×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановци имаат позитивен дух и саркастичен хумор

    16.05.2013 22:00 | KumanovoNews

    Интервју Стефан Маневски, активист во граѓански сектор

    Кумановци имаат позитивен дух и саркастичен хумор

    1. Што не ви се допаѓа во Куманово?

    Не ми се допаѓа во Куманово постојаната потреба површно да се копираат трендови кои не се автентични на самиот град. Поради тоа градот станува загушен и недостасува природна слобода за иновации која секој град би требало да ја нуди. Некако Куманово нема локален дискурс кој ќе генерира идеи и концепти, туку целата наша градска дебата е поврзана со настани и личности. Куманово мора да стане урбана заедница по сите мерки, што значи целосно да овозможи активен придонес на сите негови граѓани во градското живеење, изградба и идентитет. За да повеќе ги слушаме уметниците, професорите, архитектите, бизнис заедницата, еколозите, граѓанскиот сектор истите мораат да бараат квалитетни дебати за развојот на градот и да нудат иновации во урбаниот развој, за да не тапкаме во место.

    2. Што би смениле во градот?

    Во Kуманово би сакал да се врати градот, кој според еден пријател е заедница каде луѓето живеат споделувајќи делови од нивниот живот на ист простор. За да се воспостави или врати тој шарм на град потребни се места за интеракција, за споделување на искуства, приказни, вештини, погледи. Тоа би значело повеќе зони за пешаци, повеќе маалски паркови и клупи, детски игралишта и поставени кошеви на бандери. Градот мора да стане инкубатор за нови идеји, бизниси, творештва и предизвици, кои би требало да се случуваат во различни центри за иновации, библиотеки, граѓански центри, галерии. Со самото живеење во урбана средина луѓето мора да научат да прифаќаат дека секој од нас е различен (по изглед, култура, религија, вредности...) и еднакво важен за заедницата. Тие меѓучовечки интеракции мора да се зајакнат и воспостават на еден ненасилен и отворен начин.

    3. Кога ќе ви дојде пријател од страна каде ќе го прошетате?

    Куманово не е стар град, но е град каде граѓаните воопшто не го почитуваат минатото. Тоа е еден интересен факт за сите гости од страна кои сум ги имал до сега. Најчесто посетата во Куманово содржи обиколка на старите делови од градот зачинети со приказни како некогаш градот имал корзо, како тука живееле Балканските Ромео и Јулија (Ленче и Бошко), приказните за Батко Ѓорѓија кој е дел од локалниот менталитет, за меѓуетничките односи и разноликоста, но и за историски важните Карпошово востание и НОБ. После таа прошетка низ она што останало и сеуште може да се види, секако се даваат препораки за искусување на урбаната музика во Куманово (доколку свири некој локален бенд) и нешто од локалните специјалитети во градските кафани.

    4. Што не би покажале на пријател кој првпат доаѓа во Куманово?

    Неизбежно е да не се види нечистотијата и социјалните разлики во градот, но колку што можам се трудам тоа да не биде шок за пријателите кои ме посетуваат. Нееднаквоста во градот не е толкав проблем колку е немањето солидарност и грижа за посиромашните која секогаш шокира. Тие видливи разлики потсетуваат на некое време на суров капитализам кој не е пријатно за гледање. Од друга стана негрижата за она што е надвор од сопствениот стан е нешто кое се гледа преку многу искршени јавни содржини (клупи, канти за отпадоци, лулашки, знаци...) но и преку големата количина ѓубре кое ветерот го разнесува. Овие “содржини„ во градот се трудам да ги избегнам но тие секогаш се дел од она што ги интересира моите пријатели од странство.

    5. По што Куманово се разликува од другите градови, по што е посебно?

    Куманово проживеало низ радикални промени во неговиот раст и развој. Од село во Отоманската империја до регионален центар во СХС, од мало градче во 40 - тите до индустриски центар на 80 - тите па се до денешниот лик на визуелен и урбан хаос под меѓуетнички и политички тензии, Куманово никогаш немало природни промени туку секогаш насилни и нагли. Затоа луѓето кои живеат тука имаат еден од најспецифичните смисли за хумор, посебно основан на силен сарказам. Веројатно хуморот е тоа што ни го оддржува позитивниот дух и ни помага да се справиме со промените. Хуморот е и единствениот простор во градската интеракција кој овозможува да останеме ментално здрави и да се насочиме кон гледање на поубавите страни на нештата - а тоа ретко каде го има на друго место.