×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СЕ ВГРАДИЈА ВО КУМАНОВСКАТА ВЕЧНОСТ - ПЕТМИНА НАЈКУМАНОВЦИ НА 20 ВЕК

    22.09.2015 10:45 | KumanovoNews

    Дури кога по одредена историска дистанца ќе се обидете да ги издефинирате вредностите, во нашиот случај за нај кумановци на 20 век, ќе видите дека вредностите и делата сепак лесно се препознаваат

    СЕ ВГРАДИЈА ВО КУМАНОВСКАТА ВЕЧНОСТ - ПЕТМИНА НАЈКУМАНОВЦИ НА 20 ВЕК

    Кон крајот на 2003 година, беше формиран Одбор за избор на најзначајните кумановци на 19 и 20 век, од страна за Друштвото за наука и култура “Парадигма” од Куманово за да направи обид да ги издефинира најзначајните поединци на овој град. Во Одборот одлучуваа луѓе кои пред се беа комптентни за еден ваков избор, луѓе од најразлични професии кои од друга страна, со своето познавање на приликите во градот беа релевантен фактор за обврската која им беше поставена. Одборот го сочинуваа: д-р Владимир Митиќ, Миодраг Арсовски-Болто, Никола Спиридоновски, Нада Ивановска, д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, Благоја Ангеловски, Миодраг Бојковски-Мошо, Бранислав Трајковски, м-р Звонинмир Николовски и претседателот на Одборот, Димитар Масевски.

    При изборот и определувањето за петте нај Кумановци за 20-век суштетсвено беше името на овие луѓе непосредно да е поврзано со градот, со Куманово, односно нивниот конкретен придонес е врзан непосредно за афирмација на градот и неговите вредности.

    Од една лепеза на мошне успешни луѓе која се протегаше од првите години на 20 век, преку Илинденските бранувања во 1903 година па до денес, овој Одбор за петте Кумановци кои го означија ХХ век својот глас го дадоа за :

    ВАСИЛ ИЉОСКИ, за авторстввто на неповторливата „Ленче Кумановче” со која трајно го афирмира името на нашиот град.

    ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ , основоположник на музичкото дело во земјата, истакнат музичар , диригент и композитор, за циклусот хорски композиции “Кумановка” непосредно поврзани со музичкото творештво од кумановскиот регион.

    ИНЖ. ВЛАДИМИР АНТОНОВ, за неокласицизмот кој ни го остави зад себе, и имплементацијата на првиот урбанистички, Регулационен план на град Куманово од 1923 година. Инаку инж. Владимир Антонов, кој е Русин по потекло од градот Тамбов, како белогрдиец доаѓа во Куманово и работи како општински инженер од 1925 до 1941 година. Автор е на општинската зграда, Занаетчискиот дом , хотелот Куманово, кровната конструкција на Соколана и речиси сите приватни семејни објекти градени во т.н. руски академизам. Како што се куќите на Манушеви, Џитеви, Глигориеви, Хаџипоповиќи, на Васа Поповиќ, на Сифруд Миладинов и многу други.

    ХРИСТИЈАН КАРПОШ, како синоним на гордиот у бунтовен кумановски дух.

    САЛТИР ПУТИНСКИ за раководење на кумановска околија во периодот 1951 до 1961 година кога во кумановско, кратовско и кривопаланечко беа постигнати извонредни стопански резултати, решен проблем со водоснабдување на градот, изграден дел од железничката пруга Куманово- Ѓуешево, делницата до Бељаковце…

    Во трката за престижната награда беа и Драгутин Аврамовски – Гуте, академски сликар и основоположник на графиката во Македонија, д-р Лазар Соколов, ,член на Президиумот на АСНОМ и еден од најпродуктивните автори за стопанската историја на Македонија и на кумановскиот крај , Панче Пешев, револуционер и композитор, автор на познатиот “Марш на Третата македонска ударна бригада” , единствената жена од Куманово, народен херој на Куманово, легендарната Мара Нацева, кондураџијата Коста Дајлев, претседател на комунистичката црвена општина Куманово во 1920 година и на занаетчиаскиот еснаф на Куманово, успешните раководители на Општината, Ездимир Богдански, воедно еден мандат и претседател на Претседателството на СРМ и Методи Петровски , директорите на ФЗЦ “11 Октомври” Михајло Мургашански и Милован Петрушевски , на Тутунскиот комбинат Бранко Младеновски-Мачка, и на Агрокуманово Владимир Стојковски - Лале, познатите кумановски лекари, хирургот Борче Доцевски-Бирбаш, и патофизиологот Борисав Каранфилски , историчарите Славко Димовски- Лица и Александар Стојановски, филозофот Д-р Сефедин Сулејмани, писателот Венко Андоновски и Драган Марковиќ, артистите Ѓоко Николовски, Момир Христовски, Љубица Гојковиќ и Лиљана Георгиевска , Георги Малински, еден од првите македонски фотографи и прв есперантист на Балканот, фотографот и филмски снимател Сифрид Миладинов и неговиот син , познатиот ТВ уредник и режисер на ХТВ Ангел Миладинов, Бранко Шутевски, легендарното крило на КСК и фудбалер кој заигра во црно белиот дрес на белградски “Партизан”, Аце Русевски и Реџеп Реџепеовски, прославените боксери на Куманово, кои освоија олимписки медали во Лос Анџелес и Аталанта, и многу други успешни и вредни кумановци, но Одборот се одлучи за горе споменатите пет кумановци кои своето дело, најнепосредно го врзаа за Куманово и се вградија во битието на градот .

    Овој избор на некој начин беше верифициран и од Општината Куманово со оглед дека на 17 ноември 2009 година по повод активностите за одбележување на 490 години од првото споменување на Куманово во сочуваните документи, во големата сала на МКЦ, односно киното “Козјак” беше одржана пригодна манифестација при што градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски врачи Плакети на семејствата на споменатите петмина кумановци. Интересно е да се спомене дека меѓу петте кумановци, дури двајца не се од Куманово, Васил Иљоски (Крушево) и Владимир Антонов (Тамбов-Русија) меѓутоа со својот придонес додека беа жители на Куманово создадоа вредности кои се трајно врзани со битието на овој град. Инаку од името на семејствата плакетите ги примија: синот на Васил Иљоски, Мирослав Иљоски, снаат на Трајко Прокопиев, Виолета Прокопиева, Сашо Поповиќ во името на Антонови, Владимир Тодоровски во името на семејството на Христијан Карпош и Лиљана Путинска Саздова во името на Путински.

    За личност на ХIХ век, поради скудноста на податоци, Одборот се определи само за еден и тоа за Иконом Димитрија, епитроп во Куманово од 1832 до 1880 година и прв христијанин, член на Меџлисот (Градски совет) во Куманово по Ѓулханскиот хатишериф од 1839 година, личност за која се врзуваа бројни настани од периодот на турското ропство.