×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Патологија

    М-р. Бранко Арсовски

    Пред повеќе од 40 години во претходната држава СФР Југославија на Факултетот за политички науки во Белград, професорот д- р Велизар Најман го промовираше својот научен труд „Патологија на социјалистичко општество„. Во содржината на книгата го елаборира неговото научно истражување при што ја потврдува тезата дека во социјалистичко општество постои метастаза на криминална и друг вид на патологија, при што се задржува на повеќе сфери: образование, култура, спорт, здравство, вработувањето и др, но и во сфера на политичкиот и економскиот систем.

    Кога се навратив деновиве повторно на оваа книга, која беше и испитен предмет, ми дојде помисла дали нашиот капиталистички систем и општество кое функционира од 1990 година со промена на Уставот на Р.Македонија е зафатен со социо - патолошките елементи и во каква форма и интензитет. Морам однапред да се оградам дека јас не направив некое пофундаментално и научно потврдено истражување на овој план и заради тоа мојата констатација и тврдење ќе се базираат на информациите кои ги пласираат електронските и пишани медиуми, но и од секојдневните информации на релевантни државни органи, а пред се Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Јавното обвинителство, судовите и сите други кои на еден или на друг начин имаат сериозни информации. Во тој контекст би ги споменал и извештаите на меѓународни асоцијации кои ги следат состојбите во Р.Македонија и често пати сигнализираат во институции на системот.

    Според мене може слободно да се рече дека македонското општество е сериозно нападнато од сите форми на социо - патолошки појави кои од ден на ден се побројни со можност да го руинираат и дезорганизираат целото општество. Не е тешко да извлечеме заклучок дека социо - патологијата во форма на криминал, мито, корупција па и други форми се присутни во образованието, здравството, културата, спортот, вработувањето, социјалната политика во потесна и поширока смисла, но за жал и во институциите од централна и локална власт.

    Не можеме да го пренабрегнеме фактот дека постојат посериозни индиции на криминал, мито, корупција и во структурите на политичките партии посебно во делот каде е лоцирана политичката моќ. Во последните неколку години, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство покренаа постапка за кривично гонење на многу обични граѓани кои се судриле со законот, но и на видни функционери па дури и лидери на партии. Јавна тајна е дека граѓанинот за своите услуги е принуден да влезе во сферата на криминал, мито, па и коруптивно однесување, бидејќи без тоа многу тешко ќе може на легален начин да ја оствари својата потреба, дали се работи за здравство, образование, култура, спорт, комунална сфера, вработување итн.

    Многу е сериозно што граѓаните се убедени дека без криминално однесување нема услови на легален начин да дојде до средства за побогато и комотно живеење. Без мито и корупција не може да се вработи или по брза постапка да заврши факултет, па дури и да магистрира, а посебно да користи специјалистичка здравствена заштита во државното, но и приватно здравство. Ако е така тогаш македонското општество мора да се справи со овие социо - патолошки појави, кои имаат деструктивно дејствие со можност да го дезорганизираат општеството по вертикала и хоризонтала. Лекувањето од социо - патолошките појави е долг и макотрпен процес кој бара време, материјални средства, луѓе, но и подготвеност на сите чинители, а пред се граѓаните, политичките партии, власта, невладини организации и други.

    Ако се остават ваквите појави спонтано да се развиваат и шират, тогаш последиците се сериозни по самото општество без разлика за кое се работи.

    Мораме сите заедно, без пардон, да го осудиме патолошкото однесување на било кој поединец, без разлика на неговиот политички, верски, етнички статус. За највисоките мора да се применува генерална превенција со цел да има сериозно влијание врз останатите граѓани кои често можат да кажат, зошто може оној на власт или функција да прави криминално дејствије, а јас не би можел.

    Она што Владата на Р.Македонија во моментот го прави во доменот на покренување обвиненија и сузбивање на сите дејствија од социо - патологијата е добро, но ќе мора уште поагресивно и без селективност да продолжи и понатаму со цел криминалот, корупцијата, митото и другите форми да се доведат до толерантни граници кои не ќе бидат опасност за дезорганизација на општеството. Мора да дојдат до израз вистинските вредности во сите сфери на општественото живеење кои се фактор за правилен и сестран развој на секоја личност. Знаењето, способноста, одговорноста, чесноста мора да бидат во прв план бидејќи само на тој начин можеме да веруваме во општество со позитивни вредности.

    М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*