Она што го слушаат кумановци со години наназад е дека никој од Скопје не сакал да му помогне на Куманово. Се прашувам како да го сторат тоа, кога во градот не постои визионерски концепт. Одредена структура на луѓе повеќе од 20 години нема никаква визија и не знае на која страна да тргне. Таа структура секогаш бара некој друг да направи нешто, за да таа се кити со туѓо перје. Тоа доаѓа од идеологијата на социјал-демократите. Тие се ослободени од потреба сами да донесуваат одлуки. Секогаш некој друг одлучувал за нив, и ги трпeл последиците од тие одлуки, а не тие !!!
Дали оваа структура некогаш помислила што таа може да направи за својот град, за својата татковина? Одговорот е не. Намерата не ми е да спомнувам имиња. Достоинството на кумановчани е доведено во прашање. Кумановчани одат на печалба. Секој поединечно си ја одредува својата иднина. Кумановчани се подготвени за промена, која секој поединечно си ја создава.
Сеништата на минатото сé уште се присутни, а некои политичари немаат сила да ја разберат не само политичката, туку и цивилизациската реалност. Колку повеќе некој те негира, толку повеќе ти го развива чувството за сопствениот идентитет, ти ја зацврстува волјата за независност и за самоидентификација. Секој си е ковач на сопствената среќа. Кумановци нема да дозволат било кој да им ја одредува среќата и иднината. Особено не со вазалска политика и однесување, особено не политички минхаузени.
Време е да се направи промена. Време е за поинаков поглед кон демократското европско минато сегашност и иднина. Време е да се започне борба, во која особено не, по првиот неуспех, да се напушти бојното поле. Граѓаните на Куманово се кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба која поради жестоките политички услови не очекува. Кумановчани се познати како борци за слобода. Тие знаат дека кога човек може да управува со нешто што е негово, тој е слободен човек. Оваа нешто го поседува само политичар доследен и верен на конзервативна демохристијанска идеологија. Потребно е да покаже интелектуален капацитет, но и личен интегритет, темелно да го трасира патот на просперитет на Куманово.
На Куманово му е потребно крупно кадровско освежување во области од локален интерес, нови и свежи лица. Личности кои покрај стручноста, компетентноста и угледот се широко прифатени од граѓаните. Личности кои ќе донесат промена и ќе овозможат достоeн стандард на живеење во Куманово. Личности со јака харизма, цврсти во своите ставови кои никој не може да ги скрши.
Што може еден човек? Многу! Еден нов човек во националниот кошаркарски тим ни донесе нов поглед на нештата. Ни покажа дека не сме дежурни лузери. Но видовме и нов квалитет во менталитетот. Ги преболевме дел од поразите, славевме како победници, што беше невидена работа на овие простори. Дочекот на нашите херои на аеродромот покажа дека не секогаш сме подготвени да ги напуштиме оние во кои до вчера сме се колнеле. А тоа редовно го правевме.
Прославите на плоштадот во Куманово на секоја победа на националниот тим, покажаа дека има надеж. Потребен е човек, лидер, кој ќе го запали светлото во овој темен град. Кој ќе го понесе факелот да го покаже патот. Пред кумановчани треба да застане човек кој неизмерно го сака својот град и својата татковина, Република Македонија. Човек кој силно верува во Куманово и Република Македонија и кој сета своја животна енергија и богат дух ќе го насочи во остварување на таа визија. Човек кој со патриотски ентузијазам енергично ќе поведе напред, и почитувајки ја историјата ќе работи во сегашноста мислејќи за иднината .
Успехот никогаш не е конечен, неуспехот не е фатален. Она што е битно е храброста да се продолжи, да не биде како вчера, да имаме сигурно денес и просперитетно утре за нас и нашите деца.
Член на ВМРО-ДПМНЕ
Дејан Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*