Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Габриела Младеновска, наставник по македонски јазик во ОУ„11 октомври“
Што не ви се допаѓа во градот?
Не ми се допаѓа хигиената и мислам дека виновни се граѓаните затоа што нивната свест не е развиена. Излетнички места треба да има повеќе за да можеме кога е убаво времето да одиме со учениците на излет. Секогаш има работи кои можат да се поправат. Понатаму не ми се допаѓа премногу густиот сообраќај. Не кажувам кој е виновен, сепак има метеж.
Што не би му покажале на пријателот кој првпат доаѓа во градот?
Сум била во таква ситуација многу пати. Би го одвела да прошета на Кејот на реката и на булевар Октомвриска револуција, низ центарот на градот и во делот на населба Гоце Делчев. Тоа се најубавите делови од нашиот град, урбани. Не би го покажала делот што почнува од автобуската станица. Тој дел е премногу валкан и не е добар да се претстави на некој кој доаѓа од страна.
Од што се срамите во градот?
Се срамам кога ќе чујам како луѓе пцујат искрено. Тоа мене многу ми пречи како на граѓанин или кога се изговараат погрдни зборови. Тоа некултурно однесување ми паѓа во очи. Во градот се чувствува преголема напнатост. Луѓето се под стрес. Исто кај вработените во јавните претпријатие ми пречи арогантното однесување.
Со што се гордеете?
Се гордеам со знаменитостите на мојот град. Во Куманово се кренале две востанија. Има градот богато историско минато.Тоа го отсликува духот на непокорот. Од другите градови Куманово е поинакво бидејќи тука живеат повеќе националности и такво е и училиштето каде што јас предавам. Тоа е карактеристика на Куманово. Македонија има многу убави места. Можам да кажам изобилува со знаменитости. Сум ги посетила скоро сите места во земјава, некои приватно, некои професионално. За туризам тоа не е доволно. Треба инфраструктура, сместувачки капацитети, и пред се љубезност од угостителите. Од моите впечатоци мислам дека фали љубезност. Тоа е најслабата алка.