×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Потребни се длабоки реформи во државната матура, сметаат средношколците во Крива Паланка

    06.08.2024 07:17 | KumanovoNews

    Во последниве години, државната матура е постојано под лупа на јавноста и образовните експерти. Матурантите низ целата земја споделуваат свои искуства и ставови за сегашниот систем на матурата, нагласувајќи дека се потребни длабоки реформи за да се подобри квалитетот на образованието и да се одразат вистинските способности на учениците. 
     

    Потребни се длабоки реформи во државната матура, сметаат средношколците во Крива Паланка

    Средното општинско училиште „Ѓорче Петров” Крива Паланка/ фото: КумановоЊуз

    На иста линија се и средношколците од Средното општинско училиштето „Ѓорче Петров” во Крива Паланка, кои сметаат дека државната матура во сегашниот формат не ги отсликува реалните можности и знаења на учениците, и затоа треба да претрпи промени. 
     
    „Државната матура не ги одразува вистинските способности и знаења на учениците, особено на оние кои се трудат и учат низ четиригодишното образование. Како награда, добиваат многу понизок перцентил ранк и оценки, наспрема оние кои препишувале и ги прекршувале правилата и добиле резултати кои не ги заслужуваат“, вели средношколецот Димитар С.
     
    Неговото мислење го делат и повеќето соученици, поради што се отвора прашањето за правичноста и ефикасноста на сегашниот систем на оценување. 
     
    Иако дел од средношколците заговараат укинување на државната матура, повеќето сметаат дека тоа не е решение, бидејќи тоа ќе ги намали можностите за студирање во странство и да ги зголемат своите шанси за постигнување повисоки академски знаења. 
     
    „Но, ако останува како 'тест' за реалното знаење на учениците, потребни се многу реформи, почнувајќи со преземање одговорност за начинот на кој се оценуваат учениците по матурскиот испит“, објаснува матурантката Ангела Г.
     
    Сегашниот систем на полагање вклучува четири предмети, од кои два се екстерни и два интерни. Системот на предмети е различен во зависност од типот на училиште. Се полага македонски јазик и литература и често вториот избор е англиски јазик. Вторите два интерни тестови зависат од средното училиште. На пример, во средно медицинско се полагаат стручни предмети како биологија, хирургија, гинекологија и акушерство. 
     
    „Треба да се направат промени за техничкото образование, бидејќи учениците учат по сосема различни програми од гимназиското образование. Не е во ред учениците да полагаат според ист концепт ако не учеле по истите наставни програми”, истакнува Ивана Станковска професорка по англиски јазик, во Средното општинско училиштето „Ѓорче Петров” во Крива Паланка. 
     
    Учениците кои немаат афинитети кон одредени науки може да се соочат со проблеми, но најголемиот проблем се екстерните предмети. Според нив потребно е да се издвојат стручните училишта од гимназиските за да се постигне соодветен резултат. Многу ученици сметаат дека материјалот за државна матура е пообемен од оној што го учеле во текот на четирите години.
     
    „Бидејќи учев во средно стручно училиште, можам да кажам дека секој испит што го полагав годинава беше пообемен од материјалот што го учевме четирите години. Програмата по која учевме беше според гимназиска програма, така што би ставила голем акцент на ова, бидејќи секоја година се зборува дека нешто ќе се смени, но никакви промени нема," објаснува матурантката Јана И. од Скопје.
     
    Праксата покажала дека има и ученици кои својата енергија ја насочуваат кон измислување начини како да се препише на тестот, наместо да се научи. 

    Оваа година, државната матура се спроведуваше во спортски сали и училишни холови со цел да се спречи препишувањето, но многу ученици велат дека новата организација не ги дала очекуваните резутати. 
     
    „Овозможи масовно препишување. Би кажала дека секој можен начин да се измисли каде да бидат ставени учениците повторно ќе има препишување, затоа што техничкиот аспект на одвивањето на матурските испити е перфектен на еден лист хартија, но во реалноста ова е само дополнителна нервоза, стрес и неспиење," објаснува средношколката Ангела И.
     
