×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Емилија Цветковска: Од поплавата во Стајковци до ново животно поглавје во Минхен

    06.08.2024 08:05 | Сузана Николиќ

    Попусто велат дека сме понежен пол, ние жените го носиме товарот на сопствениот живот, a потоа и на децата и на целото семејство. 

    Емилија Цветковска: Од поплавата во Стајковци до ново животно поглавје во Минхен

    Но, во принцип, не сме свесни за тоа додека животот не нѐ стави на тест. Јас првиот голем предизвик го имав пред осум години кога еден обичен ден ми се претвори пекол и во борба за сопствениот живот, а вториот кога со семејството одлучивме да ја напуштиме државата“, ја почнува својата животна приказна Емилија Цветковска (48) медицинска сестра од Куманово, која стана позната во јавноста како исклучително храбра жена, која успеа да преживее во големата поплава кај скопското село Стајковци, што се случи на 6 август 2016 година. Носена од водената буица, се спаси потпирајќи се на сопствените сили, присебност и одлучност во тие пресудни моменти, што ѝ го сменија животот и ја натераа да размисли како најдобро да ја искористи втората шанса.

    „Кога ќе се најдеш лице во лице со смртта и секунди те делат од неа, сфаќаш дека на овој свет ништо не е повредно од животот и здравјето. Кога успеав да се изборам за уште еден живот одлучив сѐ да менувам од корен. Веќе не сум онаа старата, верувајте.  Го сменив начинот на размислување, ги сменив навиките, си поставив cвои приоритети и не отстапувам од нив“, категорична е Емилија.

    Големата поплава која направи пустош во селото Стајковци, ја затече Емилија на обиколницата кај Скопје,  додека се враќала од работа. Поројните дождови ѝ го повлекле автомобилот од коловозот, а откако излега од него брановите неконтролирано ја носеле повеќе од еден километар. По скоро 3 часовна борба водата ја исфрлила на една чистинка во центарот на селото, каде ги видела првите куќи и побарала помош. Таа вели дека успеала да преживее само затоа што во животот и пред сите тешки одлуки, е истрајна и полна со енергија.

    Емилија по поплавата во Стајковци во 2016 година, со повреди и модринки по целото тело./Фото архива: КумановоЊуз

    Германија нов предизвик за семејството Цветковски
     
    Две години по несреќата Емилија се соочила со нов животен предивик, кога семејството одлучило да ја напушти државата. Го одбрале Минхен, како голем и убав германски град, со многу перспективи. Тоа било голема одлука полна со неизвесност и многу прашања, кои прво требало да ги расчисти пред самата себе, а потоа со сопругот и  децата, и на крај да им соопшти на родителите и на најблиските. Идејата да го остават стариот и  да започнат нов живот била примамлива, но полна со ризици кои можеле да ги расипат плановите и да им го искомплицираат животот. Подготвена да се бори за подобра иднина за себе и за своите три деца, амбициозната Еми ја преземала обврската да го пробива патот и да создава услови за новиот почеток.
     
     „Првин дојдов јас сама и најдов сместување во пансион каде што беа сите нашинци. Не ми беше тешка интеграцијата, бидејќи бев подготвена да успејам. На почетокот работев како патронажна сестра на стари лица. Тоа е всушност посета на стари лица и помагање навремено да земат терапија, пазарење, шетање итн. Работата ме исполнуваше, но ми недостасуваше семејството, прегратките на моите деца, нивните секојдневни радости и проблеми. Се слушавме и се гледавме секојдневно на телефон, доаѓав често кога бев слободна, но сепак тоа не ми беше доволно и тешко ми паѓаше. Не беше лесно да се издржи. После 2 години најдов стан и моето семејство дојде тука. Сега сме сите заедно, среќни и задоволни“, вели Емилија.

    Таа повеќе не работи во патронажната служба, туку во старски дом, каде што се згрижени лица кои остануваат таму до крајот на животот.  Позитивна и вредна, не ѝ било тешко да се вклопи и да ја добие довербата на претпоставените, колегите и на пациентите.
     

    „Кога ја работиш работа што ја сакаш, сѐ ти е лесно. Сега работам во државен старечки дом и се грижам за околу 10 пациенти. Секојдневните обврски се рутина. Ја работам најхуманата работа што може да се работи. Во очите на старите лица ние сме последната надеж во нивниот живот. Не има од секаде, од цел свет. Имам колешки од Африка, Грција, поранешна Југославија, Индонезија, на мојот стационар само јас сум од Македонија.  Добар и квалитетен тим сме. Кога имаш убава и пријатна атмосфера за работа, се е полесно“, додава Еми.
     
