Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во ноември 2021 година МАЛМЕД објави писмо до здравствените работници во кое ги информира дека рокот на фајзеровата вакцина е продолжен од шест на девет месеци и дека новиот рок за употреба е одобрен и од европската агенција за лекови ЕМА. Од Министерството за здравство уверуваат дека вакцините се безбедни и покрај новиот рок. Македонија не е единствената држава каде што вакцините на „Фајзер“ имаат продолжен рок на траење на девет месеци. Такво нешто се случило и во САД – во Мичиген, Ајова и во градот Њујорк вакцините на „Фајзер“ се администрираат со истиот продолжен рок на користење. Израел уште во август минатата година реши да го продолжи рокот на фајзеровата вакцина за три месеци, под услов таа да не е одмрзната од ултра студените минус 90 степени
Фото: commons.wikimedia.org
Пишува: Мирослава Бурнс
Граѓани кои деновиве одат на вакциналните пунктови да ја примат третата доза од вакцината против ковид-19 на „Фајзер“, се збунети од тоа што здравствените работници на пунктовите ги информираат дека иако формално „вакцината е со истечен датум на употреба“, сепак нејзинот „рок е продолжен“. „Вистиномер“ во разговор со медицински лица на вакциналните пунктови дознава дека деновиве сè почесто има барања од граѓаните, кои инсистираат да им се покажат шишенцата со вакцина за самите да го видат рокот.
За што всушност станува збор?
Во ноември 2021 година, македонската Агенција за лекови и медицински средства МАЛМЕД објави писмо до здравствените работници во кое ги информира дека рокот на фајзеровата вакцина е продолжен од шест на девет месеци.
Почитувани здравствени работници, Во соработка со МАЛМЕД, носителот на одобрението Фајзер СРБ д.о.о сака да ве информира дека е одобрен нов рок за употреба на вакцината комирнати на 20 октомври 2021 година. Новиот рок за употреба е одобрен и од европската агенција за лекови ЕМА. Збирниот извештај за особините на лекот и упатството за употреба следствено се ажурирани и во нив е додаден новиот рок на употреба на замрзнатите вијали, кој е продолжен од шест месеци на девет месеци. Условите за чување остануваат непроменети, на температура од минус 90 до минус 60 степени.
Во рамки на рокот за употреба од девет месеци, неотворените вијали може да се чуваат и транспортираат на температура од минус 25 до минус 15 степени еднократен период од најмногу две недели и може да се вратат на температура од минус 90 до минус 60 степени. Ова продолжување на рокот на траење се однесува на вијали произведени по наведениот датум на одобрување односно по 20 октомври 2021 година. Дополнително, ова продолжување на рокот на употреба за дополнителни три месеци може да се примени ретроактивно на вијали кои се произведени пред наведениот датум на одобрување. Пакувањата со означен рок на употреба од август 2021 година до март 2022 година може да се употребат уште три месеци после датумот отпечатен на пакувањето под услов да се чуваат на температура од минус 90 до минус 60 степени, се вели во писмото до здравствените работници.
Според оваа нова Одлука, вакцините кои имаат отпечатен рок на употреба август 2021 година, ќе може да се употребуваат до ноември 2021 година, тие со отпечатен рок до септември 2021 година ќе може да се користат до декември 2021 година. Тие со датум испечатен октомври 2021 година, ќе може да се користат до јануари 2022, тие со датум ноември 2021 година ќе може да се користат до февруари 2022 година и така натаму. Ова ќе се случува се до март 2022 година, кога сите вијали со рок на употреба после март 2022 година ќе имаат отпечатен рок на траење од 9 месеци.
Директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани за „Вистиномер“ вели дека имало барање од самиот производител да се продолжи рокот.
Европската агенција за лекови го одобри продолжувањето на рокот. МАЛМЕД го одобри продолжувањето на рокот. Известени се сите преку соопштение и кај нас по пунктовите се аплицира вакцината, ни рече Шабани.
Од Министерството за здравство се децидни дека на вакциналните пунктови во државата се аплицираат само вакцини со важечки рок.
Сите вакцини кои се со поминат рок, се повлечени во депо за да се уништат. МЗ од вакциналните пунктови повлекува вакцини каде не бил запазен ладниот ланец, вакцини кои не се аплицирале по одредено време од растворањето,ни рекоа од Министерството за здравство.
Проверката на „Вистиномер“ покажа дека С. Македонија не е единствената држава каде што вакцините на „Фајзер“ имаат продолжен рок на траење од шест на девет месеци. Такво нешто се случило и во САД, во Мичиген.
Владата на Мичиген на 30 август 2021 година, добила дополнително известување од американскиот Центар за контрола и превенција на болести каде се вели дека употребата на вакцината се продолжува за 3 месеци по рокот што е испишан на опаковката.
Американската агенција за храна и лекови одобрила рокот да се продолжи од шест на девет месеци.
Вијалите на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ може да се користат и три месеци по рокот на истекување кој што е отпечатен на опаковката, доколку тие се чувале на овластена температура од миус 90 до минус 60 степени целзиусови. Смрзнатите вијали што се чувале на температура од минус 25 до минус 15 степени, не смее да се користат со продолжениот датум, се вели во соопштението од Мичиген.
Исто соопштение има и во американската држава Ајова. Тоа се темели на известување добиено од американската Агенција за храна и лекови.
И во градот Њујорк вакцините на „Фајзер“ се администрираат со истиот продолжен рок на користење. Израел уште во август минатата година реши да го продолжи рокот на фајзеровата вакцина за три месеци, под услов таа да не е одмрзната од ултра студените минус 90 степени.
Од Министерството за здравство уверуваат дека вакцините се безбедни и покрај новиот рок.
Тврдиме дека максимално се внимава, и укажуваме дека вакцините се безбедни и ефикасни. МЗ апелира на одговорно однесување како не би се довеле во заблуда граѓаните. Рокот за употреба на која било вакцина или лек ја утврдува МАЛМЕД заедно со производителот, додаваат оттаму.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар