Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лицата од социјалните семејства, кои се највработливи, можат да бидат ангажирани на пазарот на труд, а за најневработливите категории, пак, предвидени се обуки за зголемување на нивната работоспособност.
Ова е предвидено со Оперативниот план на активни програми и мерки на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за унапредување на социјалната заштита, зголемување на вработливоста на ранливите групи граѓани, особено на жените, но и за градење на човечки капитал како суштествен елемент за напредок на едно општество.
„Оваа година во Оперативниот план на активни програми и мерки, воведени се три нови принципи, односно справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19, поттикнување на рамномерен регионален развој и принципот на диверзитет и инклузивност. Направивме конекција помеѓу Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, со цел да се мапираат највработливите лица од семејствата приматели на гарантирана минимална помош и истите да бидат активирани на пазарот на трудот. Додека пак, за најневработливите, лицата со попреченост, Ромите, ранливите категории на граѓани, овозможивме обуки со кои истите би станале работоспособни“, стакна министерката Јагода Шахпаска, по состанокот со директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Масимилиано Паолучи.
На средбата се разговарало и за можностите за активација на што поголем број лица на пазарот на труд, но и за унапредување на капацитетите на институциите.
Во моментов, Министерството за труд и социјална политика, го спроведува Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ), со наменскиот заем во вредност од 28,7 милиони евра, кој Владата на РСМ го доби од Светска Банка. Како дел од првата компонента на овој проект, која има за цел да го зајакне целокупниот систем на обезбедување социјална заштита, потпишани се 19 договори со 24 општини. Како дел од втората компонента, која има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, изградени се две детски градинки, а во изградба се уште 9 градинки.