Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пензионерката Стојна Вељковиќ(72) од Куманово слободното време си го исполнува со везење на народни носии.
Со својата умешност носиите ги украсува и разубавува, за да потоа ги користи или ги изложува. За да се извезе една носија потребни се околу 3 месеци. Досега извезла 7 носии, а планира во наредниот период да извезе барем уште 3. Вељковиќ знае да ткае, но вели дека во денешно време нема разбој, па затоа и останува да ги извезува народните носии кои ги има во својот дом. Посветена е на ова хоби и вели дека со мерак работи додека носијата да го добие комплетниот изглед.
Кошулата околу вратот се везе, на ракавите се везе, скутачата се везе, се става чипка околу. Српската носија е поедноставна од кумановската носија да се везе. Воопшто не ми е тешко и многу си ја сакам оваа работа. Додека седам пред телевизија везам. Имам желба за везење и ова го научив од мајка ми, свекрва ми, братучетки. Јас сама ги цртам прво шарите и треба да знаете со каков конец ќе се везе. Порано имаше поголем избор на конци, а сега нема, но ги ускладувам боите. Замислувам како треба тој цвет да изгледа и везам дел по дел. Имам конци кои сум ги донела од Грција пред 40 години и сега ги користам - вели таа.
Вељковиќ вели дека народните носии треба да се сочуваат, затоа што денеска се помалку луѓе се занимаваат со нивна изработка.
Да се извезе носија треба повеќе време. За комплет носија треба некаде околу 3 месеци. Скутачите со златен конец ги везам онаму каде што се оштетени. Една скутача ја везам 4 до 5 дена. Сè зависи од шарите. Кумановскиот вез е полн вез со рози. За мене извезов една таква кошула и на една пријателка подарив - додава Вељковиќ.
Покрај носии, везе и чорапи, чаршафи, а нејзината креативност оди дотаму што различни шишиња ги обвива со миљенциња, а потоа ги подарува на роднини и пријатели.