Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на машкиот ракометен клуб Куманово обезбеди опстанок во Супер лигата по плеј аут фазата во која од 14 одиграни натпревари победи на 11, на два беше поразена и еден играше нерешено.
Сигурен опстанок покрај кумановци има и екипата на Прилеп, останатите тимови ќе играат бараж натпревари.
Од управата на клубот велат дека се задоволни од постигнатиот успех, но за да продолжат да напредуваат потребна им е стабила финасиска поддршка на клубот.
„Апелирам до општинските власти да го свртат вниманието кон нас, кои имаме прволигашки статус и опстојуваме во најелитната државна лига, имаме континуитет и квалитет. По мое скромно мислење и големо искуство, не може да се вложуваат повеќе пари во третолигашка фудбалска екипа, или кошаркарски тим, кој за среќа влезе во Прва лига, а за нас да се проектираат трошки“, изјави Миодраг Јовановски- Црни, еден од тренерите на МРК Куманово.
Покрај средствата што клубот ги добива од програмата за спорт на Општина Куманово, се надеваат дека наскоро ќе го добијат и ваучерот од Агенцијата за млади и спорт. На МРК Куманово помагаат и приватни спонзори преку своите компании. Но, често се случува и поединци од управата на клубот да „си бркнат во џебот“ за да се набави или направи нешто итно и неопходно во даден момент.
„Мислам дека се единствени по тоа, не само во градот туку и пошироко“, појаснува Драги- Црни.
Во тимот веќе наголемо се работи на подготовките за следната сезона, првото засилување е Теодор Тодевски. Се надеваат дека во екипата ќе се врати и Давид Димевски, млад кумановец кој играше за „Мулти Есенс“ во втората ракометна лига. Потврдено е дека во Куманово останува и Грузиецот Уча Гамзардија, а се очекува потпишување на договор со играч од Бразил.
Најголем дел од играчите ќе се локални ракометари, оние кои досега играле во првиот тим, но 2-3 играчи од подмладокот кои „стасале“ за посериозен ангажман. Се очекува најмалку 10 играчи да се кумановци, а 5-6 од нив ќе се од други градови во Македонија или од странство.
По програмата за спорт на Општина Куманово минатата 2023 година на МРК Куманово се исплатени 2,5 милиони денари, а за ова година се предвидени 500 илјади помалку.
Играчите се на заслужен одмор, задоволни од исходот и задржување на суперлигашкиот статус. Со кондициони тренинзи и подготовки за новата сезона започнуваат по 1 август. Управниот одбор и стручниот штаб продолжуваат со работа и во текот на летните месеци.