Велат дека по завршена битка сите изигруваат генерали - сите сакаат да паметуваат. Во овој контекст се и следниве размислувања, односно се однесуваат на актуелнава состојба во која се најдовме како општество. Сепак една констатација опстојува, по сите премрежја што ги доживуваме секојдневно, во ова време (невреме) на големи искушенија - ова општество дефинитивно има перспектива. Но најпрвин, пред да донесеме клучни одлуки за тоа како понатаму мора да направиме една детална и сеопфатна анализа. Сите добри и помалку добри работи што ни се случуваа во изминатиов период мора да бидат именувани со право име и презиме, (не ставајќи ги под тепих, кои потоа многу брзо ќе ни се вратат како бумеранг), во спротивно ќе останеме во ,,зачараниот круг’’, или фигуративно кажано ,,као’’ се ни е идеално, односно ние сме ,,као’’ вистинска правна држава. Во деновите и месеците што следуваат мора да докажеме дека сме зрел и умен народ - повеќе рационални, а помалку емотивни. Нашите комшии Срби велат ,, на муци се познају јунаци’’. Нема место за апатија и разочарувања, само да ги збиеме редовите, повеке самодоверба, меѓусебна почит и љубов - главата горе одиме напред.
Сето она што не чинело во политиката, како што се организацијата, кадровските решенија или можеби донесувањето на некој нефункционален закон мора да се промени. Треба да бидеме свесни дека ништо во животот и општеството не е идеално. Постоеле и ќе постојат грешки, сега не е време за дефетизам, сега е време за акција и за нови победи. Ова општество мора да профункционира во сите сегменти ако не сакаме да бидеме сива зона -не смее да има селективна правда. Како земја поседуваме доволно ресурси, прекрасни образовани кадри, на кои мора да им се даде права шанса, заедно со постарите, веќе етаблирани во сите сфери ( со еден збор да ја споиме младоста со искуството), со цел оваа наша сакана држава да тргне посилно напред. Ние мора да бараме алтернативи во смисла на привлекување на нови деловни партнери од целиот свет, како и нови пријатели - поддржувачи ( не запоставувајќи ги веќе постоечките), за да не останеме изолирани ,,возејќи’’ тврдоглаво во една насока на слеп колосек. Нашето општество е мултиетничко и сите мора да покажеме поголема љубов и почит кон татковината. Посебен интерес и грижа кон граѓаните (потенцијалните гласачи на партиите), треба да демонстрираат на дело лидерите на партиите, на кои тоа мора да им биде приоритет, а не личните и материјалните интереси, како и лицемерното ,,седење на две столици’’.
И покрај се, Македонија и македонскоиот народ, сепак имаат светла иднина. Ваквата иднина ни предстои доколку сме доволно мудри и доколку не дозволиме разните ,, белосветски мешетари’’ не сместат во ,,гета’’ или уште полошо не разделат ( да завладее апархејд), и како резултат на тоа ни исценираат војна, во 21-ви век кога некои напредни народи се подготвуваат да го освојат Марс, ние ќе слушаме ,,воени труби’’.
Да се обидеме да се договориме со нашите соседи, поблиски и подалечни, да создадеме голема економска заедница, со повеќе милионски пазар (не мора тоа да биде само ЕУ), каде секоја индивидуа ќе си ја добие својата шанса за подобро работење и поубаво живеење.
Со еден збор, да се изразам со денешниот речник, мора да се ,,ресетираме’’ како народ и општество во сите сфери и успехот нема да изостане.
Михајло Петровски Михајло Петровски, стопанственик
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*