Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгарнтер, присуствуваше и дебатираше на Франкофонската вечер во Крива Паланка, која се одржа во Europe House од оваа општина.
Тој им порача на младите дека тие се иднината кон подобар свет и генерацијата која ќе има право на глас да одлучува за пратениците од својата земја во Европскиот парламент.
„Не е праведно што Македонија се уште не е членка на ЕУ и тоа мора да се промени“, истакна Бомгарнтер.
Амбасадорот им го објасни на младите функционирањето на ЕУ, односно законодавната, финансиската и одлучувачката улога , како и можностите за малите и неразвиени земји ,а се осврна и на актуелната состојба со војната во Украина.
На дебатата тој одговараше на прашањата на младите, кои се интересираа како се станува амбасадор, за европската перспектива на својата земја, можностите за студирање во Франција, обезбедувањето стипендии и други актуелни прашања од младинските политики.
Амбасадорот Бомгарнтер ја пофали Крива Паланка како активен франкофонски центар кој ги промовира францускиот јазик и франкофонската култура и традиција, пред се, благодарение на Елена Николовска, професор по француски јазик во ООУ„Јоаким Крчовски“ и истакнат франкофон, одликувана со Орден - Витез од редот на академските палми, кој го доделува Република Франција на професори и академици за вонредна посветеност во служба на францускиот јазик, култура и држава.
Францускиот гостин имаше средба и со градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски на која беа разгледани можностите за зајакнување на соработката, особено во делот на младинските политики и проактивноста на младите.