×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дивите депонии најголем проблем за жителите во Североисточниот регион, покажа истражувањето на Кумановоњуз

    08.06.2021 08:28 | KumanovoNews

    Диви депонии, реки затрупани со ѓубре, преполни контејнери, расфрлан смет, нечисти тротоари и улици е слика од Североисточниот регион, која ја покажа истражувањето на Кумановоњуз за комуналната хигиена во општините, што беше спроведено преку онлајн прашалник.

    Дивите депонии најголем проблем за жителите во Североисточниот регион, покажа истражувањето на Кумановоњуз

    Граѓаните се жалат дека најголем комунален хаос има во Куманово и го посочуваат како еден од највалканите градови во државата, но комунални проблеми има во другите општини. Тие за создавањето на дивите депонии ги обвинуваат несовесните жители и за нив бараат строги и ригорозни казни, но се жалат дека и локалните самоуправи немаат стратегија и визија за решавање на напластените проблеми.

    Ова се главните заклучоци од спроведената анкета во која учествуваа 231 граѓанин од 6-те општини во Североисточниот регион. Најмногу испитаници, односно 77,5% се од Куманово, 11,7% од Крива Паланка, 8,2% од Кратово, а останатите од Ранковце, Липково и Старо Нагоричане. Од нив 51,1% се мажи, а 48,9 % жени. Интересно е што најголем интерес за комуналната хигиена пројавиле младите од 18-35 години, кои се застапени со 42,4 % во анкетата, а потоа следуваат лицата од 36-50 години (41,6%).

    На прашањето каква е комуналната хигиена во вашата општина, дури 72,7 % ја оцениле како лоша, 22,5 % кажале дека е задоволителна, а само 4,8% сметаат дека состојбата е добра. Најголем дел од кумановци, односно 140 од нив се изјасниле дека има лоша комунална хигиена во општината, 38 ја сметаат за задоволителна, а само еден испитаник ја оценил како добра. Иста е оценката и од кратовчани, додека мислењата на кривопаланчани се поделени и подеднакво ја оценуваат состојбата и како лоша и како задоволителна и добра.

    Жителите од останатите 3 општини - Ранковце, Старо Нагоричане и Липково, пак, се едногласни дека се соочуваат со лоша комунална хигиена.

    Сметот во општините главно се собира еднаш или двапати неделно, а само 14,3% од анкетираните одговориле дека во нивните реони се собира на дневна основа. Но, има и укажување од граѓаните дека сметот воопшто не се собира или тоа се случува многу ретко, еднаш во месецот или на неколку месеци, што главно се однесува на селските подрачја. Жителите посочуваат и дека нема доволно контејнери/канти за отпад, како што се изјасниле 80% од испитаниците, а 65,8% укажуваат дека не се врши селекција на отпадот и дека се оди во еден комнтејнер. Само 15% одговориле дека во нивните општини има селекција на отпадот, главно делумна, и дека има посебни котејнери за стакло, пластика, хартија, електронски отпад и слично.

    Граѓаните се поделени и околу задоволството од услугите на јавните комунални претпријатија. Делумно задоволни се 43,3%, а незадоволни се 48,1 %, кои како причина за незадоволството навеле дека комуналците не го собираат редовно сметот, го расфрлаат при собирањето, не ги празнат контејнерите докрај, како и дека отпадот се собира во најфрекфентните часови и го блокира сообраќајот.

    „Сметот се собира само во централното подрачје и на булеварите, а ние од сокачињата мора да го носиме рачно. Контејнерите често се преместуваат и не стојат на предвиденото место, а улиците се полни со песок и градежен шут. Сите плаќаме иста цена за комуналии и сакаме да добиваме иста услуга“, вели жител на Куманово.

    Општините од Североистокот располагаат со градски депонии одговориле 90,5 % од анкетираните, а останатите 9,5%, кои велат дека нема локација. Тие  посочуваат дека комуналниот отпад се депонира каде ќе се стигне, најчесто на локации што се познати како црни точки и се претворени во диви депонии. Сепак, за 55% од анкетираните тие се запуштени и на нив често гори отпад и се шири смрдеа, а околу 32% воопшто не знаат во каква состојба им се депониите во нивните општини.

