Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово е поставен првиот укажувач на лошо време или Систем за електронски водена интернет прогноза (Electronically Lead Internet Forecast) – ЕЛИФ.
Уредот, што е иновацијата на метеорологот Борис Секирарски од Куманово, има задача со светлосен сигнал да информира за моменталната состојба во однос на врнежите и степенот на опасност од поплавување, за да граѓаните навреме ги избегнат проблемите кои ги носат надојдените води.
Секирарски над 30 години работи во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ваков уред досега нема инсталирано никаде во земјава ниту во светот, но тој е иднината во оваа област ако државите сакаат да го заштитат населението од екстремните временски неприлики.
„Не се работи за класично прогнозирање на следниот ден или дури и за попладне, туку за укажување на состојбата во моментот и во следните 30 минути, вклучително и она што во последниот час се случувало над подрачјето на кое се наоѓа семафорот. Целата оваа група на информации се претвора во само 3 или 4 бои кои може да трепкаат. Уредот ЕЛИФ е во вид на семафор и се состои од 4 бои, белата е основна и покажува дека апаратот е во функција, втората боја е сина и таа е оставена за потребите на институциите да прогласат состојба на поплава, жолтата покажува дека поинтензивни врнежи ќе продолжат и во наредниот период од 30 минути, додека црвената боја означува екстремно силни врнежи со опасност од брзо поплавување“, вели објаснува Секирарски.
Системот ЕЛИФ спаѓа во групата на паметни уреди кои сè повеќе се среќаваат денес во светот во многу проблематики во животот, а сега и во случајот на укажување на опасност од лоши временски услови. Овој уред чита постојано запис од интернет. Работи 24 часа и проверува еден ист сет на информации врз основа на кои дава светлосен сигнал. На серверот лежат записи за секоја одредена локација во која постои опасност од поплавување (ниски подрачја на градовите, тесни населени долини и слично). На секои две минути уредот проверува дали има промена за подрачјето за кое укажува и во зависност од најновата содржина реагира со соодветна боја. На серверот на 15 минути се обновува содржината доколку има промена. Уредите може да се постават на различни локации и места, во урбана или рурална средина.
Идејата за овој уред Секирарски ја имал од поодамна, бидејќи професионално ги следи временските прилики, но ја реализирал по големите поплави во Стајковци. Тој вели таа кобна вечер да имало ваков уред на почетокот на обиколкницата кај Скопје, бројот на жртвите би бил помал.
Првиот уред е инсталиран на улица Иво Лола Рибар во Куманово, а во план е вакви уреди да се постават уште на неколку локации кои се критични точки во градот, а пред сè на пристапните правци кон булеварот Октомвриска револуција.
Секирарски се надева дека интересот за поставување на овој систем ќе има и во другите градови во државата, па и надвор од неа. Тој работи на негово усовршување, па покрај светлосен да има и звучен сигнал за да има поголем ефект од функцијата што сега ја има.
Патентот има добиено повеќе домашни и меѓународни признанија: златен медал на ИНОВАМАК 2018 во Скопје, сребрен медал на АРКА 2018 во Загреб , златен медал на АРХИМЕД 2019 во Москва и златен медал на ИНОСТ 2019 во Бања Лука.