    Оваа година на 1 јули го полагаа вкупно 14.834 пријавени кандидати задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, со поголемата прегледност и контрола на набљудувачите над учениците. 

    Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска, на прес-конференција објави дека се откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. 

    „При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок“, истакна Михајловска. 
     
    Министерката Јаневски и директорката Михајловска/фото: МОН

    Најголем број на прекршување на правилата се констатирани во средните училишта „Арсени Јовков“ – Скопје вкупно 32, потоа во „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки, во „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и „28 Ноевмри“ – Дебар. Во „Цветан Димов“ – Скопје се изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на државната матура. 
     
    Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година).

    За разлика од овие училишта во средното општинско училиштето „Ѓорче Петров” во Крива Паланка државната матура поминала во најдобар ред.
     
    „Мислам дека резултатите се солидни. Како и секоја година така и оваа има ученици кои не се задоволни од резултатите, но сепак тоа е мал процент. И без препишување може да се постигнат солидни резултати“, истакна Ивана Станковска, секретар за државна матура во „Ѓорче Петров”.

    Ивана Станковска секретар за државна матура во СОУ„Ѓорче Петров” /приватна фотографија

     
    Министерката за образование и наука Весна Јаневска, за следната година вети две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната за да нема препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.  
     
    „Ќе инсистирам полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска. 

    Втората мерка, се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот. Ќе постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они кои прават пропусти и  замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците. 
      
    Учениците сметаат дека Сојузот на средношколците треба да преземе иницијатива за подобро објаснување на процесот на оценување. Поголема транспарентност и ангажман од нивна страна би биле од голема помош за учениците. 
     
    „Најдобро би било да се преземе иницијатива од Сојузот на средношколците за да се побара подетално објаснување за тоа како се оценуваат тестовите, кој е потребниот перцентил за соодветна оцена и слично. Но, за жал, не слушнавме никакво мислење ниту пак залагање од претседателот како и останатите членови на Сојузот на средношколците", вели еден матурант. 
     
    Начинот на оценување се менува секоја година, а најдобриот тест за предметот "англиски јазик" се користи како референтен. Ученикот со најдобриот тест добива петка, дури и ако одговорил точно на 25 од 30 прашања. Останатите оценки се базираат на процентилот на тој најдобар тест. 
     
     „Ученикот со најдобар тест добива 100 процентил, иако не ги има сите 30 прашања одговорено точно. Од таму се ориентираат за другите оценки", изјави Берит Мухамед, претседателот на Сојузот на средношколци. 
     

    Претседателот на Сојузот на средношколци Берит Мухамед / приватна фотографија
     
    Организацијата на подготвителни часови во училиштата е важен аспект кој би можел да помогне во намалување на стресот кај учениците, но не сите училишта ја преземаат оваа иницијатива. 
     
    „Можеби некои училишта организираат подготвителни часови, но јас немав никакви подготвителни часови. Професорката по македонски јазик доброволно се залагаше да нè насочи во делови каде што бевме збунети, но училиштето немаше никаква улога во тоа“, вели една матурантка од Скопје. 
     
    Средношколците од Крива Паланка, пак, го тврдат спротивното, поголемиот дел од нивните професори биле ангажирани околу матурата и одвоиле време да им помогнат со дополнителни часови. 
        
    Средното општинско училиште “Ѓорче Петров” / Фото: КумановоЊуз

    За да се надминат сите посочени проблеми матурантите ги повикуваат надлежните да се зафатат со длабоки реформи во системот на државната матура, за да се обезбеди праведност, ефикасност и релевантност на оценувањето, како и да се намали стресот и да се подобрат условите за полагање на матурските испити.
     
    Никола Митовски

    Оваа содржина е изработена во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“ кој го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и Младински образовен форум.