Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од регионалните центри на Штип, Куманово, Струмица и Тетово, викендов во Свети Николе имаа средба со раководството на Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), при што разговараа за состојбите во локалните и регионалните медиуми.
Претседател Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски информираа дека ЗНМ е во преговори со Владата за формирање на Фонд за поддршка на локалните и регионални електронски медиуми, кој новинарите подолг период го бараат.
„Разговорите на оваа тема се започнати со претходната и продолжуваат со оваа влада и се на најдобар пат за нивна позитивна разрешница. Ако дојде до формирање на овој фонд, електронските медиуми ќе конкурираат со проекти од јавен интерес и со тоа директно ќе поддржи нивното работење“, изјави Чадиковски.
Новинарите од „внатрешноста“ го изразија незадоволството од фактот дека во Управиот одбор и во другите органи и тела на Здружението на новинари на Македонија нема ниту еден член од нивните редови. Раководството вети дека за Изборното собрание кое ќе се одржи во месец декември годинава ќе се бара модел кој ќе гарантира најмалку едно место во УО на ЗНМ во наредниот мандат.
„Најмалку 30 проценти од членството на ЗНМ е од медиумите надвор од Скопје, тие заслужуваат учество со најмалку еден свој член во највисокиот орган на здружението, а ние ќе најдеме модел како тоа да се случи“, рече Драган Секуловски.
На состанокот беше договорено вакви средби да се организираат почесто, се со цел навремено и заеднички да се реагира за проблемите на новинарите, и на локалните и регионални медиуми, кои се наоѓаат во исклучително тешка состојба и се на работ на опстанок.