Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Постот што е предмет на оваа рецензија дезинформира и создава погрешна перцепција во јавноста. На објавата ѝ недостига контекст, при што се презентираат податоци кои не се докрај објаснети. Со прикривање на важната информација – дека високата стапка на хоспитализација за лицата со две дози е повисока заради зголемувањето на приемите кај постарите од 70 години кои сè со послаб имунитет, се доведуваат во заблуда читателите дека во Шкотска невакцинираните граѓани се позаштитени од омикрон сојот, од оние кои примиле вакцина
Фото: pixabay.com
Објава на Фејсбук дезинформира дека невакцинираните жители на Шкотска поретко се заразуваат и умираат од омикрон сојот на коронавирусот, отколку вакцинираните. Во постот е споделен текст со наслов во којшто сензационалистички се тврди:
Шoкaнтни податоци од Шкотска: Heвaкцинираните пopeтко се заpaзувaaт и yмиpaaт oд 18 декември, омикpон ги игнорира правилата
Од самиот наслов јасно се гледа сензационалистичка тенденција, да се дезинформираат граѓаните при што се искажува невистина дека невакцинираните граѓани се позаштитени од вакцинираните.
Написот фактички се повикува на текст од Хералд Скотланд и тврди:
Сега е поголема веројатноста целосно вакцинираните Шкоти да бидат примени во болница со Ковид, отколку невакцинираните, поради зголемувањето на бројот на постари лица кои се разболуваат поради слабеење на имунитетот од вакцината, пренесува Шкотски Хералд.
Овие „чудни“ податоци покажуваат дека стапките на случаи на заразата се пониски кај невакцинираните лица отколку оние со вакцинирани со една, две или три дози откако Омикрон стана доминантна варијанта во Шкотска. Контраинтуитивните податоци од министерството за здравство во Шкотска (PHS) се во спротивност со претходните пандемични трендови кои постојано покажуваат дека стапките на инфекции, хоспитализација и смртност се највисоки меѓу невакцинираните.
Но, ова тврдење не е точно. А еве зошто.
Извештајот на кој се повикува „Хералд Скотланд“, на 36 страница дава табела во која се дадени податоци за број на хоспитализирани од 11 декември 2021 до 7 јануари 2022 година, а под табелата 12, на страница 37 има објаснување:
Во изминативе 4 недели, од 11 Декември 2021 до 7 јануари 2022, стандардизираната старосна стапка на хоспитализација на 100.000 жители е повисока кај невакцинираните лица во споредба со лицата кои примиле трета или бустер доза на вакцина. Во последната недела кај стандардизирана популација според возраста, поединците имале 4 пати поголема веројатност да имаат акутен прием во болница поврзан со ковид-19, доколку не биле вакцинирани во споредба со лицата кои примиле бустер или трета доза од вакцината.
Исто така, важно е да се напомене и тоа дека текстот се повикува на изјава на Роуланд Као, професор од Универзитетот во Единбург, чие поле на интересирање е ветеринарната епидемиологија.
На крајот, написот дава податоци преземени од „Хералд Скотланд“ за бројот на починати на 100.000 жители:
Во последната недела од декември, стапката на смртност беше 7,06 на 100.000 кај двојно вакцинираните во споредба со 4,79 на 100.000 кај невакцинираните и 0,21 на 100.000 кај тројно вакцинираните.
Овие податоци се точни, но тие се прикажани надвор од вистинскиот контекст и тој начин со нив се дава искривена и нецелосна слика за состојбите во Шкотска. Имено, оргиналниот текст на „Хералд Скотланд“, веднаш под пасусот со овие податоци дава дополнително објаснување, што е многу важно за изведување заклучок каква е вистинската, реалната ситуација.
Податоците за прием не прават разлика помеѓу пациентите во болница „поради“ ковид и оние кои биле позитивни додека биле лекувани за други заболувања, но во извештајот на ПХС (Public Health Scotland – PHS) се наведува дека високата стапка на хоспитализација за лицата со две дози е повисока заради зголемувањето на приемите кај постарите од 70 години, кои сè уште не се зајакнати и чиј имунитет опаѓа. Лицата во групата постара од 70 години, кои примиле две дози вакцина, но сè уште не примиле бустер, вклучува некои многу ранливи поединци.
Така што, прикажувајќи ги податоците селективно, написот – постот што е предмет на оваа рецензија, дезинформира и создава погрешна перцепција во јавноста. На објавата ѝ недостига контекст, во неа се презентираат податоци кои не се докрај објаснети со што се креира искривена слика. Со прикривање на важната информација – дека високата стапка на хоспитализација за лицата со две дози е повисока заради зголемувањето на приемите кај постарите од 70 години кои сè со послаб имунитет, се доведуваат во заблуда читателите дека во Шкотска невакцинираните граѓани се позаштитени од омикрон сојот, од оние кои примиле вакцина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар