×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановци не треба да се срамат од своите особености

    08.12.2012 23:00 | KumanovoNews

    Ивана Јордановска, студент на Факултет за политички науки во Париз

    Кумановци не треба да се срамат од своите особености

    Што не ви се допаѓа во Куманово?

    За Куманово отсекогаш сум била пристрасна и субјективна, но постои една навика во однесувањето на Кумановци што никако не можам да ја прифатам. Станува збор за еден вид на срам од сопствените особености, додека се стремиме за прифаќање на нечии туѓи, модерни вредности.

    Тука, најпрвин, не мислам на некој поблаг или поостар вид на локал-национализам или идеализирање на постоечкото. Напротив, сметам дека малите разлики, особености и детали коишто се уникатни за Куманово треба да се почитуваат повеќе. Тука може да стане збор за промоција на градски легенди од типот на Батко Ѓорѓија или послужување на традиционален кумановски суџук на гостите од другите краеви. Еден позитивен пример можеме да забележиме кај актерската елита. Актерите и актерките од Куманово имаат направено одличен пробив во последниве години. Ширум Македонија, кумановскиот речник и хумор стана препознатлив, добредојден и на добар глас. Ваквиот пристап мораме да го примениме и на други сфери од градскиот живот.

    Што би смениле во градот?

    Би го сменила трендот на модерно гастербајтерство, ако воопшто може да се именува како поразлично од она во 18-тиот и 19-тиот век. Самиот факт дека толку многу мажи и жени имаат потреба да заработуваат во странство ни покажува дека постојат структурални проблеми. Куманово не може да биде и да остане само град најблизок до Скопје. Потребно е да го изградиме како единка сама по себе, со индустрија и претприемништво независно од главниот град. Тука, пред се зборувам за конкретни ефекти и последици од процесот наречен децентрализација. За жал, децентрализацијата е замрзната кај нас и се одвиваат само повремени ситни чекори коишто сами по себе се бесмислени или пак имаат спротивен ефект. Таков пример е обидот за отворање на дисперзирани студии во поранешниот Пионерски Дом. Отворањето еден или два факултета нема да ги задржи младите во Куманово, ако немаат можност да се вработат подоцна. И нешто можеби уште поважно, нема да им се пружи можност да се осамостојат како возрасни луѓе.

    Што не би покажале на пријател кој првпат доаѓа во Куманово?

    Ги избегнувам Нагоричкиот и Опанчарскиот сокак, иако тие би требало да бидат туристички атракции. Странците не можат да сфатат зошто дозволуваме старите куќи да се распаѓаат или зошто ги рушиме и преправаме во "модерни", историски безвредни клонови со коцкасти тераси и ПВЦ прозорци. Да бидам искрена, ни јас не сфаќам. Второто место каде што сигурно не би ги одвела е Зеленото пазарче. Самиот пазар одамна е излезен од секаква контрола и никој не се обидува да го среди. Сообраќајот е катастрофален, не се почитуваат никакви знаци, а ниту пешаците, ниту возачите не знаат кај е улицата, кај е тротоарот. Хигиената е непознат термин, а за безбедноста и културата не би ни коментирала.

    Каде би го прошетале гостинот кој првпат доаѓа во Куманово?

    "Турата" која најчесто ја повторувам со гостите почнува од плоштадот. Дивите, мобилни менувачници се секогаш добар почеток и интересен куриозитет, посебно за посетителите од Западна Европа. Таквите видови на алтернативно водење на бизнис, во мали средини каде луѓето се познаваат е непознат за поразвиените земји. Потоа продолжуваме низ плоштадот, кон Изгорената школа. Самата историја за школата е интересна, а фактот дека десетици и десетици генерации ученици имаат поминато низ зданието е импресивен. Продолжуваме покрај градинката и гимназијата. Сепак, ова е значаен дел за голем број луѓе коишто од многу рана возраст, па се до своите 19 години го имаат поминувано секој работен ден во оваа област. Како во еден вид голем, заеднички двор, со свои маани и предности, но доволно волшебен и свој, посебно за помалите. Продолжуваме низ сокаците надолу, често кон Скопските дуќани. Сакам да ја посетувам кафеаната ,,Баба Цана'', како едно од ретките места што навистина се труди да го задржи духот на некои минати времиња. Надвор од централното градско подрачје, ми се допаѓа планината Козјак со своите села. Домашното овчо кисело млеко, стрикот на овци, шумските плодови се нешта коишто секогаш ги поврзувам со овој регион, а странците се воодушевени од изобилието на природата и добродушноста на локалното население.

    Со што се гордеете и што ви пречи во градот?

    Се гордеам и ме радува фактот што во Куманово постои толку активен и стабилен младински граѓански сектор, од типот на Мулти Култи и слични на нив. Организациите, предводени од група идеалисти, се фаќаат во костец со некои многу реални и ,,гломазни'' проблеми дури и за институциите. Сепак, можеби најмногу ме радува нивното трпение и упорност да работат со истиот интензитет и посветеност низа години. Многу ми пречи еден акутен проблем којшто дел од невладиниот сектор се обидуваат да го решат, а тоа е етничката поделеност на градот. Имам живеано во Мостар, каде можеме да ги воочиме плодовите на речиси целосната сегрегација, па така, никако не можам да го поддржам процесот на сегрегација којшто се одвива пред нашите очи. Можеби моментално не ни пречи, а некому и годи тоа што ,,другите'' си живеат едни со други, подалеку од нас, но последиците на подолг рок се катастрофални. Како и со многу други случаи, подобро е да се спречи, отколку да се лечи. Од примерот на Мостар, каде градот де факто функционира како два посебни градови, можеме да ја извлечеме опомената и да се потрудиме процесот да застане. Најтврдоглавите луѓе што ги имам сретнато се Кумановци. Само уште кога би ја насочиле тврдоглавоста во вистинската насока, кај ли би ни бил крајот...