Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младиот моден дизајнер Христијан Младеновски од Куманово постигна огромен успех откако фотографија со негов модел беше објавена во модната дигитална галерија на светски најпознатиот и култен моден магазин ВОГ (VOGUE).
Фотографијата е направена летово во соработка со хрватскиот фотограф Морено Маткович на која е претставена девојка облечена во комбинезон креиран од Младеновски.
„Модната креација е направена токму за оваа намена како дел од едиторијалот кој го работевме со Маткович во Риека, Хрватска. Инспирацијата за моделот е играта на сенки, една од референците кои секогаш ги користам во мојата работа, поточно границата помеѓу светот на живите и светот на мртвите, во репрезентација на безвременската класична комбинација на црно и бело. Со Маткович се најдовме во сличноста на естетиката и креативни процеси и дојдовме до концепт со ист извор на креативна идеја, од која произлезе и објавената фотографијата во дигиталната галерија на ВОГ. А да се најдете во една од најпрестижните модни збирки навистина е голем успех и потврда дека вашето творештво е ценето и го потврдувате квалитетот“ раскажува Младеновски.
За младиот моден дизајнер ова е голема награда за неговата работа, но уникатноста на неговите модни колекции веќе ги имаат препознаено и други интернационални модни списанија со кои соработува и на кои се наоѓаат негови модели. Иако е штотуку дипломиран моден дизајнер, Христијан е во модниот свет уште од средношколските денови и зад себе веќе има 6 успешни колекции и многубројни проекти.
„Секој мој успех само го потврдува мојот сон, иако многу пати сум бил на работ да се откажам. Но, едноставно сфатив дека оваа работата за мене не е само одлука, туку и судбина на која целосно сум и предаден“, вели одлучно Младеновски.
Како и секој млад креатор, и тој сака да екпсериментира, бара инспиранција во светот и предметите што го опкружуваат , но сигурно и јасно профилира свој стил и препознатливост по екстравагантноста на креациите и фантастичните композиции на модниот израз.
„Мојата естетика е неконвенционална за нашите простори, но се трудам максимално да ја понудам на пазарот во најдобро можно светло, а често користам и деконструкција која е речиси секогаш присутна во моите колекции. Секогаш сакам да екпериментирам и многупати творам со општествени и емотивни референци“, појаснува Христијан.
Авангардната модна сцена е дефинитивно негов избор и авторски фокус кој привлекува внимание, подеднакво како и амбиенталноста на нивното претставување, што покажува дека Христијан не е само моден автор, туку и креатор на комплексни едиторијали што го претставуваат како комплетен мајстор на својот занает. Она што привлекува кај него е спојот на авангардниот стил со исконските природни елементи и необичните, секојдневни и обични простори кои ја доловуваат социјалната авторска ангажираност. Или, поинаку кажано, поврзаноста на екстравагантноста со едноставноста, како стил на живеење и размислување, како порака дека и високата мода одлично му прилега на обичниот свет, кој има свој изграден вредносен дискурс.
„Тоа е мојот концепт. А јас секогаш имам сопствени концепти, приказни, по кои работат фотографите. Тоа е предизвик за мене и нема да застанам додека моето име не одекне на интернационалниот пазар “,самоуверно вели Младеновски.
На прашањето што е пресудно при креирањето на неговите модели, дали удобноста, префинетоста на материјалите, или атрактивноста и екстравагантноста, Христијан вели дека сите овие модни елементи мора да се присутни во неговата работа. Најголемо задоволство му е да работи со клиенти кои имаат доверба во него. Со моделите за масовна потрошувачка нема големо искуство и не би им се посветил долгорочно, иако и оваа можност не ја исклучува.
Христијан е првиот од неговото семејство кој се занимава со креативна работа и сам го пробива патот во светот на модата. Иако е длабоко навлезен во авангардниот моден израз, скромноста, трудољубивоста и искреноста се неговите најголеми адути со кои чекори кон целта.
„Јас сум дете од традиционално рурално семејство кое го следи својот сон и интуиција. Најважно во животот ми е да ја работам мојата работа која безрезервно ја сакам, таа е дефинитивно мојата прва љубов“, одлучен е Христијан.
Пред новогодишните празници го прашавме и што би им препорачал на граѓаните, што да облечат за да бидат во согласност со празничниот моден стил.
„Сите ние имаме поприлично индивидуална и различна естетика. Денес со социјалните мрежи ни се достапни сите трендови од модниот календар,но сепак моја препорака е да бидат храбри и смели во секоја комбинација што ќе ја облечат“, порачува модниот дизајнер.
Христијан не ја планира иднината. Вели дека неговите планови се многу непредвидливи, и дека работи и живее за моментот. Негов став е дека вчера веќе поминало, а утрешниот ден не се знае што носи. Единствено се надева на уште многу модни колекции и интернационална соработка.