    Таа вели дека во Германија работникот е вреднуван и ценет,  а може да напредува само ако е квалитетен. Таму нема поделба по етничка или политичка припадност. Сите се исти,  работат, се дружат, си помагаат. Секој што сака да успее мора да учи, а државата го наградува за тоа.

    Семејството Цветковски има 5 члена. Најстариот син Иван има  25 години и работи во Каритас, Никола (21) на клиника,  а Лазар (14) е одличен ученик во осми клас, по економија. И сопругот  Дејан работел во една клиника,  но сега се посветил на изучување на германскиот јазик заради подобра работа.

    „Си имаме свој живот, си фативме ред сега кога сме сите заедно. Овде сѐ функционира, почнувајќи од здравството, институциите, некако тука се пронаоѓаме. Животот е поубав, без стрес. Минхен е убав град да прошеташ и да се надишеш од чистиот воздух,  затоа што целиот е во зеленило. Велат тука нема слободно време, што не е точно, има ако се организираш добро. Ние често шетаме, посетуваме езера, кампуваме, патуваме. Секој слободен ден го користиме максимално. Од оваа години си имаме уште еден член, кученце померанец Луна, кое ни го направи животот уште поинтересен и поисполнет. Таа е веќе дел од нас,  секаде е со нас и ја обожаваме сите“, раскажува Еми .
     

    Семејството Цветковски/приватна фотографија

    Таа вели дека често се во Македонија, бидејќи релацијата Минхен - Скопје е само 2 часа со авион, особено кога ќе ги фати носталгија и ќе им зафали Куманово.
     
    Трауми од поплавата уште ја следат - Таа ноќ не се заборава

    Еми вели дека големите трауми од поплавата ја следат и денеска, но наоѓа начин да ги надмине. Таа повеќе нема страв од вода, се капе и плива на море, меѓутоа поројните дождови и создаваат немир во душата.
     
    „Таа ноќ не се заборава. Најтешко ми е што бев немоќна да им помогнам на сите луѓе што бараа помош. Е со тој товар тешко се живее. Верувајте ми тоа ми е најтешкото во животот. Да можев ќе помогнев, но во тие моменти немаше ниту време, ниту можност, затоа што и самата се борев за живот, водата ме носеше скоро 3 часа.  Сега кога врне доста сум силна и се трудам да не потклекнам,  но самата душа ме издава, особено ако во тоа време возам кола. Работев во патронажната служба скоро 3 години и поради тие ситуации ја променив работата, сакав да работам во стационар, кога паѓа дожд јас сум на сигурно “, вели Емилија.

    Денеска таа го слави својот осми роденден, бидејќи 6 август го смета за датум на повторното  раѓање.  Дел од нејзините прослави секогаш се и членовите на семејството Крстиќ од Стајковци, кои ја извадија од водата и и го спасија животот. Затоа ги смета за второ семејство.
     
    „Шести август 2016 година е денот кога го почнав мојот нов  живот после 40 години. Да добиеш шанса за нов живот е привилегија, а јас ја имав таа среќа и сега уживам во животот. Секој ден се будам насмеана, среќна, опкружена со луѓето кои ме сакаат и ги сакам. Им помагам на луѓето колку можам и се трудам да им го пренесам сето тоа на моите деца. Хуманоста го прави човекот да се чувствува среќен и исполнет“, вели оваа храбра и пожртвувана жена.


     
    Емилија смета дека луѓето не се свесни  за моќта на природата, додека не ја почувствуваат на своја кожа, а секојдневно сме сведоци за големи трагедии.
     
    „Не случајно старите кажале дека нема играчка со водата и огнот. На 6 август имаше 22 згаснати животи. Никој не ги прашува семејствата како живеат со толкава болка. Но, луѓето не се свесни за тоа, сурови се кон природата и таа ни враќа со иста мерка. Деновиве сме сведоци на големите пожари во нашава држава. Горат цели села, шуми. Ќе треба децении за да се обнови. Тоа е голема и ненадоместлива штета “, смета Емилија.

     Од поплавата во Стајковци до новото животно поглавје во Минхен, Еми покажала што значи вистинска храброст и одлучност, особено на една жена. Нејзината приказна е сведоштво за силата на човечката волја и способноста да се извлече најдоброто од секоја ситуација. Таа продолжува да инспирира со својата непоколеблива волја за живот и својот хуманитарен труд. Токму оваа приказна не потсетува дека секој предизвик може да се претвори во нова можност, ако сме спремни да се бориме за неа.