Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градежниот шут и габаритен отпад се најголем проблем со кој се соочува ЈП„Комуналец“ од Крива Паланка при одржувањето на комуналната хигиена.
Несовесните граѓани го оставаат овој отпад на јавни површини во градот, најчесто до контејнерите и корпите за смет, што создава потешкотии за комуналците при собирањето , нивниот транспорт и депонирањето.
„Ние не сме законски обврзани да го собираме градежниот шут и габаритниот отпад, ниту пак нему му е место на Градската депонија, која е наменета за комунален отпад. Го правиме тоа од единствена причина да имаме комунален ред и чист град“, вели директорот на ЈП„Комуналец“, Миле Марковски.
Тој апелира до граѓаните да се воздржат од негово изнесување и оставање на јавни површини. Ги повикува најпрвин да се консултираат со комуналното претпријатие или општината за се изнајде најсоодветен начин за негово складирање.
„Како претпријатие засега нудиме бесплатна услуга да го подигнеме, транспортираме и депонираме градежниот шут и габаритен отпад, по претходен договор со домаќинствата. Граѓаните треба да се јават и да се договориме во кој период можеме да го транспортираме од нивните домови, а не од јавните површини. Во меѓувреме, општината работи на изнаоѓање на соодветна локација на која ќе се складира овој вид на отпад. Кога ќе се одреди и уреди локацијата, тогаш ќе биде регулирано и собирањето на овој отпад, а граѓаните ќе треба да плаќаат соодветна такса за услугата“, најавува Марковски.
Шут и отпад од домаќинствата може да се сретне и во доловите во приградските населби, но тој не е изразен во толкава мера како во градското подрачје. Поголем проблем е исфрлањето на биоразградливот отпад во контејнерите, со кој тие се полнат за многу кратко време.
„Земја, трева, растенија и друг биоразградлив отпад многу често се исфрла во големи количини во контејнерите и кантите за смет и ги преполнува. Потоа жителите нема каде да го фрлат комуналниот отпад, па така тој се расфрла околу отпадните канти и се разнесува наоколу, оставајќи грда слика за околината. Овој отпад граѓаните треба да го складираат во дворовите и бавчите и да го искористат за ѓубриво. Така, конејнерите ќе имаат поголем капацитет за комуналниот отпад за што се и наменети, градот ќе биде чист, а домаќинствата ќе имаат квалитетна услуга“, потенцира директорот Марковски.
Но, и покрај сите предизвици со кои се соочува Крива Паланка во управувањето со отпад, комуналната состојба е на многу повисоко ниво од останатите општини во Североисточниот регион. Наместо еднаш неделно, како што беше пред две-три години,сега сметот се собира во населбите се собира 2-3 пати неделно, а се интервенира и дополнително, по потреба, на одредени критични локации. Во централното градско подрачје и на заобиколницата кон граничниот премин Деве Баир,пак, отпаднот се собира секој ден. Истовремено, постојано се проширува и опфатот на приградски населби, кои се приклучуваат кон организираното собирање на комунален топад.
„До 2018 година имавме само две возила и трактор. Сега имаме 4 возила за ноќно собирање на сметот и две за дневно собирање во тесни и непристапни улици. За само 2 години обезбедивме вкупно 5 возила наменети исклучиво за собирање на отпад, со што комуналните услуги се многу поквалитетни. Постојано инвестираме и во обезбедување на нови контејнери. Најновата набавка изнесува 192 броја со кои ќе се обноват собирните места во целиот град, а секоја година обебедуваме и по 100-200 канти за отпад од 120 литри, кои на граѓаните им се нудат под поволни услови и на рати“, вели Марковски.
Зголемениот квалитет на управување со отпад е видлив за кривопаланчани, иако заради конфигурацијата на теренот, со тесни и непристапни улици за комуналните возила, не е едноставно да се одржува комуналната хигиена. Истовремено, подигната е и свеста кај граѓаните за зачувување на животната околина, а за тоа придонесуват кампањите и масовните еколошки акции. Недоамна во организираната еколошка акција „Генералка викенд“ беа собрани околу 6 тони отпад и расчистени повеќе диви депонии.
(Жаклина Цветковска)