Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ликовниот уметник Јовица Ивановски зад себе има 20 години плодна работа, четири реализирани изложби во Куманово, изложби во Скопје, Свети Николе и други градови. Изработува икони на дрво, а сликите ги работи во техника масло на платно. Не знае точно колку слики има направено, но секако станува за збор за повеќе од 500 уметнички дела. Ивановски е љубител на убавиот пишан збор. Освен што слика, во слободно време пишува и кратки раскази.
Кога и како почнавте да се занимавате со уметност?
Треба да правам јубилеј 20 години уште малку. Прво почнав со пејзажи, па со икони, и од тоа егзистирам. Тоа е најубав начин духовно да се искажам. Тема е нашиот секојдневен живот, природата, околината, самиот човек и неговата психа. Мене наградите не ми се важни, тоа не е мерило. Уметникот размислува уметнички креативно. Квалитетот си доаѓа сам по себе. Има уметници кои знаат што е вистинско сликарство. Без разлика дали некој работи помалку, или повеќе години, тоа треба да се цени и да се почитува. Јас сум самоук, а сепак ме третираат како академски сликар.
Каде ги пласирате вашите дела?
Секоја слика може да оди на продажба. Луѓето ме научија. Доаѓаат и дома и ме бараат. Одам во Охрид, таму ги продавам. Сум продавал слики на странци во Германија и во САД. Дискутабилно прашање е дали од уметност може да се заработи. Кај нас се смета дека не може. Напротив, може само треба да се вложи труд и да се работи со љубов. Во нашава средина како што се условите, ако има квалитет, ќе дојдат и парите. Јас сум задоволен. Има за егзистенција.
Има ли уметници на кои се угледувате?
Секој кој почнува има некој идол. Имам и од Македонија и од надвор. Само не треба многу да ви се допаѓа некој сликар за да не го копирате и имитирате. Пикасо, Ван Гог ми се омилени. Ми се допаѓа нивниот потег со боја и форма. Треба уметникот да ја следи уметноста низ векови. Можам некој елемент од нив да земам инаку морам да бидам оригинален. Кога ќе си најдеш свој стил, кога ќе имаш свое јас, тогаш почнуваат да те ценат луѓето.- Уметникот се раѓа или се создава?Има 5 проценти талент, а се друго е работа. Уметникот се раѓа, тоа е така. Колку е поголем нагонот и енергијата на човекот, толку е подобар уметникот. Духот уметнички не можеш да го научиш на факултет, тоа е вродено. Детето кога се раѓа има талент. Тоа е божја дарба, искра. Луѓето се чудат од каде толку енергија и толкав квалитет. Немам точна бројка, колку сум сработил. Со бројки не располагам. Имам дела низ целиот свет. Сигурно се над 500 дела, а можеби и повеќе. На секои два дена правам по една икона. Ако е нешто апстрактно се работи и подолго, па може цела година да направам три или четири дела, зависи. Но работам за своја душа.