×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • МАНИПУЛАТИВЕН ТЕКСТ ЗА НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА ЈА ДОВЕДУВА ЈАВНОСТА ВО ЗАБЛУДА

    22.07.2020 11:08 | KumanovoNews

     Пишува: Жаклина Цветковска

    МАНИПУЛАТИВЕН ТЕКСТ ЗА НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА ЈА ДОВЕДУВА ЈАВНОСТА ВО ЗАБЛУДА

    Неточни и тенденциозни тврдења за неважечки ливчиња во корист на одредена политичка партија се изнесени во текст со наслов „СКАНДАЛ вреден 4 пратеници! На ВМРО ДПМНЕ ОДЗЕМЕНИ 20 000 ГЛАСОВИ после измамата на СДСМ“, објавен на порталот vecer.mk, на 19.07.2020 година.

    Текстот е сензационалистички и ја доведува јавноста во заблуда преку изнесување на погрешни заклучоци за одлучувањето по приговорите на одредена политичка партија од страна на ДИК, дискфалификувајќи ја работата на оваа институција само врз основа на лични и непотврдени партиски ставови.

    Без убедливи докази, наведување на официјални документи и релевантни извори, во текстот се тврди дека ДИК требала да го прифати приговорот на ВМРО ДПМНЕ за неважечките ливчиња со прецртана Северна од името на државата. Притоа, се изнесува став дека најголем дел од неважечките ливчиња треба да одат на контото на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи биле со заокружен број 14, кој беше реден број на коалицијата „Обнова на Македонија“.

    Ваквите тврдења се изнесени само врз основа на мислењето на „коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ“, но никаде не е посочен конкретен извор од партијата, ниту пак е даден детален преглед за  неважечките ливчиња по избирачки места на кои се однесува приговорот. Авторот не се повикува  ниту на законските акти и правилници за изборните постапки, туку едноставно ги прераскажува ставовите на одредена политичка партија и самиот носи заклучоци, што е во спротивност со елементарните стандарди на професионално известување.

    Со отпочнувањето на изборниот процес, а со цел да ги отстранат сите шпекулации во јавноста, портпаролот на ДИК Адмир Шабани, како и претседателот Оливер Деркоски, јасно посочија кое ливче се смета за важечко, посебно нагласувајќи дека доколку на гласачкото ливче биде пречкртан зборот „Северна“, гласачкото ливче се смета за неважечко.

    Во членот 110 од Изборниот законик стои дека „Избирачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред подносителот на листата, односно редниот број пред кандидатот за којшто се определил да гласа и гласачкото ливче преклопено го става во кутијата за гласање.

    Во член 115 од истиот законик,пак, е дообјаснето дека „За важечко гласачко ливче се смета и она гласачко ливче од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за која листа на кандидат, односно листа на кандидати избирачот гласал.“ Дополнително, во Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња на ДИК е објаснето што е сигурен и недвосмислен начин на изразување на волјата на избирачите и посебно е нотирано дека „Гласачкото ливче е неважечко ако не е пополнето на начин предвиден со Изборниот законик и ова Упатство, ако е прецртано делумно или целосно,ако се заокружени повеќе листи на кандидати…“, со што јасно и недвосмислено е определено како се утврдува важноста на гласачките ливчиња.

    Во текстот се обвинува и политичка партија за измама врз основа на два прит скринови од фејсбук објави, што се однесуваат на повици за прецртување на „Северна“ и допишување „Никогаш“. Но, тоа било доволно авторот да заклучи дека неважечки ливчиња се „последица на измама од СДСМ кои објавуваа лажни повици на социјалните мрежи“.

    Нејасно е и од каде авторот го извлекол податокот дека од вкупно 31.564 неважечки ливчиња, дури  20 000 ливчиња се резултат на „измамничкиот повик на СДСМ“, а особено заклучокот  дека со одлуката на ДИК за неприфаќање на овие ливчиња „на ВМРО ДПМНЕ му се одземени најмалку три до четири пратеници“.

    Новинарот не смее да прави сопствени калкулации и пресметки за изборни резултати и добиени мандати, како и да обвинува за измама без релевантни докази. Мора да ги почитува одлуките на државните и јавни институции и да остави надлежните органи да го санкционираат секое прекршување на избирачкото право. Новинарот е обврзан да ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, стои во член 5  од Кодексот на новинарите.