×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово станува модерна општина и треба да ги има сите перформанси за брз развој

    06.01.2021 17:56 | KumanovoNews

    Во мојата програма има проекти за две, четири и осум години. Интензивно работевме на голем број од нив, кои ќе создадат подобри услови за брз развој на општината. По цела деценија, Куманово не должи никому  и подготвени сме да влеземе во еден нов инвестициски циклус, кој ќе го реализираме во наредниот период, - вели меѓу другото градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во празничното интервју за Кумановоњуз.

    Куманово станува модерна општина и треба да ги има сите перформанси за брз развој

    По што ќе ја паметите 2020 година, а да не е врзано за пандемијата со ковид-19?

    Најпрво, дозволете ми, на вашите читатели да им ја честитам Новата 2021 година и престојните Божиќни празници.  Им посакувам многу здравје, успех и остварување на сите замислени желби.

    2020 година беше турбулентна, со многу непревидливи ситуации и предизвици. Како најзначаен настан би го издвоил ветото од нашиот сосед Бугарија, кон остварување на нашата стратешка цел, влезот во Европската Унија.Во 21 век некој да бара да се откажете од своето битие, од својот јазик, идентитет и историја, е незамисливо, тоа е неприфатлива уцена. Тоа не се европски вредности  и почитување на основните човекови права и слободи. Нашиот пат кон ЕУ е незаменлив, но таму треба да влеземе достоинствено и со високо кренати глави. Воедно, и членството во НАТО е историски успех, кој за жал остана во сенка на епидемијата.

    На локален план, и покрај сите потешкотии предизвикани од ковид кризата, успеавме да ги реализираме предвидените капитални инвестиции, но сепак, за мене, најважна е финансиската деблокада на Општина Куманово. После цела деценија, Куманово не должи никому  и подготвени сме да влеземе во еден нов инвестициски циклус, кој ќе го реализираме во наредниот период.

    На личен план, за мене посебен настан и радост е јубилејната 20- годишнина од брак. За нас, кои сме на одговорни општествени позиции, исклучително е битна поддршката и разбирањето од семејството. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на моите најблиски, но секако и на моите сограѓани.

    Коронакризата остави голема лузна во нашиот град, поради високиот број на заболени и починати сограѓани.  Што најмногу Ве погоди во целата ситуација, а не бевте моќни да смените и да помогнете?

    Ковид кризата го смени начинот на нашето функционирање. Едноставно ни ги промени животите. Сметам дека и во иднина ќе има длабоки последици предизвикани од кризата, како од економски, така и од социјален карактер, коишто сите ние ќе ги почувствуваме. За жал, пандемијата зема многу жртви, за кои изразувам длабоко сочувство до нивните семејства.

    Она што најмногу ми пречеше е недоволната координација и разбирањето на почетокот на кризата помеѓу Владиниот и Општинскиот штаб. Ние, како Општински штаб заседававме секојдневно, бевме присутни на терен и ги презедовме сите можни мерки и активности, кои се во наша надлежност. Значајно е да напоменам дека дел од бизнис секторот од Куманово и државата се вклучи со свои донации по разни основи и јас за тоа сум неизмерно благодарен. Уште еднаш кумановци ја покажаа својата хуманост и солидарност на дело. Сепак, сметам дека ако имавме повеќе разбирање од здравствените власти на централно ниво за нашите предлози на почетокот од кризата, а тоа е делумно да ја затвориме општината или да воведеме двонеделен карантин, ќе го намалевме ризикот од масовно ширење на вирусот. Но, сето тоа е зад нас, борбата со вирусот продолжува и понатаму. Апелирам до сите сограѓани да ги почитуваат и практикуваат постоечките здравствени мерки, тие спасуваат животи.

    Со оглед на пандемијата, колку од предвидените приоритети од Вашата програма за оваа година успеавте да реализиравте?

    Во мојата програма има проекти за две, четири и осум години. На крајот од третата година имаме реализирано околу 70% од програмата и дополнителни проекти, кои не се опфатени во неа. Интензивно работевме на голем број инфраструктурни проекти (пробивање, тампонирање и асфалтирање на нови улици, реконструкција на постоечки улици, нови водоводни и канализациски мрежи, реновирање на училишта, изградба на училишни спортски сали, нови спортски терени, модерно улично осветлување, поставување на урбана опрема, нови зелени површини, паркинг простор и катна гаража). Особено се гордеам што успеавме да ставиме ред во градбата и да воведеме нова политика на градба на станбени комплекси. Го изградивме првиот кружен тек на влезот во Куманово, ја ставивме во функција  велосипедската и пешачка патека на булеварот “Октомвриска револуција” со монтажа на непопуларните столбчиња кои дадоа резултат, монтажната катна гаража кај Центарот за култура, направивме регулација на речното корито кај Градскиот парк, ја уредивме викенд населбата во Студена вода и др. Куманово станува модерна општина, која треба да ги има сите потребни перформанси за експедитивен развој.

    Што ќе Ви биде приоритет во 2021 година?

    Во 2021 година ќе продолжиме со поинтензивно темпо. Предвидуваме реализација на уште два кружни тека на раскрсниците булевар „Октомвриска револуција” – „Трета МУБ” и „Трета МУБ” – „Гоце Делчев“. Паралелно подготвуваме и проектна документација за локацијата Градски пазар, прва и втора фаза за реконструкција на култната Соколана, нови содржини за младите, нови спортски терени, патеки за пешачење, уредување на Спомен Костурницата со изградба на комплекс за рекреација и многу други проекти, кои ќе го подигнат стандардот на живеење на Кумановчани и во градот, но и во приградските населби и селата.

    Влегувате во завршницата од 4-годишниот мандат, задоволни ли сте колку сработивте?

    На ова прашање е тешко да дадам одговор. Генерално сум задоволен, но и кога треба сум самокритичен. Секогаш може повеќе и подобро. Човек сум кој држи до својот збор и се трудам сите наши предизборни ветувања, наведени во програмата, да бидат исполнети и да станат реалност. Се надевам дека нашите сограѓани ќе бидат задоволни од тоа што го планираме и што ќе го сработиме во 2021 година.

    На што сте горди, а за што жалите што не успеавте да релизирате во изминатите три години?

    Горд сум првенствено на разбирањето од страна на моите сограѓани за објективните услови и комунални проблеми, со кои се соочуваат со децении наназад.  Дефинитивно секој  нов проект  е поттик и за мене и за мојот тим за дополнителен ангажман и реализација на уште поголем број  проекти.

    Што Ве мотивира да се кандидирате за уште еден мандат, бидејќи отворено кажавте дека имате амбиции?

    Главниот мотив ми е Куманово. Сакам во целост да ја спроведам мојата програма, која е за период од  два мандати. Куманово заслужува да го добие епитетот на една модерна, урбана, европска метропола. Имам јасен план и визија и знам како да го направам тоа. Секојдневната комуникација со граѓаните и поддршката која ми ја даваат ми годи, но и дополнително ме мотивира да дадам се од себе за наше Куманово.

    Се надевате ли на сигурна поддршка од партијата, со оглед на тоа што во кумановската општинска организација секогаш има повеќе претенденти за градоначалничката функција?

    Во едно демократско општество добро е еден политички субјект да има повеќе кандидати. Раководството на партијата со свои анализи и сондажи на јавното мислење ја носи конечната одлука со кого ќе истрча на избори. Но, исто така секој има и одговорност за својата одлука.

    Врз база на она што е сработено во изминатиот период, се надевам дека ќе ја добијам поддршката од мојата партија. Не гледам причина тоа да не биде така. Но,најважна од се е поддршката од граѓаните. Тие го имаат крајниот збор.

    Доколку не ја добиете поддршката на партијата, ќе излезете ли како независен кандидат?

    Во моментов не би сакал да шпекулирам за таква номинација и кандидатура. Воопшто не размислувам дека такво нешто ќе се случи. Мојот главен фокус е реализација на преостанатите проекти од мојата програма.

    Вие бевте бизнисмен, па едно време поминавте на работа во Авганистан, по што целосно се посветивте на политиката. Од каде ваква промена во вашиот живот? Се заситивте ли од бизнисот или почувствувавте дека созреавте целосно за да се посветите на креирањето на државните и локални политики.

    Се вработив веднаш по отслужување на воениот рок во 1995 година. Првично во приватен субјект, а потоа оформив партнерски бизнис, кој до ден денеска фукционира, но ниту во еден момент не ги мешам бизнисот и политиката. Уште од најмлада возраст ме привлекуваше политиката и општественото делување, првенствено сакајќи да променам нешто и да ги наметнам моите ставови, кои што многупати од страна на поединци беа погрешно толкувани, бидејќи се залагав за транспарентност, отчетност и одговорност во делот на вршење на јавните функции. Дополнително, во тешки економски моменти во државата и јас ја споделив судбината на моите сограѓани и работев за светски познатата компанија во кризните региони. По враќањето се активирав политички како член на Советот на општина Куманово. Верувам дека моите сограѓани ги препознаа моите заложби и ми дадоа една ваква одговорна позиција. Апсолутно човекот низ текот на својот професионален ангажман , како живо битие, созрева и еволуира и гради ставови врз база на лични убедувања, но секако и објективно согледување на реалноста и средината во која што работи. Во моментов мојата мисија е заедно со моите граѓани да го трансформираме Куманово во една модерна и урбана проевропска средина.

    Како вашето семејство го прифаќа Вашиот ангажман во политиката, Ви дава ли безрезервна поддршка или негодува поради тоа што сте многу отсутни од дома, бидејќи градоначалничката функција носи многу обврски и одзема време?

    На самиот почеток беше тешко да се објасни отсуството од дома и преокупацијата со професионалните ангажмани. Денес уживам целосна поддршка во кругот на моето потесно семејство, кои активно ги следат сите мои делувања и постапки низ кои поминувам , а во одредени моменти и директно влегуваат во предизвиците на мојата професионална работа. Поддршката од семејството и пријателите е континуирана, но не изостануваат ни критиките.

    Оставате впечаток дека сте сериозен и строг човек. Дали тоа ги демотивира луѓето да Ви  пријдат и да Ви се обратат? Кој е Максим Димитриевски кога ќе се „загребе“ по површината?

    Фасадата е едно, сржта е друго. Тие кои што добро ме познаваат најдобро знаат каков човек сум. Во работата секогаш мора да бидете професионалец, а особено кога работите со луѓе и администрација којашто има, за жал, мора да кажам, бирократски навики. Но, низ самиот начин и соработка ние учиме едни за други. Граѓаните ми се обраќаат многу често, со многу лични проблеми. Во рамките на мојот мандат имам остварено повеќе од 7000 лични средби со мои сограѓани, на некои успеав да им помогнам, на некои, за жал, немав можност. Но, како и да е, јас сум само еден обичен човек, сосема ист како и сите мои кумановци, кои сме специфични по својот темперамент, упорни, истрајни, многупати и до тврдоглавост, сакајќи достоинствено да одговориме на предизвиците. Физичкиот изглед многу малку говори за внатрешноста на човекот, но никогаш не сакам да наштетам лично, освен да постапувам по законот и да го спроведувам.

    Што најмногу Ви недостига од „поранешниот“ живот пред да станете политички активни?

    Времето е нешто што во моментов недостасува и директно влијае на секојдневните поранешни навики за дружба и взаемна комуникација со пријателите, другарите и членовите на семејството.Нема доволно време за спорт,рекреација и здрав живот.

    Што работи Максим Димитриевски во слободно време?  Што читате, која музика слушате?

    Во минатото читав стручна литература, која што ми помогна да се надоградам во политиката. Во моментов, само актуелни политички теми на локално, државно, регионално и на светско ниво. Но, секој човек сака да има и свои лични моменти. Во слободно време уживам во прошетки. Од музика слушам се од поранешните ју-простори и дополнително ја почитувам евергрин музиката.

    Каква храна преферирате. Дали сте гурман, на која кујна давате предност?

    Важам за гурман. Љубител сум на традиционалната македонска кујна. Ако треба нешто да издвојам, ништо не може да се спореди со нашиот далеку познат кумановски мезал’к и прочуениот кумановски суџук. Во одредени моменти уживам и во италијанската кујна. Различни видови на тестенини и секако неизбежната пица.

    Вие на социјалните мрежи често пишувате за вашите корени. Која е семејната лоза на Димитриевски?

    Потеклото на татко ми, од машка страна, влече корени од село Радибуш, денешна општина Ранковце, додека по баба ми потекнувам од Шопско Рударе и семејното стебло на семејството Чизаци. Мајка ми е од мешан брак помеѓу Македонец и Србинка. Српските корени  се од реонот на Далмација, во околина на местото Сињ, додека по дедо ми сум од една од постарите градски семејства Липковци.

    Кој Ви е идол во политиката?

    Има многу големи имиња во светската политика. Мене ме импресионира Тони Блер, поранешен премиер и лидер на лабуристите во Велика Британија, динамичен реформатор, кој економски ја воскресна Велика Британија. Од домашната сцена, неприкосновен е Киро Глигоров, човек кој обединуваше и е основоположник на македонската држава, политичар од највисок ранг.

    Каде ќе ги поминете Божиќните празници?

    Овие моменти ќе ги поминам со членовите на моето најтесно семејство и согласно препораките на Владата во делот на заштита и превенција од ковид вирусот. Тоа им го препорачувам и на сите наши сограѓани. Среќен Божиќ на сите сограѓани!