Отпадот во Куманово – време е за систем што ќе работи
За хигиената во градот најчесто зборуваме само кога ќе се преполни контејнерот пред нашата зграда, кога ќе се истури градежен шут покрај патот или кога ветерот ќе ни донесе непријатна миризба во нашите домови. Тогаш сите имаме што да кажеме. За комуналното претпријатие, за градоначалникот и за соседот што го оставил отпадот таму каде што не треба. Но, кога ќе се исчисти местото, како да се исчистил и проблемот. До следниот пат.
Затоа сметам дека е време за посериозен разговор. Како Куманово ќе го организира собирањето, селектирањето и третманот на отпадот во следните десет години и кој ќе ја преземе одговорноста тој систем да функционира секој ден? За ова прашање зборувам и од лично искуство. Бев член на Советот на Општина Куманово и претседател на Комисијата за заштита на животната средина. Претходно бев и директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање. Затоа оваа проблематика ја познавам и од работата во институциите, од расправите, одлуките и обидите да се постави долгорочно решение.
Во времето кога бев во Советот, заедно со тогашниот градоначалник инсистиравме проектот за регионално управување со отпадот да се вклучи во финансирањето од Европската Унија. Сметавме дека тоа е посигурен пат од концептот на јавно-приватно партнерство, кој во некои региони не успеа да го даде очекуваното решение. Нашата определба беше да се изгради регионален систем со јасна јавна одговорност, обезбедена инфраструктура и долгорочна корист за граѓаните. Во 2013 година го воспоставивме концептот за регионална депонија. Потоа, во годините што следеа, беа набавени и комунални возила и садови за собирање на отпадот. Тоа требаше да биде почеток. Но, денес, тринаесет години подоцна, од регионалната депонија – нема ни трага ни глас. Граѓаните заслужуваат да знаат што се случи со тој концепт. До каде стигна проектот? Што е завршено? Што го задржува? Кој е одговорен за следниот чекор и кога конечно ќе добиеме функционален регионален систем? Возилата и контејнерите секако дека се потребни. Но, отпадот што ќе го соберат мора да има каде соодветно да се третира и одложи. Токму тој дел од приказната сè уште го чекаме.
Според Државниот завод за статистика, во Македонија во 2025 година биле создадени околу 756 илјади тони комунален отпад. Од собраниот отпад 86,5 проценти бил мешан комунален отпад, а 99,8 проценти бил одложен на депонии. Ова се податоци за државата. За Куманово треба да ги ставиме на маса нашите локални податоци. Колку отпад создаваме? Колку собираме? Колку издвојуваме? Колку нè чини неговиот транспорт и одложување? Без тие одговори тешко може да се направи сериозна пресметка, а без пресметка, секоја голема најава останува желба. Постулатот треба да ни биде дека Одговорноста почнува пред контејнерот. Граѓаните имаат обврска да го оставаат отпадот на определеното место и да го почитуваат редот. Тоа треба јасно да се каже. Но, институциите имаат обврска да обезбедат доволно садови, редовно празнење и достапно место за отпадот што не може да заврши во обичен контејнер. Стар душек. Искршен мебел. Гуми. Телевизор. Остатоци од реновирање. Граѓанинот треба да знае каде да ги однесе, во кое време и под кои услови. Таа информација треба да биде едноставна и достапна. Потоа доаѓа контролата. И санкцијата за оној што свесно го прекршува редот.
Селекцијата мора да има смисла
Можеме да поставиме контејнери во различни бои, можеме да поделиме летоци и да организираме едукативни кампањи, но граѓанинот ќе ја прифати селекцијата кога ќе види дека неговиот труд има смисла. Ако ја одвои хартијата, треба одделно да се собере. Ако ја одвои пластиката, треба да има каде да се предаде. Ако Општината бара од домаќинствата да го менуваат однесувањето, мора и самата да го промени начинот на работа.
За почеток, предлагам организирана селекција во избрани населби, училишта, јавни установи и поголеми деловни објекти. Со јасен распоред, договорено преземање и мерење на резултатите. Потоа да видиме што функционира и каде треба да се поправи. Така се гради доверба. Секој вид отпад бара свој пат. Хартијата, стаклото и металот треба да имаат организирано собирање и предавање за рециклирање. За пластиката треба да се утврди кои видови можат да се издвојуваат и кој ќе ги презема. За органскиот отпад од пазарите, зеленилото и поголемите кујни треба да се испита можноста за одделно собирање и соодветен третман. За кабастиот отпад, електричните уреди и отпадот од домаќинствата што бара посебно постапување, потребни се собирни места и организирано преземање. И тука мора да бидеме реални. Рециклирањето има трошоци. Компостирањето бара услови и контрола. Производството на енергија од отпад бара внимателно избрана технологија, сигурни количини и сериозна економска и еколошка оценка, а не неконтролирано горење, што ја труе околината. Транспортот исто така се плаќа. Затоа решението треба да го избереме според составот и количината на отпадот, растојанијата и можностите за негов третман. Заедно со соседните општини, таму каде што заедничкиот систем е пооправдан.
Токму тоа беше и смислата на регионалниот концепт: општините заеднички да обезбедат инфраструктура што ќе им служи на сите. Но, регионалната депонија е само еден дел од системот. Потребни се и организирано собирање, селекција, транспорт, третман и контрола на она што конечно ќе се одложува.
Што конкретно треба да се направи? Од градоначалникот, Советот и надлежното комунално претпријатие очекувам јавен оперативен план. Од надлежните државни и регионални институции очекувам јасна информација за состојбата со регионалниот проект.
Во тие документи треба да пишува:
– што е реализирано од концептот поставен во 2013 година и што останува да се заврши;
– каква е состојбата со финансирањето, документацијата и реализацијата на регионалната депонија;
– кои се пречките, кој треба да ги отстрани и во кој рок;
– каде недостигаат контејнери и кога ќе бидат поставени;
– како ќе се обезбеди редовно собирање во градот и населените места;
– каде граѓаните ќе го предаваат кабастиот и другиот посебен отпад;
– во кои населби ќе започне организирана селекција;
– кои диви депонии прво ќе се исчистат и како ќе се спречи повторното фрлање;
– колку ќе чини секоја мерка и кој е одговорен за нејзиното спроведување.
Предлагам ваквиот план и информацијата за регионалниот проект да се претстават пред јавноста во рок од 90 дена, а за спроведувањето да се известува на секои три месеци. Со количини. Со трошоци. Со завршени обврски. Фотографијата од исчистено место е добар почеток. Вистинскиот резултат ќе го видиме кога тоа место ќе остане чисто и по шест месеци.
Треба да зацртаме каков град сакаме? Куманово треба да има амбиција да биде град во кој комуналната услуга е сигурна, јавните пари се трошат одговорно, а граѓаните знаат што се очекува од нив. За тоа се потребни опрема, работници, организација и соработка. Потребна е и политичка волја работата да продолжи и кога ќе поминат камерите и јавните реакции. Секој од нас треба да го исчисти својот дел од одговорноста. Граѓанинот – со своето однесување. Институциите – со системот што го организираат и резултатите што ги постигнуваат. Во 2013 година поставивме концепт. Денес треба да видиме резултат. Тринаесет години се доволно време за да престанеме да зборуваме само за тоа што ќе биде. Куманово заслужува да биде чист град. А чистиот град се прави секој ден.
д-р Миле Јакимовски, доктор по агроекономски науки
Други колумни од д-р Миле Јакимовски
Когенеративна електрана во Куманово
25.04.2026
По утрото денот се познава
30.08.2025
Василичарска приказна
11.01.2011
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*