Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Близу 4 милиони евра должат граѓаните и фирмите на ЈП „Водовод„ во Куманово. Од вкупниот долг, 3 милиони евра отпаѓаат на домаќинствата кои со години не плаќале за потрошената вода.
Во побарувањата до три години граѓаните должат 138 милиони денари што значи дека огромен дел од долговите сеуште се активни и јавното претпријатие може да ги наплати со законските механизми. Ние интензивно работиме и само минатиот месец пративме над 2000 опомени, 300 тужби и над 100 корисници исклучивме од водоводната мрежа. Најголеми должници се жителите од населбите „Тоде Мендол„,т.н. Бараки, Вук Караџиќ и Мини маркет, а веднаш зад нив се селата Черкезе, Железничка станица ,кај поранешен „ЧИК„ и улиците „11 Октомври„ и „Доктор Рибар„ - вели Виктор Божиновски, директор на ЈП„Водовод„.
Над 40 насто од домаќинствата во Куманово не ги плаќаат сметките за потрошена вода, поради што претпријатието се соочува со финанскиски проблеми. ЈП „Водовод„ има кредитни долгoви од околу 1,5 милиони евра и често има проблем во тековното финасиско работење.
На денешната седница советниците од ВМРО-ДПМНЕ, побараа од директорот да воведе поголема контрола над вработените, бидејќи тие често се учесници во недозволени работи.
Во реонот 10 каде што јас живеам, наплата на водата би била уште поголема доколку вработените попрофесионално си ја вршат работата. Јас сум сведок дека тие вршат селективено исклучување и наплата. Наместо да работата во интерес на претпријатието, тие тоа го прават на негова штета и помагаат да се краде водата. На свои роднини и пријатели со приклучок го премостуваат водомерот и дозволуваат неконтролирано да се користи водата за полевање на тревници и бавчи, а при тоа не наплаќаат за потрошената вода - рече советничката Слаѓана Георгиевска.
Директорот Божиновски, одговори дека е запознаен со таквите активности од службите за наплата и исклучување, но се правдаше дека покриваат голема териоторија и голем број на потрошувачи, поради што неможат да ја следат работата на секој поединец. При тоа ги повика граѓаните да ги пријавуваат аномалиите и вети поголема контрола на вработените.
Опозицијата истовремено побара порационално трошење на парите на граѓаните, бидејќи сметаат дека поради непродуктивните вработувања на партиски луѓе претпријатието тоне во долгови.
Тоа што се случува во Водовод не е вина само на директорот, бидејќи знаеме дека партиското влијание е пресудно. Во претпријатието има најмногу вработени на високи функции, кои всушност ништо не работата а земаат големи плати. Таму се сместија сите поранешни градоналници, а се вработуваат и сегашните советници. Претпријатието има 5 правници и огромен долг. Се направија и статутарни измени со широки надлежности кои не му донесоа добро на претпријатието. Затоа предлагам да се помогне на директорот и ние како Совет да изготвиме стратегија со која ќе го ставиме претпријатието на здрави нозе и нема да дозволие понатаму да пропаѓа - предложи советникот Глигор Манов.