Македонската надворешна политика веќе некое време е во ќор-сокак. Голем дел на македонското гласачко тело е зависно од голата егзистенција и низ призма на неа ги гледа политиките, кои се креирани (или не) од двете најголеми политички партии. Моментално владејачката партија по секоја цена се труди и најверојатно ќе истурка мнозинство, кое ќе изгласа уставни измени кои ќе исполнат еден од условите кои се зацртани со предлозите на една од водечките земји во ЕУ. И никој не знае што понатаму, односно народот што живее во оваа држава после тоа наслутува некој нов услов и сѐ така во бескрај. Водени од условите кои беа поставувани во минатото, но и директни изјави на претседателот Макрон дека ЕУ не е спремна во блиска иднина на проширување, ќе не доведат пак во некој ќор-сокак, кој следниот пат ќе биде раскопан со кал, бидејќи повторно ќе доведе до нови разочарувања кои ќе резултираат со нови иселувања на цели семејства. Од друга страна, опозицијата предводена од ДПМНЕ која моментално води на сите партиски анкети не нуди никакво различно решение, и својот рејтинг го гради само на грешките кои ги прави власта предводена од СДСМ.
Ретко кој го познава Чак Џонс, креаторот на цртаниот филм којот и птицата итрица, но сите го знаеме звукот “бип-бип”. Штом ќе се слушне тој звук, сите знаат дека неуморната птица што трча го надмудрила бескрајно упорниот и исто толку неуспешен којот. Премиерот и владата се упорни и на сѐ пристануваат само да ја фатат брзата птица итрица односно ЕУ, но таа секогаш успешно бега, несакајќи да биде во друштво со којотот. И така, уште пред обидот на којотот, сите ние чии детства ги одбележа ова познато дуо со нетрпение го чекаме моментот кога гравитацијата ќе го претвори којотот во магаре. Тоа е моментот кога стапицата за стаорец во американската пустина не вроди со плод, а самиот којот станува жртва на неговата неоснована амбиција да ја фати птицата итрица, обично на работ на карпа долга илјада метри над кањонот... И тогаш, кадарот се задржува на лицето на којотот, кој го сфаќа пропаѓањето на неговиот обид, неговото лице добива контури на магаре. И епилогот: неизбежниот пад во клисурата. Кај нашата власт е уште пострашно и потрагично. Што би рекле кумановчани “образ ѓон” тие обично се прават како да не паднале во кањонот. И мува не ги лази.
Па, така на најкраток можен начин би можело да се опише вековниот проблем на балканскиот менталитет. Нашиот премиер во улога на тој лукав којот кој смислува начини да постигне просперитет во сите области на човечкиот живот, но сè што слушаме е трагичниот звук што ги буди нашите чувства: “бип-бип” и паѓање во клисурата. Извинете, со среќа следниот пат. И исто како и којотот од познатите Looney Tunes, ние сме со исто ниво на ентузијазам во секоја нова епизода, секој пат е практично како првиот пат. Убедени сме како којот дека имаме план, толку лукав што би можеле практично да му ставиме опашка и да го наречеме лисица. Но, колку и да се посветуваме на новиот план за постигнување благосостојба и без разлика како го нарекуваме: социјализам, капитализам, феудализам, демократија, диктатура, просветлен апсолутизам, секогаш добиваме загарантиран исход, исто како којот со птица тркач, бип – бип.
Никогаш не сме го виделе којотот барем во една епизода да размисли за неуспехот на претходниот план, никогаш во 70 години. Цели 70 години тој смислува план кој никогаш не бил смислен, а секој пат кога некоја брилијантна идеја при нејзиното спроведување ќе падне во клисура длабока илјада метри, колку и да е теоретски брилијантна. Така е и со нашите властодршци. Разликата сепак е голема. Тие во бездната нѐ фрлаат и нас, а ние сепак живееме реални животи, а не цртани филмови.
Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*