Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во галеријата на Осоговскиот манастир синоќа беше отворена изложба на создадените уметнички дела од учесниците на 37-та Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која традиционално се одржува во овој манастирски комплекс кај Крива Паланка.
На изложбата се поставени 24 дела од уметници од Швајцарија, Турција, Словенија, Полска, Бугарија и Македонија, кои ќе ќе останат во на богатата збирка на една од најреномираните ликовни манифестации во земјава и вo регионот.
„Осоговската ликовна колонија ги промовира општината и македонската уметност и култура, размената на културите и креативните енергии , а секој уметник остава белег на творештвото од земјата од која потекнува, сепак, но оттука носи и впечатоците за нашата уметност и нашата земја, кои се промовираат во меѓународни рамки“, истакна претседателот на здружението Стевче Ристовски.
Создадените дела се инспирирани од прекрасната природа и духовноста на манастирот, а колонијата се организира со поддршка на Министерството за култура, Општина Крива Паланка и МПЦ-ОА.
Изложбата ја отвори секретарот на Општина Крива Паланка, Мартин Николовски, кој рече дека чест е да се биде дел од завршниот настан на манифестацијата на која творат еминентни ликовни уметници од различни европски држави.
„Во овој прекрасен амбиент секој човек пронаоѓа инспирација за своето творештво, па така и овогодинешните дела се уникатни. Искрено очекувам дека сите вие ќе понесете пријатни спомени и искрени емоции кои ќе ве врзуваат со ова место и со оваа манифестација и дека повторно, во годините кои доаѓаат, ќе бидете составен дел од неа“, рече Николовски.
Изложбата од најновото издание на колонијата ќе биде поставена и во повеќе други градови низ државата.