×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановци заслужуваат да живеат во чист и уреден град

    05.03.2010 23:00 | KumanovoNews

    Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Петрушевски четири месеци го води претпријатието и веќе се гледаат првите резултати од неговото менаџирање. Започна амбициозна програма за чистење на градот и уредување на зелените површини, а истовремено ја стабилизира и финансиската состојба во претпријатието.

    Кумановци заслужуваат да живеат во чист и уреден град

    Вели дека сака Куманово да го види како чист и уреден град, а мотивацијата за своето работење ја црпи од подршката на граѓаните.

    Со Вашето доаѓање за прв човек на ЈП „Чистота и Зеленило“ се стабилизира финансиската состојба во претпријатието. Исплатени се заостанатите плати на вработените што претставува добар почеток?

    Платите кои беа заостанати за неколку месеци успеавме да ги исплатиме во краток период. За три месеци поделивме 5 плати и сега исплатата е редовна и навремена. Истото се однесува и на заработувачката на работниците ангажирани по договор на дело. Финансиската состојба полека но сигурно се подобрува и веќе правиме планови за нови вложувања. Се создаваат нови инвестициски можности во претријатиетo. Имаме уште една рата за отплата на возилата за изнесување на смет и веќе правиме планови да набавиме нови. Сакаме да ги отстраниме сите недостатоци што го отежнуваа досегашното работење и да создадеме услови за непречено одвивањена на работниот процес.

    По се изгледа конечно ќе го решите и проблемот со даночните долгови?

    Еден од основните проблеми во работењето на ЈП „Чистота и Зеленило“ e долгот по основ на ДДВ и Данок на добивка кој со години наназад се провлекува. Долгот изнесува 50.261.770 денари и државата овозможи да се отплаќа 10 години на 120 еднакви рати со грејс период од три години. До тогаш каматата од 24.576.268 денари ќе биде замрзната, а ќе биде отпишана во моментот кога ќе се исплати целата сума. Претпријатието има обврска редовно да ги сервисира сите рати, за да ги искористи поволностите. Доколку се направат пропуст во плаќањето, долгот ќе биде вратен на почеток.

    Со кои други проблеми се соочивте и што презедовме за да ги надминете состојбите кои го кочеа развојот на претпријатието?

    Работењето на моите предходници, генерално беше позитивно и јас наследив добар континуитет. Сите работни активности со менеџерскиот тим ги продолживме, но изготвивме динамичен план и програма за чистење на јавните површини и изнесување на сметот од градот.

    Направивме реорганизација на работните места и двојно ги зголемивме активностите каде имаше недоследности. Тука пред се мислам на изнесување на сметот во прва, втора и трета зона, како и поголемо ангажирање на вработените во чистењето на градските улици. Новата концепција ја реализираме со предвидената динамика и резултатите веќе се видливи. Особено сме задоволни што граѓаните позитивно реагираат на нашето залагање и не мотивираат да продолжиме со започнатите активности.

    Проектите се подржани од Советот на Општината, а исто така морам да истакнам дека имаме одлична соработка со градоначалникот и локалната администација. Наша заедничка заложба е дека граѓаните на Куманово заслужуваат да живеат во чист и модерно уреден град.

    Мината недела започнавте со уредување на зелените површини на Градскиот плоштад. Пријатно ги изненадивте граѓаните со новите хортикултурни решенија?

    Нашите инжинери по хортикултура изготвија проект за разубавување на Градскиот плоштад. Проектот предвидува во паркот да се засадат нови цвеќиња, зимзелени садници и да се оплемени целиот простор. За да се одржувааат овие површини и во текот на летото, планираме да извадиме бунар, а водата да се користи исклучиво за потребите на плоштадот. Целиот проект за озеленување и поставување на водоводната инсталација ќе го завршиме до крајот на месецот. До тогаш треба да ги уредиме и жардињерите на булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска револуција“.

    Како планирате да се справите со несовесните граѓани кои ги крадат засадените цвеќиња и садници?

    Ние имаме искуство со некоректно однесување на поедини граѓани и затоа на плоштадот, ноќе дежураат наши луѓе за да ги заштитат садниците. Тоа решение е парцијално и веќе сме во подготовка да поставиме камери на Градскиот плоштад. На тој начин ќе го обезбедиме просторот и навремено ќе реагираме ако има несакани појави. Сакам во оваа прилика да апелирам до граѓаните да ни помогнат во справување со овој проблем, бидејќи натрапниците не само што ја уништуваат нашата работа туку прават штета и целиот град.

    Доста амбициозна ја започнавте акцијата со граѓаните за расчистување на јавните површини во градот. Како сте задоволни од досегашниот тек

    Акцијата е добро прифатена и досега реализиравме повеќе успешни акции. Ќе продолжиме со исто темпо и во наредните саботи. Идејата ни е акциите да станат пракса за да ги отстраниме дивите депонии од јавните површини. Направивме програма до крајот на месецот ќе ги поминеме сите локации што со години биле запуштени. Јас морам да кажам дека тоа не е обврска на вработените во ЈП „Чистота и Зеленило“, но со добра организација и со позитивна мисла, сакаме Куманово да го исчистиме од натрупаниот отпад. По завршувањето на оваа акција ќе продолжиме повторно со куќните совети да го разеленуваме просторот што го исчистивме. Спроведувањето на овие акции ни дозволува да воспоставиме подобра комуникација со граѓаните што во предходниот период била мана во претпријатието.

    Стариот градски парк и зелените површини на Спомен костурницата, со години наназад се запуштени и запустени. Планирате ли да ги уредите?

    Градскиот парк и зелените површини на Спомен костурницата се од круцијално значење на градот и ќе преземеме се што е во наша надлежност да ги направиме пријатни места за престој на граѓаните. Веќе имаме план за ревитализација на двата комплекси, за нивно доградување и докомплетирање. Неодамна имавме чистење на Спомен костурницата од графити, а искршените делови од мермерните плочи ги поправивме. Планираме целосно да ги уредиме и со пристојно однесување на граѓаните се надевам дека ќе успееме да ги оживееме овие простори. Размислуваме во поголемите паркови да поставиме поквалитетно осветлување и 24 часовна стражарска служба.

    Покрај овие проекти што предвидува годишната програма на претпријатието?

    Во наредниот период ќе работиме на проектот за уредување на гробиштата,а ќе започнеме и со трговија на цвеќе и цветен матерјал. Планираме да отвориме неколку цвеќарници, бидејќи самите одгледуваме и произведуваме расаден матерјал. Во расадникот во Добрешане и кај Градскиот стадион веќе се сечат старите садници, а се подготвува земјиштето за сеење со нов семенски матерјал.

    Имате ли сеуште проблеми со наплата на сметките за ѓубрарина?

    Можам да кажам дека се видливи првите резултати и во однос плаќањето на сметките. Во последните три месеци наплатата е зголемена за 10 проценти, односно од 55 на 65 одсто. Меѓутоа се уште не сме задоволни од реализацијата. Ние сме свесни за тешката економска ситуација на граѓаните и затоа даваме олеснување, долгот да се отплаќа на рати, по што ќе се отпише каматата. Доколку должниците не ја искористат оваа можност ќе бидеме приморани наплата да ја извршиме по судски пат. Граѓаните досега во наплатните центри немаа можност да видат колку ни должат, бидејќи немавме мрежно поврзување и доаѓаат во дирекцијата. И тој проблем наскоро ќе го решиме бидејќи веќе распишавме тендер за нов софтвер со кој ќе се овозможи поедноставно и современо работење и следење на податоците со наплата на истурените пунктови на јавното претпријатие. Нашата комуникација со граѓаните ќе ја подигнеме на повисоко ниво за да можеме заеднички да дејствуваме за поубав и почист град.