Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младиот оперски пејач со меѓународна кариера Дарко Тодоровски од Куманово утре со почеток во 19 часот ќе одржи новогодишен концерт со најголемите светски хитови, во Занаетчискиот дом.
Ова е ретка можност за кумановци да го доживеат празничното расположение со најголемите американски новогодишни и божиќни хитови и џез класици на Френк Синатра, Елвис Пристли, Дин Мартин и други.
Тодоровски беше стипендист на Музичкиот конзерваториум во Москва, Русија и е познат по неговиот огромен успех на Балканската и на меѓународната „Романсијада“. Моментално живее и работи во Атина.
Пред новогодишниот концерт направивме кратко интервју со маестро Тодоровски.
Што може да очекува кумановската публика, зошто го избравте родниот град за новогодишен концерт, кога сме сигурни дека сте имале понуди и во метрополи и други држави? Неодамна настапивте во Атина.
Долго време сум отсутен од Куманово, особено откако заминав во Атина, и многу малку бев достапен за роднините и најблиските, за луѓето со кои израснав. Тоа ми недостасуваше, па затоа веднаш по настапот во Атина се навратив на Куманово. Бидејќи една од работите што најдобро ги правам е пеењето, свирењето, преформирањето на сцена, сакам овој настан да биде едно големо рандеву за сите што ги немам видео одамна. Сметам дека тоа е убав завршеток на годината и дека ќе го донесам новогодишниот и божиќен дух во градот, чувствувам дека е потребно. А следниот пат кога времето ќе ми дозволи ќе направам една турнеја низ повеќе градови во Македонија - тоа е проектот за 2023 година!
Во кој стил ќе бидат отпеани светските хитови, дали ќе се држите до операта или до популарниот и оригинален жанр како што се и создадени?
Нумерите кои што ќе ги изведам се отпеани од великаните на 40-тите, 50-тите и 60-тите години на минатиот век, кои со својата музика поставиле значајни стандарди во американскиот џез и во техниката на пеење. Тој стил на пеење мене по природа ми е многу близок и како образован оперски пеач нивната техника ми е лесна и удобна за изведба. Ќе бидат изведени во автентичен стил на пеење на Френк Синатра и Елвис Присли.
Минатата година се вратите во Куманово, но професионалниот пат не ве задржа многу овде.
После петте години поминати во Москва, поради пандемијата се вратив во Куманово, како впрочем и многу други студенти надвор од своите држави. Но, враќањето дома беше само еден мост до Атина каде сега веќе живеам и работам повеќе од една година.Но, Куманово за мене е птичје гнездо. Иако не живеам веќе многу години овде, секогаш се навраќам колку можам, затоа што знам дека ќе го почувствувам комфорот на родно место. Низ улиците на градот се голем дел од моите спомени. Детството, тинејџерските години…
Какви се вашите идни планови?
Во моментот работам на својот прв албум, затоа што покрај оперското пеење и пијаното, како комплетен музичар ја негувам и уметноста и техниката на поп пеењето, тоа е уште една моја желба која ми се провлекува низ животот. На албумот ќе се најдат неколку мои авторски песни. Работам на музика и креирам нешто што ќе можат да го слушаат сите, од од најмалите до најстарите. Една пријатен микс на ретро, евергрин и модерен аранжман. Веќе неколку песни се комплетно готови и наскоро ќе бидат пуштени во етер. Освен тоа, што веќе се големи новости, во 2023 година продолжувам со концертирање низ Македонија и светот.
Што ќе им посакате на своите сограѓани во Новата 2023?
На своите сограѓани им го посакувам сето она што си го посакувам себе си и на секој мој близок. Нека си го обојат секој ден со квалитетна музика, нека дозволат музиката да влијае на нивните емоции. За ова ќе се потрудам и јас овој петок, да допрам и да ги стоплам срцата на кумановци. Чувствувам дека тоа им фали од мене. Понатаму, да простуваат повеќе, да не држат лутина и страв во себе, да бидат смели и слободни во животниот чекор. И секако, повеќе здрава храна на трпезите овие празници! Или со еден збор кажано, им посакувам многу здравје!