    Најголемиот проблем со кој не можат да се справат ниту локалните самоуправи, ниту граѓаните, се огромниот број на диви депонии, што ги посочија граѓаните. Нивниот список е многу долг, особено во Кумановско. Како најкритични точки беа мапирани депониите во населбата „Перо Чичо“, кај маркетот „Туш“, Средорек, Пуковско, Искрин мост, Кумановска бања, спомен костурницата Зебрњак, населбите „Карпош“, „Ѓорче Петров“, Бабин дол, Градски кеј, во селата Доброшане, Агино село, Орашац, Зубовце, Војник, Стрезовце, Клечовце, Биљановце, Режановце, Горно и Долно Којнаре, во речните корита на Кумановка, Пчиња и Крива Река и многу други локалитети. За кривопаланчани најголем проблем се депониите кај Пашина воденица, на магистралниот пат кон Деве Баир, кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, речното корито на Дурачка Река, Варовиште, а во Ранковачко депониите во центарот на општината, на регионалниот пат кон село Герман, Петралица, Опила и други. Кратовци, пак, посочуваат диви депонии во Табачка маала, Шлегово, Живалево, Крилатица, а жителите на Липково целото подрачје во општината, а особено дивата депонија на стариот пат Липково-Арачиново, кај селото Никуштак.

    На прашањето кој ги создава дивите депонии, анкетираните ги посочуваат жителите од населбите (46%), сопствениците на трактори и камиони (22,6%), граѓаните од другите населби (18,1%) и градежните фирми (13,3%).

    Главни виновници за постоењето на овие депонии, пак, според одговорите на испитаниците, се несовесните граѓани (34,25), инспекциските служби (24,15), локалните самоуправи (13,55), додека 28,2% сметаат дека за ваквата состојба придонесуваат сите посочени субјекти.

    Ригорозните казни се најсоодветно решение за решавање на проблемот со дивите депонии, посочиле 48,8% од анкетираните. Едукацијата за подигање на свеста кај несовесните граѓани ја гледаат како решение 22,5% од учесниците во анкетата, а превентивните мерки 21,7% од нив. Голем дел од граѓаните сметаат дека е неопходно и обезбедување и контрола на црните точки, поставување на видео камери, чести патроли, но и извршување на општокорисна работа од страна на прекршителите.

    Во однос на селските населби, дури 54,1% од анкетираните не знаат дали се собира сметот во овие подрачја. Речеси 30%, пак, одговориле дека нема организирано собирање на комуналниот отпад во руралните подрачја и дека жителите главно го палат отпадот на нивите, го фрлаат по доловите и речните корита или покрај патиштата.

    Дури 92,2% од учесниците одговориле дека не биле консултирани, ниту пак учествувале на некоја јавна трибина или работилница за управување со отпад во своите општини, а преостанатите 7,8 % претежно биле вклучени во расправи за регионалната депонија за Североисточниот и Источен регион, за селектирање на отпад и заштита на животната средина. Близу 35 % од испитаниците пријавиле проблем поврзан со комуналната хигиена до надлежните служби и тоа главно за диви депонии, градежен шут, ненавремено собирање на сметот, неисчистени улици, палење на отпад, фрлање на медицински отпад во контејнери од населбите и слично. Само 3% од нив, пак, имале позитивен исход за пријавениот проблем, околу 10% негативен, а останатите не добиле никаков одговор.

    Наспроти сите проблеми со комуналниот ред, 68,4% од анкетираните не знаат дали има доволно комунални инспектори во нивната општина. Од останатите, 13% одговориле дека немаат ниту еден комунален инспектор, 7,8% посочиле еден, 2,6 % двајца, а 8,2% кажале дека во нивната општина има повеќе инспектори. Сепак, најголем дел, односно 77,5% од испитаниците воопшто не се задоволни од работата на комуналната инспекција, 19,9% се само делумно, а 2,6% се задоволни. Со оглед на незадоволството, 82,3% сметаат дека е потребно зајакнување на одделенијата за инспекциски надзор за да се зголеми нивната ефикасност.

    Иако, Североисточниот и Источниот регион се првите во државата кои ќе добијат регионална депонија според европски стандарди, сепак мислењата на граѓаните се поделени по прашањето дали таа ќе придонесе за подобрување на управувањето со отпад и заштитата на животната средина. Подеднаков процент, односно по 42% од испитаниците сметаат дека регионалната депонија делумно или видно ќе ја подобри состојбата со комуналната хигиена, а 16,4% дека нема да има позитивни ефекти. Тие сметаат дека истовремено е потребна стратегија за управувањето со отпад, пред, се, активности за подигање на свеста на населението и функционален менаџмент во комуналните претпријатија.

    (Tим на Кумановоњуз)

    (Фотографиите ни ги испратија граѓаните кои учествуваа во истражувањето)