Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Набрзо по пласирањето на веста за наводното отворање на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид како ковид центар, стигна демант од оваа јавно-здравствена институција. Оттаму демантираат дека од почетокот на наредната недела ќе отворат оддел за лекување на ковид пациенти
Фото: Вистиномер
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, односно на страницата на Македонската информативна агенција МИА. Во овој пост споделен е медиумски напис од МИА, во кој се тврди дека од понеделник Центарот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид повторно ќе работи како ковид-центар, поради зголемениот број лица инфицирани со коронавирусот во градот.
Оваа информација беше објавена од страна на повеќе медиуми кои што добиваат вести од Македонската информативна агенција. Во самиот напис на МИА нема извор на кој што се повикува авторот на текстот кога известува дека Центарот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид повторно ќе работи како ковид центар.
Таа информација е пласирана во текстот без да се наведе извор, додека единствениот извор во текстот е директорот на Охридската болница доктор, Горан Балевски, кој опишува дека во охридската општа болница има притисок од ковид позитивни пациенти.
Набрзо по пласирањето на веста за наводното отворање на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид како ковид центар, стигна и демант од оваа јавно-здравствена институција.
Во демантот се вели дека Општата болница Охрид има 90, а не 40 слободни кревети за ковид пациенти и затоа е неодговорно да се компромитира работата на нивната болница со отворање ковид оддел.
Цениме дека во услови кога капацитетите на Општа болница Охрид (за кои минатата година пред отварањето на модуларната болница имаше официјален податок дека изнесуваат околу 90 легла), во моментот се далеку од исполнети со околу 40 хоспитализирани, неодговорно е да се компромитира работата на нашата болница со отварање на ковид оддел. Со оглед на високата контагиозност на Омикрон сојот, неодговорно е исто така да се прави дисперзија на хоспитализираните во повеќе болници и да се зголемува ризикот од ширење на болеста меѓу хоспитализираните пациенти и персоналот, пишува во демантот.
Ја информираме јавноста дека за цело време на траење на пандемијата кај нас се лекуваат акутни кардиолошки состојби и кај пациенти кои во исто време имаа и присутна ковид зараза. Со навремена реорганизација на просторот и кадарот, создадовме услови овие пациенти да не го загрозуваат здравјето на останатите кардиолошки болни. Последниве недели, работиме со значително зголемен обем како резултат на тоа што за извесен период катетеризационата лабораторија не беше во функција поради дефект на ангиографот. Овој проблем сега е надминат, но резултираше со одлагање на извесен број интервенции кои сега забрзано се реализираат, се вели во демантот од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.
МИА го објави демантот, ама за разлика од оригиналната вест, тој е достапен само за претплатниците на веб сервисот на МИА.
Минатата недела на 26 јануари 2022, Министерството за здравство во соопштение за медиумите најави дека повеќе ковид центри кои досега беа затворени, повторно ќе се отворат поради наплив на пациенти на кои им треба болничко лекување поради ковид-19. Меѓу овие институции кои се пренаменуваат во ковид центри, не фигурира ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид. Во соопштението од Министерството за здравство до медиумите се вели дека Комисијата за заразни болести препорачала Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември”.
Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид повторно ќе работи како ковид-центар.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар