×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановец тим лидер во Ковид-центар на Универзитетска клиника во Марибор

    19.05.2020 07:04 | KumanovoNews

    Медицината и здравствената нега никогаш не треба да ни стане рутина и кон сите пациенти треба да се однесуваме онака како би сакале ние самите или нашите блиски да бидат третирани, со многу емпатија и почитување, вели младиот лекар Спасовски.

    Кумановец тим лидер во Ковид-центар на Универзитетска клиника во Марибор

    Кумановецот Немања Спасовски (27), работи како тим лидер на Инфективното одделение во Универзитетската клиника во Марибор, Република Словенија и заедно со останатите лекари деноноќно се грижи за здравјето и се бори за животот на пациентите кои се позитивни на коронавирус. Пред два месеци самиот се пријавил да работи во центарот, бидејќи тоа му било предизвик и искуство кое се стекнува еднаш во животот.

    Немања завршил основно образование во Куманово, а потоа со семејството се преселил во Словенија. Со одличен успех и со награда златен матурант го завршил медицинско училиште и продолжил со студии на Универзитетот во Марибор, насока здравствена и интензивна нега. Медицината и здравството го интересирале од најрана возраст, па уште од тогаш се гледал себеси во оваа хумана и полна со адреналин професија. Дека е тоа така покажал и на дело кога на почетокот на пандемијата самиот побарал да го префрлат во центарот за лекување на заболените од КОВИД-19.

     

    По завршувањето на студиите веднаш се вработив на одделението за абдомeнална хирургија, поточно на одделот за интензивна нега на Универзитетската клиника во Марибор. Уште додека учев во средно, хирургијата ме интересираше повеќе од сите другите области во медицината, затоа кога добив можност да бирам се одлучив за неа. Кога се појави првиот случај на коронавирус во Марибор и кога беше хоспитализиран првиот пациент во нашата клиника, решив и, по договор со претпоставениот на моето матично одделение каде што работам, преминав привремено на Инфективното одделение во Ковид-центарот во Марибор. Центарот беше направен за само два дена и веднаш беше оспособен за примање на ковид позитивни пациенти.

     Што значи да сте „водач“ и колку члена брои тимот ?

    Мојата работа е пред се` одговорна и напорна. Како „водач“ на тимот, во една смена, мојата задача е да го организирам текот на целата работна смена, без разлика дали таа трае осум или дванаесет часа. Дел од моите обврски се визитите со дежурните доктори, парентерално-венозната терапија, сите прегледи што се вршат кај пациентите, компјутерско документирање и уште многу рецепти и разни документи и картотеки.

    Бројката зависи од бројот на хоспитализираните пациенти и гужвата на одделението. Варираше од 8 до 10 члена на смена. Морам да напоменам, дека мојот тим е пред се` храбар и одговорен, позитивен и стрчен за работата која што ја извршува.

    Колку пациенти згрижувавте дневно? На колку години беше најмалдиот пациент, а на колку најстариот?

    На нашето одделение имавме и до 30 пациенти на ден, но бројката опаѓа. Засега се 11, што не значи дека треба да сме порелаксирани. Најмладата пациентка беше на 23 години, а најстариот на 89-годишна возраст.

     Дали има заболени од Вашиот тим и дали редовно се прават проверки на медицинскиот персонал?

    Со гордост можам да кажам дека после два месеци работа во Ковид- центарот, немаме ниту еден инфекциран член од нашиот тим. Доколку некој од членовите ќе покажеше знак или симптом на вирусот, веднаш се тестираше. Засега сме сите здрави, што покажува дека добро работиме и дека ги почитуваме и применуваме мерките и прописите коишто ги добивме.

     Што најтешко Ви паѓаше во работата? Има ли некој случај што посебно Ве погоди и ќе го паметите?

    На почетокот на пандемијата, ми беше чудно и невообичаено, пред се` начинот на кој претходно мораш да се заштитиш, за да влезеш кај пациентите. Облекувањето и соблекувањето се вршеше по посебен протокол. Секако, дека имаше разни ситуации и случувања кои ќе ги паметам уште долго време. Со вас ќе споделам две ситуации, една позитивна и една негативна. Негативната е кога кај еден постар брачен пар, утврдивме ковид инфекција и ги хоспитализиравме истовремено. Беа соба до соба и можеа да се гледаат само преку стаклото на прозорците, а тие секој ден, без исклучок, си се насмевнуваа и си посакуваа убаво утро. Беа многу симпатични и позитивни, сите навивавме да оздрават и да си одат заедно дома. Но, овој вирус е непредвидлив и опасен. Здравствената состојба кај мажот се влоши, за неколку часа мораше да го приклучат на респиратор. Беше многу тажна слика кога утрото, додека поминувавме низ собите ја видовме старата жена на прозорецот како го чека својот сопруг за да му посака убаво утро, незнаејќи дека тој во текот на ноќта беше приклучен на респиратор. После неколку дена тој, за жал, почина, а жената остана хоспитализирана. По 2 недели и се подобри здравствената состојба, по 3 негативни брисеви си замина дома. Беше многу тажна и неутешна што мораше сама да се врати дома. Никого од нас оваа слика не остави рамнодушен.

    Позитивната ситуација, секако, имаше среќен крај. Пред 2 дена после 53 дена го отпуштивме и нашиот прв пациент со ковидвирусот. Беше 47- годишен маж кој е прв пациент приклучен на респиратор. Цели 53 дена беше со нас и на сите ни прирасна при срцата. Кога го исклучивме од респираторот и си дојде присебе, првата реченица која ја изговори секогаш ќе ја памтиме, а тоа беше изразување на благодарност што животот му дал уште една шанса. Има уште многу вакви ситуации, но овие две ќе ги паметам до крајот на животот.

    Што Ве храбреше и Ви даваше сила да издржите во такви моменти?

    Храброст е моја карактерна особина и работата во Ковид-центарот не ми претставува проблем, туку предизвик и едно ново искуство кое ретко кој има можност да го доживее. Сила и енергија да издржам ми дава мислата која постојано е моја мотивација во професијата, а тоа е дека помагам и спасувам човечки животи. Мојата работа, во Ковид-центарот, не се разликуваше многу од работата којашто дотогаш ја работев на абдоминална хирургија. Единствена разлика е што тука морам да носам заштитна опрема (за да се заштитам себеси и другите колеги), а при работа на хирургија истата не ми беше потребна. Дел од мојот работен процес во Ковид-центарот се и контролните брисеви и брзите серолошки тестови кои ги земам кај пациентите на три до четири дена. На почетокот, тешко ми паѓаше и самата помисла дека од таму заминувам кај моите дома и дека постои можност да им го пренесам вирусот, но по неколку дена ни беше организирано и сместување во хотел, во близина на болницата. Оттогаш се` стана полесно и со задоволство одам на работа, единствено тешко ми паѓа облекувањето и соблекувањето на заштитната опрема, кое одзема време од здравствениот процес.

     Инфектолозите кажуваат дека овој вирус уште не е истражен целосно и е доста непредвидлив, особено за пациентите со коморбидитет. Што е неговата најлоша карактеристика?

    Да, вирусот SARS-COV-2 или COVID-19 е нешто што сите здравствени работници не` изненади и преплаши. Да бидам искрен, се` уште сум под тие импресии и се` уште не можам да кажам дека сме ја надминале оваа вонредна состојба, иако бројот на хоспитализирани пациенти секојдневно се намалува. Секој ден дознаваме нешто ново за вирусот, но уште малку и ќе го имаме во раце. Неговата најлоша карактеристика е тоа што ги напаѓа луѓето со слаб имунитет и постарите. Најмногу се одразува на дишните патишта и дишењето.

     Следите ли како Македонија се справува со коронавирусот? Се разликуваше ли од словенечкиот пристап?

    Следев, колку ми дозволуваше времето, како се справува Македонија и околните држави, па и светот. Разлика од „долу“ и тука кај нас во Словенија беше само во заболените здравствени работници. Во Словенија многу малку здравствени работници беа заразени со вирусот. Со заштитната опрема за вирусот, мислам дека скоро сите држави слично беа опремени.

     Куманово е град со најголем број на заболени и починати од корнавирус по глава на жител. Знаејќи го нашиот менталитет, од професионален аспект, што мислите, зошто е така?

    Мое мислење е дека најголемиот проблем беше во доцното сфаќање на сериозноста и опасноста од зараза со овој вирус и непочитувањето на мерките донесени од страна на стручните лица, а кои беа ригорозни и строги. Ние, кумановци, не сме навикнати на таков начин на живот.

     Каков е животот во Словенија, Ви недостига ли Куманово?

    Убавината на Словенија и подобрите услови за живот ме привлекоа и доведоа до одлуката да се преселам. Најпрво, сакав да студирам тука и ако се пронајдам себеси да останам и да се вработам тука. Откако се преселив животот ми се смени за 360 степени. На почетокот ми беше тешко и напорно, пред се` заради промена на околината: нова држава, нови луѓе, тежок јазик итн. Но сега, после десет години, се навикнав. Марибор стана мој дом, а во процес сум и на добивање на државјанство и купување на свој стан. А Куманово, засекогаш ќе остане мојот роден град, град во кој израснав и каде се наоѓа целата моја фамилија и многуте пријатели. Секогаш, со задоволство, ќе се враќам како гостин.

     Кои се Вашите планови приватно и професионално?

    Моите професионални планови засега се стопирани. Се запишав на мастер студии, но и тоа е сега во мирување. По завршувањето на епидемијата, ќе се вратам на својот начин на функционирање, во кој денот ми е исполнет со обврски и најразлични случувања. Приватно ме чека селење во стан, и секако, уживање во свое после 8 години напорена работа и штедење. А пред тоа, еден краток одмор во родното Куманово.

    12. Која е Вашата порака до колегите во Македонија?

    Мојата порака или совет до сите колеги од Куманово е, истата којашто јас ја добив од деканот, првиот ден кога стапнав на факултетот. Истата мисла ме следи веќе 8 години, колку што сум и во медицината и во здравствениот систем, а тоа е дека медицината и здравствената нега никогаш не треба да им стане рутина и сите пациенти да ги третираат онака како би сакале тие самите или нивните блиски да бидат третирани, кога би лежеле во болничките кревети, со многу емпатија и почитување.

    (С.Н.)