Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меѓународна научна конференција посветена на историјата, традицијата и културата на Крива Паланка и Кривопаланечко (Славиште), како и на соседните региони во времето на владеењето на Отоманската Империја од XV до XIX век ќе се одржи денеска и утре /петок и сабота/ во Крива Паланка.
Организатор на конференцијата е Градскиот Музеј од Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура и општина Крива Паланка.
„Целта е да се претстават нови стручни и научни моменти поврзани со административната, воена и цивилна управа на регионот Славиште / Кривопаланечко и соседните региони, формирањето на военото утврдување ЕГРИ ДЕРЕ, народностниот и етнички состав на населението, јазикот, верските традиции, стопанството и економијата, вооружениот отпор и востанија, како и националната и духовна преродба во овој историски период“, истакнува Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.
На конференцијата ќе учествуваат реномирани истражувачи – отоманисти, како и историчари, историчари на уметност и етнолози од РС Македонија и од Бугарија, Србија, Турција и Косово, кои ќе презентираат околу 20-тина научни трудови.
Финалните стручни текстови, заедно со прилозите и визуелниот материјал, ќе бидат сместени во стручното списание на Градскиот музеј „Славишки зборник“ бр. 4, кое треба да биде испечатено до крајот на годината.