Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стотици граѓани синоќа се собраа во центарот на Крива Паланка за да оддадат почит на загинатите во трагедијата што го потресе Кочани.
Во атмосфера исполнета со тишина и тага, присутните носеа запалени свеќи и пораки на солидарност, изразувајќи поддршка кон семејствата на настраданите.
Маршот започна од централниот градски плоштад, а заврши на местото каде граѓаните положија свеќи во спомен на загинатите. Со 16-минутен молк, тие симболично ја изразија својата почит и болка, потсетувајќи дека човечките животи не смеат да бидат заборавени.
На транспарентите што ги носеа младите можеше да се прочитаат пораки како: „Систем те лаже“, „Гласот на младите е посилен од секоја тишина“, „Кога чесните луѓе молчат, корумпираните владеат“, „Со крвави раце, парите ги броите: Ги изгубивме нашите. Но нема да ја изгубиме правдата.“
Настанот беше организиран од група млади луѓе кои сакаа на достоинствен начин да ја искажат својата поддршка и сочувство. Оние што присуствуваа останаа во тишина, без говори, дозволувајќи молкот да ја пренесе пораката.
Граѓаните на Крива Паланка уште еднаш покажаа дека сочувството и човечноста се најважни во моменти на голема загуба.
Никола Митовски
(Фото: Дарко Ристовски)