Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Веројатно сте ја чуле изреката од постарите:„Времето, спрема луѓето„ или „Какви луѓе, такво време„. Деновиве прочитав една интересна реченица од мој почитуван и доста активен ФБ пријател: „Народов заслужува многу полоша власт од оваа, но, каде да ја најдеме„.
Поминаа времињата кога слушавме и гледавме за големите катастрофи низ целиот свет предизвикани од силно невреме, излеани корита на реки, поплавени домови, многу луѓе останати без покрив на глава, опустошени земјоделски површини, искорнати дрвја, уништени куќи, автомобили...Нешто ви се гледа ли познато, свесни сме дека појавите се преселија кај нас. Се повеќе и повеќе се прашуваме зошто дојде до ваков пресврт? Се почесто во меѓусебните разговори со нашите пријатели, соседи, роднини можеме да слушнеме дека и времето се сврте против луѓето. Сите редум ја бараме причината. Едни ќе кажат дека Харпот е виновен, други додаваат:„Кој знае какви се бомби не се фрлаа во непосредна близина при бомбардирањето на Србија„ итн, се редат муабети, причина до причина, но, сепак „Какви луѓе-такво време“. Но, дали е така?
Јас велам дека не е така. Народов наш македонски, низ многу тешкотии минувал низ историјата. Секогаш бил потчинуван, угнетуван, обесправуван... Го користеле разноразни угнетувачи, му ја узурпирале слободата сам да одлучува за својата иднина. Но, секогаш останувал мирен, тивок, слободољубив, вреден, достоен, заслужувајќи да живее, работи, твори... заслужувајќи почит.
Сите гореспоменати особини на Македонецот ги користеле и злоупотребувале разни угнетувачи низ историјата.
Што се случува денес?
Почитувани, насекаде околу нас собири, штрајкови, негодувања, незадоволство... Насекаде околу нас хаос, безредие, непочитување на законите, сообраќајот... Стечајците веќе и не се толку важни, како да ни се подсокрија од меморијата и перцепцијата, но, и тие веќе ја изгубија вербата во решавањето на нивните проблеми, кои секако не се мали. Ги видовме на улица хонорарците, маршираа бранителите, потоа студентите и професорите, деновиве средношколците... има ли крај? Едноставно почитувани мои МАКЕДОНИЈА Е ВО ГОЛЕМА КРИЗА.
Македонија е во криза на моралот, на социјалните и хуманите вредности, Македонија е во криза на елементарно достоинство на граѓанинот, во криза на интегритетот и идентитетот, во криза на сиромаштија и беда каква што не заслужува.
Доживеавме и предлог за повторно отварање на мониторинг процесот на државата однос на исполнувањето на основните стандарди за членство на РМ во Советот на Европа, по однос на почитувањето на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Со години не лажат дека се приближуваме кон Европа, демек, само името било проблем? А дали се секавате пред дваесетина години како не лажеа: „Во однос на името на државата времето работи за нас (читај Македонија)„. Како да не! Времето не прегази, останавме на опашката, бедни, сиромашни. Ја утнавме, дебело ја утнавме.
Ако е така, а така е се наметнува едноставно прашање?
Кој ќе се јунак изнајде, чумата да ја пробие?
Почитувани мои, очигледно е дека нешто се случува. Хаосот во државава е на точка на вриење. Секој граѓанин се плаши дури и по телефон да разговара со пријател. Вака очигледно дека веќе не оди. Нашиов народ има една изрека: „Многу арно не е на арно„. Меѓутоа и многу лошо можеби не е на лошо, после дожд, сонце изгрева, кај и да е оваа состојба мора да се промени. Политичарите ќе си ја гледаат својата работа и на крај ќе мора да се договорат. Ако не можат сами, ќе дојде некој од страна, ќе ги собере јали во Охрид, или Куманово, и нема да ги пушти се додека не потпишат, јали рамковен или нерамковен, јали договор или спогодба. Од како тоа ќе ни се случи уште еднаш, повторно, судбината на државата ќе биде во рацете на сите нас. Тој ден, треба даа се присетиме на сите овие години на самостојна суверена независна Република Македонија. Да се присетиме дека НИЕ одлучуваме на кого ќе му дадеме мандат да управува со државата. Тогаш НИЕ сме одговорните дали државата ќе ја направиме пристојно место за живеење, или, и понатаму ќе имаме водачи кои не само што чумата нема да ја пробијат, туку, ...
Драган Митевски, член на ЛДП Куманово