Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши реконструкцијата на кровната конструкција на спортската сала во Куманово, прва фаза од целосна реконструкција на овој значаен спортски објект во градот.
Градоначалникот Максим Димитриевски попладнево објави видео од новиот кров и најави дека ќе следува реконструкција на внатрешноста на објектот.
Средствата за реконструкција на кровот се обезбедени преку проект на Свероисточниот плански регион (СИПР) во висина од 320 илјади евра
Работите започнаа во јули годинава, а проектот предвидуваше демонтажа на старата конструкција и на покрив и поставување на нова.
„Општина Куманово има сопствено учество над 10.000 евра, а останатите средства од околу 310.000 евра се обезбедени од програмата на регионален развој на 2020 година, на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој“, соопштија тогаш од СИПР.
Проектот го изработи фирмата „Геинг“, а реконструкцијата ја вршеше компанијата „Изградба комерц“ од Скопје.
Кровот на спортската сала се наоѓаше во исклучително лоша состојба и со години протекуваше, поради што ја оштети внатрешноста на објектот.
Минатата година Владата ја врати спортската сала во владение на Општина Куманово и најави помош за нејзина реконструкција.
Спортската сала во Куманово има капацитет од 4.150 седишта, изградена е во 1980 година. Била проектирана од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979 година. Градбата ја добило Големата награда на Биеналето на Македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.