×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дамјан Петровски: Суканиците се уметност која се изработува со игла за еклање

    07.03.2020 11:08 | KumanovoNews

    Постојат повеќе начини на изработка на суканици, а наjсоодветен е со иглата за еклање од 0,6 милиметри. Идеален број на суканици е помеѓу 40 и 70, а малку е познато дека суканиците се расплетуваат

    Дамјан Петровски: Суканиците се уметност која се изработува со игла за еклање

    Дамјан Петровски (23) од Куманово е еден од ретките луѓе во градот и државата, кој се занимава со изработка на суканици - фризура за чие создавање и обликување е потребно многу време и трпение. Тој веќе седум години и самиот носи суканици, а љубовта кон оваа необично плетење на косата, која подеднакво е атрактивна и за мажите и жените, ја развил уште од мал.   

    - Уште од основно сакав да имам суканици, но тоа не ми го дозволуваа ниту родителите, ниту пак во училиштето. Сега, кога јас ќе споменам потстрижување, моите родители се противат. На почетокот кога ги ставив суканиците, првата недела ме гледаа многу чудно. Реално, со суканиците многу повеќе успеав, а и дојдов до работа која ми нуди забава и флексибилно време за работа, а притоа можам сосема нормално да живеам. Дефинитивно не се каам и немам намера да ги потстрижам. Тие се веќе дел од мене,- објаснува момчето.

    Иако на почетокот се соочувал со предрасуди од околината заради необичноста на неговата фризура, денеска благодарејќи на суканиците работи во унгарска фирма, со која започнал соработка преку неговата фејсбук страна Dreadlocks.

    - Самиот начин на кој дојде до соработка беше многу интересен. Кога имав некаде околу 20 илјади лајкови на мојата фејсбук страна, а тие имаа околу 40 илјади, јас на нив им понудив да се рекламираат кај мене. Еве сега, јас четири години сум вработен кај нив и во текот на летото заедно со нив ја шетам цела Европа. Во летниот период сум ангажиран како продавач и модел на нивната гардероба со психоделична тематика, која ја продаваат најчесто по најголемите журки, а во текот на останатите месеци од годината сум задолжен околу некои средувања на нивниот сајт, воедно и на обработка на фотографии, - раскажува Дамјан, кој гордо истакнува дека неговата страница сега има над 200.000 следбеници.

    Тој со голема посветеност и труд за една година успеал сам да научи да плете суканици и да се наметне со квалитет. Најмалото девојче на кое направил суканици имало само пет години, а највозрасниот околу 50 години. За разлика од Македонија, каде има само околу десетина луѓе кои знаат да ги изработуваат, во Германија речиси секој четврти човек има суканици, а нивната изработка се смета за уметност.

    - Ова што јас овде го работам од љубов, во Германија е професија на многу луѓе. Таму има салони кои изработуваат само суканици. Дефинитивно, ова е занает, за да направите едни суканици потребни и по осум-девет часа, за да бидат квалитетни. Во Македонија не може да се живее од овој занает. На пример, во Германија за правење на суканици се наплаќа над 400 евра, а кај нас само 100 евра. Исто така, за споредба, таму за средување на суканиците се наплаќа 20 евра од час, а кај нас толкава е цената за средување на сите суканици. Овде, со оглед на нашата финансиска состојба не може да се заработи повеќе,- додава Дамјан.

    Дали ја мие косата, го боли ли главата од суканиците, на кој начин ги плете, дали тоа е негова природна коса, ако се направат можат ли да се расплетат, се најчестите прашања кои му ги поставуваат луѓето.

    - Секако дека ја мијам косата. Користам специјален шампон кој го порачувам од интернет, бидејќи кај нас нема таков, а ја мијам еднаш неделно. За среќа, сега порачувањето е многу лесно, така што луѓето немаат проблем со тие работи, шампоните се со цена околу 20 евра. Додека пак, за сушењето на мојата коса која е до половината потребен е еден ден, кој си го давам за одмор. И да, не ми тежи, можеби и затоа што сум навикнат на неа. Едни од почестите работи кои постојано ми се случуваат е допирањата на моите суканици од луѓето во автобус, без да ме прашаат, бидејќи мислат дека не го чувствувам нивниот допир. Или пак убедувањето со бабите дека нивното плетење на чорапи и елеци не е исто со моето плетење на коса,- вели Дамјан.

     Тој додава дека постојат повеќе начини на изработка на суканици, но тој смета дека најсоодветниот начин на плетење на суканици е со иглата за еклање со големина од 0,6 милиметри, бидејќи е еден од побезболните начини и смета дека идеален број на суканици е помеѓу 40 и 70. Една од поважните работи за суканиците која не е позната на луѓето е дека суканиците се расплетуваат.

    - Знам дека многу луѓе се плашат ако направат суканици дека веќе нема назад, ако се покајат. Е па, има! Јас и расплетувам суканици, секако дека тоа е подолготраен процес, зависно од должината и бројот на суканиците. Да речеме, за околу 40 суканици со должина од околу петнаесет сантиметри, потребни се неколку дена од по два-три часа отплетување. По отплетувањето на суканиците само треба да се замине на фризер за да се израмни косата и потоа се` си продолжува по вообичаен ред,- објаснува младиот модел.

    Суканиците биле дел од историјата на многу духовни системи. Од христијанството до хиндуизмот, сплетената коса била симбол на многу духовно лице кое се обидува да се приближи до боговите. Постоеле верувања дека суканиците им даваат особена сила на оние кои ги носат.

     Тие можат да се прават со природна и со синтетичка коса. Минималната должина на природната коса мора да биде десет сантиметри, а останатото може да се надогради со синтетичка или природна коса. Постојат и суканици коишто се вадат и се ставаат по потреба.

    Дамјан себеси се гледа надвор од Македонија во некој голем салон во кој ќе може да го работи тоа што го сака, а вели и дека ќе се обиде да направи свој бренд на облека и шампони наменети за луѓето кои имаат суканици.

    (Фросина Марковска)