Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Андреј Стојановски (11) од Куманово освои златен медал во дисциплината кати поединечно на „Летниот карате камп“ во Сутоморе, Црна Гора.
Ова е 50-то, јубилејно издание на карате кампот на кое учествувале 80 спортисти, учесници од Куманово, Штип, Власотинце, Лесковац, Белград, од сите возрасти, кој се одржувал од 18 до 27 јуни.
Андреј e дисциплиниран вљубеник во боречката вештина и воопшто во спортот.
„Ова е втора негова златна медаља само на овој семинар, тренира од четири годишна возраст, и се ќе пропушти, ама тренинг никако. Го сакаат и тренерите и професорите по физичко образование, тврдат дека е талентиран, постојано се трудат да го задржат во својата екипа, без разлика дали се работи за фудбал, пливање или било кој индивидуален или тимски спорт“, гордо истакнува мајката Драгана Стојановска.
Андреј е носител на црн појас, 1 Дан, а за следното повисоко ниво може да полага откако ќе наполни 16 години. Досега има освоено бројни медали, награди, признанија и благодарници за учество и особен успех на различни карате турнири во државата и регионот.
Член е на Карате клубот „Ронин ДОЈО“ од Куманово, а работи со тренерот Оливер Милорадовски.
Кампот е место и време кога имаат интензивни тренинзи, разменуваат искуства и техники, а натпреварувачкиот дух го одржуваат и силите ги одмеруваат со учество на турнир од награден карактер. Организатор е Шотокан карате до клубот „Јошитака“ од Скопје.
Првиот летен камп се одржал 1974 година во кампот на Партизан во Дојран во 1974 година и оттогаш во континуитет, се одржувал во Берово, Улцињ – Црна Гора, Преспа, Охрид и последните дваесетина години во Сутоморе – Црна Гора. Покрај полувековниот јубилеј, на кампот биле одбележани и 30 години од формирањето на Шотокан карате до академија Македонија-Казе Ха.
На кампот во текот на годините учество зеле повеќе од 9 илјади каратисти.