ги доведе скоро сите познати херои од македонската историја на едно единствено место “Скопје 2014”. Затоа сега е лесно, кој може со нас, па тука се Александар Македонски со фалангата и со неговиот татко Филип, па Гемиџиите, Гоце Делчев и Даме Груев, со нас се Ченто и Карпош, па лавовите и бикот, сите спремни ко затната пушка. Ако недај боже, нешто не оди по планот, на бојното поле напаѓа Шмизлата.Таа ќе го заведе непријателот со својот шарм и сексапил, ќе го стави на колена, по што нашиот “чувар на тврдината” ќе ги покрене војската од Музејот на ВМРО да го докрајчат опиениот од занес непријател.
Доаѓањето на нашите “СПАСИТЕЛИ” во денешницата е навистина многу, многу ама многу скапо, можеби и затоа до сега ниеден чувар на тврдина во светот не успеал да направи такво нешто. Ама нашиот успеа, и тоа многу едноставно - СО ПАРИТЕ НА СВОИТЕ ПОДАНИЦИ, точно 2 милиона на број.
Сега не е битно што поданиците живеат се помизерно, посиромашно и понесреќно, не е битно што секој ден се чудат како да ги платат сметките за струја, храна, облека, бензин, кои енормно растат. Се извинувам, да не ја заборавам дека стига и по некојата казничка во меѓувреме, а СЕПАК ДАЛЕКУ Е ПРВИ.
Според таа логика не е битен мизерниот животот на поданиците со победничкиот план на“чуварот на тврдината” – па на крајот на краиштата тие се само поданици, кои не мораат да јадат, да се грејат и да се облекуваат секој ден, тие мора да слушаат, да гладуваат и работат се за својата тврдина и својот чувар.
Ама, кога ќе победи „спасителот„, тогаш сите заедно победнички ќе поминеме низ Триумфалната порта која си ја има направено и ќе заборавиме на сметките, на храната и на сиромаштијата, “чуварот на тврдината” на се мисли. Секоја чест!
Сега сигурно заради исполнување на генијалниот план “чуварот на тврдината” ќе побара уште еден мандат од 4 години за да ја одбрани тврдината. За да можеме 2014 година сите да се комплетираме, спремни, посилни и побројни да се справиме со непријателот за век и векови.
Но, чувару на тврдината, ова се ми изгледа како во песната на групата Бело Дугме-“СВЕ У КОРИСТ ТВОЈЕ ШТЕТЕ, САМО ТВОЈЕ АЛ И МОЈЕ”. Епа се извинувам, ама јас како твој поданик од тврдината, еден од 2-та милиона ќе ти се спротивставам на планот и ќе се вклучам во одбрана на нашата тврдина, со борба против твојата. Се ставам целосно на страната која ќе се бори против сиромаштијата, невработеноста, несигурноста, колективната апатија и летергија, против несреќата и болката на поданиците во тврдината.
Ќе бидам на страната која ќе ја победи твојата политика и неправда - ТВОЈАТА ТВРДИНА ЌЕ ПАДНЕ !!!
Ќе падне бидејќи “Голема е несреќата кога човекот не знае што сака, а вистинска катастрофа е кога незнае што може” – ти нити знаеш, а уште помалку можеш да ја одбраниш и чуваш нашата тврдина.
Твоето заминување “чувару на тврдината” – Премиере Никола Груевски – е она малку што им недостига на поданиците, за да бидат среќни. Оди си – дозволи им на луѓето да бидат среќни !!!
Секретар на СДСМ Куманово
Мартин Костовски, Мартин Костовски
Други колумни од Мартин Костовски
Ново „некоректно“ мнозинство
02.04.2022
Популизам да или сепак не?
05.02.2022
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*