×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Желбата да градам интернационален бизнис е моја реалност којa сега ја живеам

    13.11.2020 09:37 | KumanovoNews

    Анита Спасовска од Куманово, магистар по економски науки и сертифициран тренер по НЛП методологија, на почетокот на годината направи радикална промена во професионалниот живот и се посвети на работи кои ги исполнуваат нејзините желби и очекувања. Стана дел од интернационална компанија, работи сопствен бизнис, а дел е и од тимот на Институтот за личен развој во Белград. Принципиелна, посветена и трудољубива, оваа млада и успешна жена храбро чекори и одлучно се бори со сите предизвици кои ги носат животот и работата.

    Желбата да градам интернационален бизнис е моја реалност којa сега ја живеам

    Госпоѓо Спасовска, по долгогодишно работење во домашна компанија неодамна започнавте сопствен бизнис. Што конкретно работите сега и како се снаоѓате со новите предизвици на новото работно место?

    - Одговорот ќе го започнам со една мисла на моите ментори: „Не сакај да е полесно, посакувај да си подобар. Не посакувајте помалку проблеми, посакувајте повеќе вештини. Не посакувај помалку предизвици, посакај повеќе мудрост“. Одлучив да направам промена во мојот професионален живот и ја напуштив компанијата, каде долги години работев и поминав голем дел од професионалниот живот. Благодарна сум за периодот и времето што го поминав таму, за она што го осознав и научив, и можноста да дадам својот придонес во нејзиното градење. Одлуката не беше лесна, но кога знаете што сакате во животот и кај се гледате себе во иднината тоа доаѓа сосема природно. Самиот факт дека како личност сакам промени, сакам да учам и постојано да се надградувам не беше тешко да се адаптирам и прилагодам на новите обврски, затоа што тоа е и мојот стил, начин на живот и на работа. И како велат: „Пази што посакуваш може и да ти се оствари“. Мислата има неверојатна моќ и мојата желба ме доведе да станам партнер во интернационална компанија. Со самото тоа можам да ја користам нејзината инфраструктура, а при тоа да градам сопствен бизнис. Желбата да го остварам мојот сон и да изградам бизнис кој што ќе функционира не само во рамките на нашата држава, туку ќе биде интернационален веќе не е само желба, стана реалност која што ја живеам. Бизнис моделот е така конципиран што ми помага да ги градам луѓето од мојот тим, а не обратно да ги користам нив за да изградам бизнис. Тоа ме воодушеви и освои на прв поглед. Покрај во оваа компанија партнер сум и во домашната компанија чија што основна идеја и цел е на своите клиенти да им обезбеди квалитетна услуга од областа на финансиите (бизнис дијагностика, изработка на деловни и стратегиски планови, cost benefit анализа, cash flow, подготовка на потребна документација за ИПАРД програмата и пристапност до фондови и сл.) и развој на човечкиот потенцијал преку специјализирани обуки креирани одделно за секоја компанија.

    На почетокот од оваа година станав и асистент на НЛП Институтот Slavica Squire во Белград, така да мојата љубов за личен развој продолжи уште посериозно да се развива и да се продлабочува, но сега и во насока на давање на поддршка на сите оние посетители на овие обуки кои што сакаат да го превземат управувањето на својот живот во сопствени раце. Бекрајно сум благодарна што ја имам можноста да бидам дел од тимот на Славица која оваа методологија ја има донесено во Србија, а подоцна ја развива и во бившите југословенски републики.

     Како успешна деловна жена која има добиено повеќе меѓународни и домашни награди и признанија, што според Вас што е најважно да се постигне успех и да се реализираат зацртаните цели?

    - Според мене три најважни работи за успех се: верувањето, опкружувањето и храброста. Среќата дефинитивно не е. Тоа е изговор на неуспешните, наспроти резултатите што ги имаат остварено успешните. Секој од нас е резултат на одлуките кои сме ги донеле во минатото и сé е многу поедноставно кога ќе си признаеме на самите себе дека единствено ние сме одговорни за нашиот живот, а најважно е да знаеме што всушност сакаме. Јас честопати знам да кажам досега во мојот живот сум имала многу состаноци со потешки или полесни соговорници, но дефинитивно најтешките состаноци до сега ми беа со самата себе. Неколку пати беа неуспешни, неколку пати ги напуштав. Затоа што најголемиот непријател на самата себе сум јас, како што самите може да си го уништиме својот живот никој друг не може.

    Човекот е единственото суштество на оваа планета што има моќ да резонира и размислува и понекогаш единствената работа која стои помеѓу нас и она што го сакаме да го оствариме е верувањето. За моќта на нашите верувања и моќта на опкружувањето направени се голем број на научни истражувања но, она што мене фасцинира се истражувањата направени од американскиот биолог Брус Липтон. Тој уште во седумдесетите години на минатиот век докажал дека генетиката не е она што има пресудно влијание на нашиот живот, според него она што не контролира се нашите мисли, нашите верувања и нашиот став. Начиот на кој што мислиме се претвора во хемија која протекува низ нашето тело и ја контролира активноста на нашите гени. Така ако ги промениме нашите мисли ја менуваме и нашата биологија.
    Најголемата пречка да си ги оствариме нашите животни мисии е стравот.  За жал, малкумина имаат храброст да се одважат и да го започнат процесот на промена и на растење. Секое растење, секоја промена боли. Стравот и храброста се како светлоста и темнината, кога ќе дојде светлината темнината бега.

    Дали во бизнисот има емоции?

    - Имам слушнато различни ставови и мислења по основ на ова прашање, но моето лично мислење и мојот начин на размислување е дека емоциите даваат додадена вредност во самото работење. Што сакам да кажам? Луѓето се живи суштества кои што имаат емоции и ние сакале или не сакале низ животот сме водени од емоциите. До сега високиот коефициент на интелегенција (IQ) воглавно беше предиспозиција за успех, но во денешно време науката укажува на нешто друго. Најуспешните луѓе не се оние кои имаат висок коефициент на рационална интелегенција, туку доминантна е емоционалната интелегенција (EQ). А тоа е способноста да се сочувствуваат со другите, да се проценуваат, да се создаваат и градат добри односи, правилното толкување и реагирање на туѓа емоција, да може да се препознае кога вашиот соработник или колега е тажен или лут.

    Дали жените се рамноправни со мажите во бизнисот. Се случило ли некогаш да не сте успеале во некоја работа само затоа што сте жена?

    - Често пати ми го имаат поставувано ова прашање и секогаш ми е предизвик да го дадам моето мислење. Мојот став е дека единствениот критериум по кој треба да се врши поделбата на работата е по тоа дали некој има вештини и компетенции за одредена работна позиција или нема. Сите други поделби врз основа на пол, припадност (политичка, верска, национална или не знам каква и да е) за мене се недопустливи. Лично во досегашното мое работење многу малку сум била во таква ситуација, но и тогаш кога сум се нашла никогаш не дозволував туѓо мислење да влијае на мене. Никогаш не дозволив да се најдам во состојба на потчинетост поради таквите сфаќања. Ние сме платени поради вредноста која ја даваме на пазарот и неопходно е време за да се донесе таа вредност и истата ни најмалку не зависи од кој пол си, или ја имаш или ја немаш. Ќе работиш на себе да ја креираш и развиваш или ќе наоѓаш изговори кои се основа за некој вид на поделба.

     Кој е Вашиот совет за идните млади претприемачи, а посебно за жените? Од што никогаш не смеат да се откажат?

    - Да се охрабрат, да се борат за своите соништа и никогаш да не се откажуваат од нив. Има безброј животни искуства низ кои поминале многу успешни луѓе и едниствената заедничка карактеристика за сите нив е дека секој поминал низ трнлив пат до целта. Ништо во животот не ни е дадено на подарок, сé треба да си го заслужиме. Да внимаваат кого слушаат, да се опкружат со оние луѓе какви што и самите сакаат да бидат. Многу одамна прочитав една мисла на Конфучиј: ”Ако сте најпаметната личност во собата, тогаш сте во погрешна просторија”. Да бидат опкружени со луѓе кои што се далеку поуспешни од нив во таа област во која што сакаат да растат и да се развиваат. Со денешниот развој на технологијата сé им е достапно и како никогаш до сега не е било полесно да ја искористат можноста која ни ја даваат автоматицацијата, дисинтермедијацијата, огментацијата, краудсорсингот и краутфандигот. Да се ослободат од некорисните верувања дека треба да се скромни и дека успехот е тешко достижен. Да тргнуваат од фактот дека сé што постои на оваа планета, а не е создадено од природата претходно е креирано во нечија имагинација. Да дозволат да мечтаат и да си го негуваат детето во себе. Многу работи може да научиме од децата тие не знаат за ограничувања, не знаат и дека не можат. Колку пати се обидуваат да направат една иста работа и не се откажуваат додека не успеат, затоа што не знаат за страв и ограничувања.

     Како би се опишале себе си? На што најмногу сте горди? Што би смениле доколку сте во можност?

    - Најтешкото нешто за мене е да зборувам за себе и со себе. Јас сум среќна мајка на две прекрасни дечиња Ања и Горазд, на кои што сум им бескрајно благодарна што ми дадоа сосема друга димензија на мојот живот. И тие две мали суштества ме прават најгорда, тие се мојата инспирација и поттик. Но, за да тие дојдат на овој свет неопходно беше да се случи нивниот татко во мојот живот, кој што веќе добри две децении успешно се справува во улога на мој брачен партнер. Горда сум на моите пријатели кои што ги имам и со кои што можам да го изгубам чувството за време, со кои со часови можам да разговарам и секогаш да ми недостасува време за да ги размениме ставовите, мислењата, толкувањата. Секогаш солзите кои настанале на такви дружби ми се најдрагоцени, било да се од смеење или плачење.

    Принципиелна, посветена и трудољубива личност која што низ годините научи дека не е важно она што и се случува, туку како самата реагира на тоа. Благодарение на мојата драга Славица осознав дека беспредметно е да се трудам нешто да променам во минатото, затоа што тоа е просто невозможно и бескрајно ѝ благодарам за тоа. Ништо во животот не ни се случува туку така и без причина и единствено нешто што можеме да направиме е да извлечеме поука за во иднина.

     Што е успех за Вас и кој е Вашиот најголем успех во животот?

    - Мојата дефиниција за успех е секое ново утро кога ќе се погледнам самата себе да си испратам насмевка и поддршка, секој нов ден исполнет со бескрано задоволство и љубов со оние што ги сакам и ме сакаат и додаваат различни бои во мојот живот, моето семејство и пријателите и многу малку болка која што ме потсетува на благодарноста за сé што имам и колку тоа има бесценета вредност.

    Многумина од луѓето се обидуваат да научат како да бидат успешни во животот. Но, она што јас го имам научено, осознаено и применето тоа би го симплифицирала во неколку принципи: да ја спознаеме својата цел, да знаеме што не инспирира или кое е нашето зошто, да се фокусираме на тоа и да преземеме огромна акција, потоа да ги забележуваме нашите резултати и доколку не е тоа што го посакуваме да го смениме и прилагодиме нашиот пристап. Тајната на успехот е да научиме како да ја користиме и болката и задоволство, наместо тие нас да не користат и дури тогаш може да кажеме дека имаме контрола над нашиот живот и дека сме успешни. Кога осознав дека животот е 10% што ни се случува, а 90% е како ние реагираме на тоа, за мене тоа беше неверојатно. Точно се сеќавам на моментот кога ја слушнав оваа реченица од една од најзначајните личности во мојот живот (ќе се препознае кога ќе ме прочита), се сеќавам на морниците кои ми поминаа низ телото и самата помисла колку ние како човечки суштества имаме моќ, а колку малку или воопшто не ја користиме.

    И сосема на крај што би им препорачале на нашите читатели?

    - Би завршила со извадок од книгата „Правилото 10 Х“ од Грант Кардон: „Кога ги избирате луѓето од кои сакате да учите, барајте ги исклучителните – оние што се истакнуваат поради начинот на кој му пристапуваат на својот живот. Нека не ве загрижува мислата дека тие се посебни или различни од вас. Фокусирајте се на тоа како размислуваат и дејствуваат тие и како можете и вие да го направите истото. Успехот не е избор или опција, ваша должност е да функционирате на вистинскиот степен за расмислување и акција. Па, затоа исполнувајте ја вашата обврска да оставите своја трага на планетава – така што, кога ќе ви заврши должноста, ќе ве помнат затоа што сте му приоѓале на вашиот живот со ништо помалку од најголемите соништа и најимпресивните акции. Запомнете: успехот а ваша должност, обврска и одговорност, а ако размислувате на 10 х нивоа и преземате 10 х акции, сигурен сум дека ќе создадете повеќе успех отколку што сте сонувале кога и да било!”