Советникот на ВМРО- ДПМНЕ, Невена Величковска, се дрзна да праша за капиталните проекти на Oпштина Куманово. Секако, на младата девојка, не можеме да и замериме на дрскоста, бидејќи, според годините, и недостасува искуство за толкување на политичката сцена во градот. Тоа го разбра и искусниот волк, па после неколку коментари наменети за граѓаните, и го даде клучниот збор, или подобро кажано код за откривање на вистината, лозинка за правилно согледување на реална слика во Куманово, а тоа е „Алхемија“.
И јас би сакал да дадам ист совет, како градоначалникот. Во случај Невена Величковска, навистина да има искрена желба, а не тесно партиска перспектива, да ги согледа проектите и успесите на Општината, таа треба да внесе огромен труд за да се здобие со знаење. Има време, и самата ќе се увери, до крајот на мандатот, дека вистината е розева, и единствено е потребно ширината на погледот во комбинација со посебни техники и методи за подигање на свеста.
За почеток на Невена, но и сите опозиционери и негатори на историските успеси, невидени во пет века Куманово, потребен е Алхемиски прирачник.
Со прочистување на умот и срцето и откривање на prima materia, лесно ќе се дојде и до Каменот на филозофите, за будење на вистинската личност сокриена со плаштот на илузијата. На самиот почеток мора да се внимава, бидејќи сите почетници на изучување на алхемија се стрпливи, посветени луѓе со високи морални и духовни принципи. И не случајно на седница на Советот на Општината како ехо се разнесе до ушите на сите внимателни слушатели, зборот Алхемија. Познатиот алхемичар од 14. столетие, Бонус од Ферара со иста намера како нашиот градоначалник, зборуваше на своите ученици: „Клучот на сите исправни работи, Вештината над вештините, Наука над науките“. Тој секогаш потенцирал дека алхемискиот процес не е единствено преобразба на метал во злато, највисокиот степен на откровението е преку интелектуалните и духовните способности да се промениме самите себе.
За повисоки нивои на гледање на паралелните светови од Општината препорачува изучување на Кабала, со посебен осврт на основачот Мојсије де Леон и неговото дело Зохар, напишано во изгубената пештера во Андалузија во 13. век. Пожелно е пред да им се прикажат чистите улици, сите неверни Томи и негатори да направат обред во стара зороастерска традиција, и со жртвување на бик да се отворат астралните капии за вистинска реалност. Сумерска езотерија е под обавезно. Во примена на гледање на културни настани, како што е театарска претстава, џез фестивал, промоција на книги и слично, потребно е комбинација од влашка магија, плесот на Чироки Индијанците за привлекување на дожд, со читање на специјално избрани текстови од старо египетската Книга на мртвите.
А мора да признаеме дека за сево оваа е потребно време. Затоа и не можеме да и замериме на младоста. Но, за две до три години, кога Невена ќе ги изучи тајните на алхемијата, кодови скриени во Кабала, скриено знаење во гностичките записи, посебно од периодот на првиот век од нашата ера напишани во Александрија, со примена на тајни ритуали, и таа ќе има можност да го види европско Куманово.
Тогаш и на неа ќе и стане јасно дека не гледа семафор, туку електронско комуникациска опрема за регулирање на сообраќајот, со вертикална поставеност на цврста конструкција од материјал отпорен на временски влијанија, со функција на колоритно сигнализирање претходно утврдено со правилник поставена на раскрсница „Октомвриска револуција“ и „Пиринска Македонија“.
Нема да постои пешачки премин туку, со внимание ќе се восхитува на веста: „Денеска се завршува проектот финансиран од буџетот на Општината, за вертикална сигнализација, во кој е користена нова модерна опрема. Во реализација се вклучени високообучени експерти за справување со остатоци на опасни хемиски материи“.
Уредување на патна инфраструктура за непречена комуникација на луѓе и стока во вршење на експорт импорт на разни роби, со цел на зголемување на стандардот на нашите граѓани и подобрување на непречена размена на идеи. Нема никогаш повеќе да биде тротоар.
Со промена на свеста семафор, пешачки премин и тротоар и за Невена Величковска, како и останатите непросветени советници, ќе станат колосални проекти од невидени размери за развој на Куманово. Монументални достигнувања кои според својот опсег и големина, никој досега во 5. века на Куманово, не се осмелил да ги направи.
Ќе дојде и тој ден, кога сите посрамено и срамежливо ќе се погледнат во огледало и ќе си речат дека за актуелната администрација не постои збор „невозможно“.
И се со помош на херметичката филозофија, која со своите практични тајни, секогаш го потврдува својот древен аксиом: „Како е горе, така е и долу. Како е долу, така е и горе“. Или во кумановска варијанта: „Како мисли градоначалникот, така мислат граѓаните. Како мислат граѓаните, така мисли градоначалникот“.
Алхемија, и се е можно.
Милош Стаменковиќ Милош Стаменковиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*