Публиката да биде шестиот играч на репрезентацијата, повика селекторот Илиевски
Во спортска сала во Куманово утре со почеток во 20 часот, кошаркарската репрезентација на Македонија ќе го игра првиот натпревар против селекцијата на Романија, од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.

На прес- конференција во Куманово, селекторот Марјан Илиевски, кажа дека составот на репрезентацијата во многу краток период е сменет, се работи за млада репрезентација и играчи кои со гордост ќе го носат националниот дрес. На утрешниот натпревар ќе го дадат својот максимум да стигнат до целта.
„Она што го прикажуваат во овој период е сосема нова енергија, којашто верувам дека и пред самата јавност и пред преполна сала на овој натпревар ќе го дадат својот максимум. Тоа се играчи кои носат промени после подолг временски период, и тоа што е нивен квалитет ќе го прикажат на терен – енергија, младост, желба за победа“, кажа Илиевски.
Бидејќи Куманово е домаќин на натпреварот, а истовремено е град на кошарката, селекторот ја повика публиката да им даде максимална поддршка и да биде шести играч на репрезентацијата.
Играчот Ален Лекиќ, кажа дека романската селекција, не е лесен противник, меѓутоа тие се желни за докажување и за победа, иако се со помало искуство.
„Би ја замолил публиката да не поддржи, да биде трпелива со оваа репрезентација со младите надежи, бидејќи секој во тимот ќе го даде својот максимум, ќе се бодриме меѓусебно. Пресреќен сум што сум дел од оваа млада репрезентација и се надевам дека ќе оствариме позитивен успех, и да направиме конекција со македонската публика и јавноста“, кажа Лекиќ.
Потпретседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Младен Ѓуроски, очекува утре да биде празник на кошарката и пред полна сала кошаркарите да направат спектакл.