Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По затворањето на регионалниот вакцинален пункот во спортската сала на ООУ ,,Никола Карев’’, имунизацијата во Струмица се одвива на Одделот за спортска медицина. За разлика од летните месеци кога интересот за вакцинација беше голем за прва доза, сега расте интересот за трета доза. Најмногу се вакцинираат повозрасните лица, а има доволни количини на вакцини до крајот на годината
Фото: Вистиномер
Пишува: Ване Трајков
На Одделот за спортска медицина во ЈЗУ ,,Здравствен дом’’ Струмица од понеделник до сабота постојано има народ кој се вакцинира против ковид-19. Некои примаат прва доза, други се ревакцинираат, а сè поголем е бројот на струмичани кои сакаат да примаат трета доза вакцина за да се заштитат себе си и своите најблиски од ова болест. Ги има од градот, но и од населените места од останатите општини: Василево, Босилово и Ново Село.
Доктор Надица Николова Накев, задолжена за процесот на вакцинација вели дека некако повторно се чувствува развидженост на пунктот за вакцинација во Струмица, каде за првите 10 дена од декември биле аплицирани вкупно 351 вакцина од кои 96 прва доза, а 173 трета доза. Според неа станува збор за повозрасни пациенти кои доаѓаат главно за трета доза, додека прва доза примаат помлади лица кои досега не биле имунизирани од ковид-19
Најчесто доаѓаат пациенти од повозрасната популација, некако тие се најзагрижени. Доаѓаат за трета или т.н. ,,бустер’’ доза. Интересот за прва доза е нешто послаб, но откако се објавија новите мерки на Министерството за здравство има заинтересирани и за прва доза. Од втората половина на ноември имаме пораст за вакцинација со прва доза. Колку за илустрација, во неомври се аплицирани 741 доза, а во октомври 459, што значи речиси двојно. Ама, во однос на летото овие бројки се многу помали. На пример, во август само прва доза аплициравме 8.470 дози, тогаш бевме во спортската сала при ООУ ,,Никола Вапцаров’’ каде просторот беше поголем и ги опфативме најголемиот број на граѓани кои сакаа да се вакцинираат, вели доктор Надица Николова Накев
Во моментот на пунктот во Струмица се аплцира само „Фајзер“ и има доволни количини. Според статистиката од 1-ви јуни до 10-ти декември во Струмица и регионот се аплицирани 26.598 прва доза вакцини против ковид-19, втора примиле 25.108 лица, додека трета доза 2.351 граѓанин. Нјамногу интерес имало во месец август кога се вакцинирале дури 8.470 граѓани со прва доза. Овие бројки. како што соопштија од Здравственио дом, не се реални бидејки многумина струмичани пролетта се вакцинираа во Скопје и Штип, а добар дел од младата популација против ковид-19 се имунизирале во Србија и на граничниот премин Ново Село
Вакцините се ефикасни пред сè за заштита од болеста, или пак, да не дојде до потешки компликации. Постојано апелираме да има помасовна вакцинација, на тој начин се заштитуваат самите граѓани но и блиските околу нив. Апелираме да не веруваат многу на информациите кои кружат по социјалните мрежи, туку пред сè на своите матични лекари или специјалистите кои се занимаваат со ова проблематика, посочува доктор Николова Накев која подвлече дека од јануари очекуваат нови пратки на вакцина
Стојна Трајанова, 60 годишна струмичанка, вели дека не верува на информациите кои кружат. Таа сака да се заштити себеси, но и своите деца и внуци со кои живее. На пунктот за вакцинација дојде да ја прими и третата доза, а пред две недели се вакцинирала и со вакцината против сезонски грип
Вакцинирана сум со две дози вакцина против ковид-19, а пред две недели се вакцинирав и против сезонски грип. Ми кажаа дека може да примам и трета доза. Еве дојдов за да се вакцинирам и со трета доза оти сум свесна за последиците од оваа болест. Имам пријатели кои се заразија, знам низ што сè поминаа за да се спасат од болеста. Јас сум постара и не сакам да верувам во муабети некој рекол вака – онака… Верувам во медицината и дека вакцината е единствениот излез од оваа пандемија. Апелирам до граѓаните многу да не слушат несигурни информации, туку за вакцините да се распрашат кај доктори, стручни лица, ни вели струмичанкатаТрајанова
Состојабата во струмичко со ковид-19 засега е стабилна. Во моментот, според информациите од Институтот за јавно здравје (до 05.12.2021 г.), како активни се водат 118 случаи со ковид-19. Од почетокот на пандемијата заболее 6.136 лица, а од компликации предизвикани од вирусто во болнички и домашни услови починале 299 лица.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар