×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ајмо ајде, сви у напад!

    Емил Ташевски

    Демократијата е дефинирана од одредени основни принципи и практики кои се дел од општеството. Примарниот принцип е дека сите луѓе се еднакви и дека им припаѓаат одредени индивидуални права, а дел од нив се слобода на изразување и гласање на фер избори. Зошто ги споменав овие две работи? Пред неполна недела дена се одржаа локални избори во Хрватска, а посебно демократски капацитет покажаа граѓаните на Загреб.

    Загрепскиот модел за освојување на локалната власт ја постави зелено-левичарската коалиција “МОЖЕМЕ”, чиј кандидат Томислав Томашевиќ освои најголем број на гласови и во првиот и во вториот круг. Неговото “пркосење”, што би рекол нашиот премиер, не е прв пат. Во 2017 година тој ја водеше коалицијата “Загреб е наш” и беше кандидат за градоначалник, но тогаш коалицијата освои четири места во нивниот совет, а тој беше меѓу избраните советници и од тоа место упатуваше сериозни критики до тогашниот градоначалник Милан Бандиќ. На парламентарните избори во 2020 година тој влезе во хрватскиот парламент на чело на зелено-левата коалиција која освои осум места.

    Овој млад и храбар активист за животна средина, кој не се двоумеше да им укаже на злоупотребите дури и на најмоќните луѓе е огорчен од десничарите и нивните политики кои со години се спроведуваат во Хрватска.

    Моето прашање до самиот себе е дали ние во нашиот град имаме капацитет за нешто независно и различно од стегите во политичките партии како тоа во Загреб?

    Успешната борба на зелено-левичарската коалиција укажува дека сепак треба да се има некаков background за да се влезе во длабоките ровови на фронтот кој ќе носи подобар живот.

    Томислав Томашевиќ пристапи со озбилни проекти кои ги засегаат граѓаните на Загреб, а не со 3Д анимации. Исто така имаше став за било кое важно прашање колку и да беше болно по граѓаните. Членовите на оваа левичарска коалиција не беа уценувани да споделуваат негови изјави, а исто така прифаќаше критики и не идеше со главата во ѕид.

    Дали е тоа така кај нас?

    Имам впечаток дека кај нашите локални политичари преовладува Хобсовиот синдром - секој да влегува во „војна“ со секого. Неправдите кои ги нанесуваат еден на друг, па и на граѓаните најчесто според мене ги прават од страв. Се држат до Макијавели дека целта ги оправдува средствата и со тоа прават штета на секого.

    Мојот одговор на прашањето за нешто ново и независно го добивам набљудувајќи го менталитетот на луѓето, а поголемиот дел од него ми вели дека луѓето кај нас сакаат промени, но при тоа да не учествуваат во таков натпревар. Сите на маса зборуваат и негодуваат, а од друга страна не сакаат да мрднат со мал прст.  Сепак што побргу почнеме со пркосот и го стигнеме Загреб и нивниот демократски капацитет толку поскоро ќе имаме подобар живот и ќе ги тргнеме стегите. Но “Није све тако сиво” што би кажал Миле Кекин. Овој град уште има душа и уште има луѓе борци кои пред сé се образовани, кои со дело покажале дека можат и знаат. Покажале на своите работни позиции пред сé во приватниот сектор, но и луѓе во државните институции. Тие треба да влезат во битката за новите вредности кои секојдневно ги покажуваат. Промените мора да почнат од обичниот човек и приватниот сектор кој институциите ќе мора да ги прифатат. Ве охрабрувам.

    АЈМО АЈДЕ, СВИ У НАПАД!

    Емил Ташевски  Емил Ташевски (Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ)

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*