Заврши и „лудилото“ наречено локални избори. Сега можеме мирно да се вратиме на секојдневните слатки маки. На пример, да се интересираме за неважните работи како што се: ПМ честичките и загадениот воздух. Со восхит да гледаме во преполните контејнери со ѓубре и воодушевено да укажуваме на упорноста на надлежните да не ги празнат. Не очекува и зимска романтика - покриени, со запалени свеќи во темница, кога ќе настапи енергетската криза и рестрикции на електрична енергија. Но, сето тоа се ситници, кои се составен дел од животот. Неважни, мали нешта, кои не прават среќни.
Тоа што е најважно во Куманово се фактите. Максим Димитриевски е новиот градоначалник. ВМРО-ДПМНЕ оствари историска победа и го срушу бастионот на СДСМ. Атина Мургашанска, пак, ќе стане претседател на Совет.
Циркусот Медрано, Британската влада со сценарио на Ден Браун, не може да направи ваков трилер. Се е исто, а сепак различно.
Јас сум убеден дека се работи за хибридна операција од типот на МК Ултра. МК Ултра е тајната шифра за незаконска, прикриена операција во режија на ЦИА, со која се правеле експерименти над луѓето. Од објавените документи експериментот бил составен од управување со менталната состојба на луѓето и менување на функција на мозокот преку користење на дрога и хемикалији, изолација, сексуална и вербално злоставување и спектар на различни методи на мачење.
Тоа било во педесетите години на минатиот век.
Сега е тоа доведено до совршенство.
Ментална состојба на луѓето е позната. 25% од население има ПТСД, 35% се лекува со депресиви на своја рака, 15% им е срам да побараат стручна помош. Останатите мислат дека се здрави и нормални луѓе. Првиот дел од кумановскиот проект УМ Ултра е совршено исполнет.
Користење на дроги и хемикалији е позната работа. Но, за разлика од оргиналниот проект кадe добивате бесплатно дрога и хемикалии, во новата верзија, сами си плаќате. Поради тоа полесно ќе купите кокаин, отколку вибромицин. Да набавите антибиотик во Куманово, без рецепта, е научна фантастика во споредба да купите хероин.
Изолација е исто така перфектно осмислена. Освен со масовна изолација во време на ковид пандемија, луѓето се самоизолираат и кога се на прослави, родендени и седенки. Сите гледаат во своите паметни телефони и никој со никого не разговара. Самоизолирање.
Во делот на проектот МК Ултра во врска со сексуално и вербално злоставување, доволно е да вклучите телевизор. На секоја програма имаме „вербално ... во здрав мозок“.
И така, кога ќе ги измешате сите состојки на МК Ултра, во кумановска верзија, добивате изјава на градоначалникот: „Јас сум социјалдемократ“. Одговор: „Ти си исклучан од партијата“. После избори контра-реплика: „ Димитриевски ќе се врати во СДСМ“ и одговор од истиот: „Нема каде да се враќам кога никогаш немам заминато“. И врв на лудилото е кога членови на ВМРО по наредба на долгогодишните соработници на Максим Димитриевски ќе гласаат за него.
За случајот со градоначалникот, Бугарите имаат соодветен израз. Под прикритие. Тука е се јасно. Во случај со СДС на Нашата земја, тие моментално се на хемотерапија со неизвесен крај. Хипотетички кажано, Димитриевски да се врати од таму од каде никогаш нема излезено, постои сериозна шанса пациентот да преживее.
Во случајот на ДПМНЕ уште немам информација дали е ставен катанец на главниот штаб во познатата „Томбола“. Зошто да имаат непотребни трошкови за струја и кирија до 2071 година?
Можеби некоја драстична промена и комплетно реновирање на ДПМНЕ може да помогне. Од типот Жико Жирафа како стечаен управник. Но, се тоа е во доменот на теорија.
Во суштина се е исто во последните 30 години, со тенденција следниве 30 години да стане уште полошо.
Тоа самите го избираме.
Јас лично се надевав дека на луѓето им сметаат валканите улици, полните контејнери, загадениот воздух, нерешениот сообраќај и градежната мафија.
Сум бил во голема заблуда.
На изборите масовна подршка добија луѓето, кои се најодговорни за овие состојби.
Јас повеќе немам зборови.
Сега сум 100% сигурен дека Чак Норис нема да дојде во Куманово. Тој беше последната шанса.
Милош Стаменковиќ писател
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*